„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Презентирана методологија за предвидување на идните вештини што ќе се бараат на пазарот на труд

19.06.2025

Стопанската комора на Северна Македонија во рамки на швајцарскиот проект Образование за вработување во Северна Македонија (E4E@мк) организираше работилница за подготовка на методологија за предвидување на вештини. Истата беше наменета за претставници од реалниот сектор и претставници на институциите кои обработуваат податоци кои се од корист за креаирање на образовни политики.

Работилницата ја отвори м-р Михајло Донев, помошник оперативен директор за развој, иновации и знаење, кој пред присутните ја истакна улогата на Комората и вклученоста во креирањето на образовни политики и интервенции кои се во насока на градење образовен систем кој ги следи потребите на приватниот сектор.

„Инициравме дуално образование и учење преку работа, со јасна цел – да обезбедиме кадар кој веднаш може да одговори на пазарните барања. Иако ги мапиравме тековните потреби од вештини, предизвик останува предвидувањето на вештините на иднината. Затоа денес ја споделуваме швајцарската практика – не за да ја копираме, туку да научиме како таму бизнисот и институциите заеднички ги моделираат професиите на иднината, со цел да примениме сличен пристап и во нашиот контекст“, изјави м-р Донев.

Во име на Проектот се обрати и м-р Борис Тримчев, раководител за приватен сектор во рамки на проектот Е4Е@мк.  Тој ги запозна присутните со активностите на швајцарската програма, со посебен акцент на иницијативата за споделување на швајцарското искуство. Во своето излагање, Тримчев го истакна начинот на кој приватниот сектор и креаторите на политики соработуваат во идентификување на тековните потреби на пазарот на труд. Тој ја нагласи важноста на агилноста на образовниот систем во прилагодувањето кон овие потреби, имајќи го предвид постојаниот технолошки напредок и еволуцијата на професиите.

Мариане Милер, проектен менаџер од Швајцарската федерација за образование на возрасни (SVEB), го презентираше „ГО моделот“ за препознавање на потребни вештини и знаења во насока на нивно трансферирање водени од технолошкиот напредок во склоп на една квалификација. Станува збор за модел кој во основа опфаќа скенирање на работните задачи кои се обавуваат на една работна позиција и нивно преточување во вештини и клучни компетенции за подобро разбирање на потребите на работното место, но и дефинирање на нови вештини кои ќе бидат побарувани во иднина за истото работно место.

Во рамки на работилницата беа реализирани и посети на две компании, Усје АД Скопје и Либерти Скопје, кои се вклучени во реализацијата на дуалното образование, со цел практично претставување на моделот преку работа на студии на случај на конкретни работни позиции во компаниите. Во двете компании присутните имаа можност да се запознаат со дејноста на самите компании, дневната динамика на активности, добрите практики кои ги спроведуваат тимовите за човечки ресурси во развој на кадровските капацитети, но и начинот на соработка со стручните училишта при спроведувањето на дуалното образование, како и соработката со факултетите.