ВОНРЕДНИ ВРЕМИЊА, ВОНРЕДНИ МЕРКИ
➢ ПОРАКА ОД ... (20.03.2020)
👁 Прочитано: 2311



ВОНРЕДНИ ВРЕМИЊА, ВОНРЕДНИ МЕРКИ

Сериозноста на ситуацијата и нивото на загриженост во светот е без преседан по Втората Светска војна. Потенцијалот за лоши последици е голем, во секој поглед. Вистинското решение е вакцината, но треба да се преживее додека таа стигне.

Опасностите се двојни. Од една страна е здравствениот аспект, да се преживее корона вирусот. Од друга страна, да се преживеат економските последици од ситуацијата предизвикана од корона вирусот. И двата предизвици се сериозни.
Треба да знаеме дека сите ќе бидеме погодени, директно или индиректно, веднаш или подоцна, помалку или повеќе. Во првиот момент ударот е најсилен врз туризмот, угостителството и транспортот, но следи и ударот врз автомобилската индустрија, а проблемите ќе се прелеаат и врз остатокот на економијата. Но, нема да биде погоден само приватниот сектор, погодени ќе бидат и сите други сегменти во општеството.

Во ваква ситуација Стопанската комора на Македонија обезбеди канал на комуникација помеѓу бизнис заедницата и носителите на економските политики. Информациите непречено течат во двете насоки и обезбедуваат подобра информираност и координација.

Ова е време за големи одлуки, кои по својата природа ќе мора да бидат и нестандардни. Во секој случај, државата ќе мора на краток рок да ја спаси економијата за да може потоа економијата на среден и подолг рок да ја спаси државата. Во тој процес, столбови треба да бидат ставањето на сите ресурси на државата на располагање и соодветно распоредување на товарот од преживувањето на сите, државата, приватниот сектор, граѓаните, сите заедно. Никој не може сам да ја совлада оваа препрека, само сите заедно.

Вонредната состојба создава правна основа за носење мерки. Иницијалните донесени мерки треба да претставуваат вовед во нови. Брзината на носење мерки е подеднакво важна со нивниот квалитет.

Нашиот народ вели, ќе биде тешко, ама ќе победиме.