„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од групациите

Работилница за унапредување на финансиската едукација: Членки на Групацијата на небанкарски финансиски друштва дел од работилницата на Светска банка и Народната банка

20.06.2025

На 16 јуни, претставници на повеќе финансиски друштва од земјата учествуваа на работилница организирана од Светската банка, во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија. Настанот ги обедини учесниците од централната банка, давателите на финансиски услуги, индустриски здруженија и невладини организации.

Работилницата, предводена од Арон Кореневски, одговорен за односи со јавност при Канцеларијата за односи со јавност и корпоративни односи на Светската банка во Вашингтон, имаше за цел да обучи професионалци за тоа како да дизајнираат и имплементираат успешни кампањи за финансиска едукација/подигнување на свеста од комуникациска перспектива.

Присуството на претставниците од финансиските друштва, заедно со учесници од централната банка, банкарскиот сектор и невладини организации, овозможи активна дискусија и размена на искуства за предизвиците и можностите за унапредување на финансиската писменост во земјата, како и за доближување на комплексните финансиски теми до пошироката јавност. Учесниците од финансиските друштва придонесоа за исполнување на целите на работилницата, имајќи ја предвид нивната улога како директни даватели на финансиски услуги за граѓаните.

Оваа работилница го означува почетокот на една поинтензивна соработка за унапредување на финансиската едукација во Република Северна Македонија, како дел од Програмата за дознаки и плаќања, финансирана од Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (SECO). Ваквите иницијативи се клучни за градење на поинформирано и финансиски поздраво општество.