Што го предизвика историскиот колапс на американскиот пазар на нафта?
➢ Вести (21.04.2020)
👁 Прочитано: 5825



Што го предизвика историскиот колапс на американскиот пазар на нафта?

Американската нафтена индустрија доживеа инфаркт. Цената на барел нафта падна под нулата, односно -37,63 долари. Тоа никогаш не се случило во историјата: нафтените компании дистрибуираат нафта бесплатно затоа што повеќе немаат каде да ја чуваат. Магацините се преполни, а купувачи нема никаде.

Танкерите полни со нафта стојат пред пристаништата бидејќи немаат каде да патуваат. Ваквиот танкер за еден ден чини 75.000 долари, додека нафтените компании пред година дена го плаќале 25.000 долари. Така што, на сите повеќе им се исплаќа да ја подарат нафтата отколку за неа да плаќаат лежарина без никаква надеж дека ќе се продаде.

- Ако можете да најдете магацин, можете добро да заработите - вели Реид Л'Ансон, економист од комапнијата за податоци „Кплер“ од Хјустон, Тексас.

Која е причината?

Падот на цените на нафтата во негатива е предизвикан од драматичниот пад на побарувачката како резултат на пандемијата на коронавирус и војна околу цените на нафтата помеѓу Саудиска Арабија и Русија. Тоа доведе до драстично намалување на побарувачката, а бидејќи Русја и Саудиска Арабија до неодамна дури и намерно го зголемија производството за да ги уништат американските произведувачи на нафта, пазарот преку ноќ беше преплавен, а капацитетот на складирање брзо пополнет.

До пад на цената на нафтата дојде и покрај тоа што Русија и Саудиска Арабија, под голем притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, неодамна се согласија за намалување на производството за 10 милиони барели дневно. Но, тие 10 милиони барели беа премалку бидејќи светската побарувачка за нафта падна за околу 30 милиони барели дневно. Поради тоа цената на нафтата не порасна како што очекувал Трамп, туку се случило спротивното, цените на нафтата продолжиле да паѓаат за сега да потонат во негатива.
 

Извор. https://www.fakulteti.mk/news/21042020/shto-go-predizvika-istoriskiot-kolaps-na-amerikanskiot-pazar-na-nafta