ЕУ ГИ УКИНА ЗАБРАНИТЕ ЗА ИЗВОЗ НА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН
➢ Актуелно (15.04.2020)
👁 Прочитано: 1646



ЕУ ГИ УКИНА ЗАБРАНИТЕ ЗА ИЗВОЗ НА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Од почетокот на пандемијата и затворањето на границите на Европската Унија, шесте комори од регионот на Западен Балкан во рамки на Коморскиот инвестициски форум активно работат во насока на обезбедување дополнителна помош од Европската Унија.

Во изминатиот период КИФ до Европската комисија достави повеќе иницијативи коишто резултираа со позитивен исход, меѓу кои е и иницијативата за приклучување на регионот кон „зелените“ приоритетни ленти на граничните премини наменети за сообраќај на производи од приоритетно значење (вклучувајќи прехранбени производи, медицински средства и опрема, хемикалии) и елиминирање на ограничувањето на извозот на заштитна медицинска опрема од европските земји. 

Во текот на вчерашниот ден Европската комисија започна консултации со земјите-членки на ЕУ за предлог-регулативата за прилагодување на шемата за овластување за извоз,  поставена како итна мерка на 15 март, со важност до 25 април 2020 година. Во согласност со глобалните заложби на Европската Унија за справување со пандемијата на корона вирусот, шемата во предлог-регулативата е привремена, насочена, пропорционална и транспарентна.

Новата регулатива е предвидена да се применува за ограничен период од 30 дена, почнувајќи од  26 април 2020 година, а истата опфаќа само една категорија на производи - заштитни маски. Стручните служби на Комисијата сметаат дека ова е единствената преостаната категорија на производи, за којашто е неопходно овластување за извоз со цел да се обезбеди соодветно снабдување за заштита на здравјето на жителите на ЕУ.

Новата шема предлага и измени во однос на нејзиниот географски обем. Покрај претходно постојните исклучоци, со новата регулатива ослободувањето од условите за овластување за извоз важи и за шесте земји од Западен Балкан кои се вклучени во процесот на  интеграција во Европската Унија, како и Гибралтар и земјите-членки исклучени од царинската унија на ЕУ.
Во духот на меѓународната солидарност, новата извозна шема експлицитно бара од сите  земји-членки да одобрат извоз на заштитна опрема во контекст на хуманитарна помош и да ги процесираат релевантните апликации на експедитивен начин.

ЕУ ГИ УКИНА ЗАБРАНИТЕ ЗА ИЗВОЗ НА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Со новата извозна шема се бара од земјите-членки позитивно да одговорат на барањата за извоз од страна на државните агенции надлежни за дистрибуција на лична заштитна опрема или пак вклучени во борбата за спречување на ширењето на корона вирусот, а во поглед на достапноста и залихите на опремата, да се консултираат со  Комисијата.

Во согласност со напорите на Комисијата за усогласување на понудата и побарувачката во ЕУ, новата регулатива ги обврзува земјите -членки да се консултираат со Европската комисија при вршење проценка дали да издадат овластување за извоз. Комисијата издава мислење во рок од 48 часа од приемот на барањето.

ЕУ ГИ УКИНА ЗАБРАНИТЕ ЗА ИЗВОЗ НА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Во овој контекст, целта на новоформираното тело за издавање дозволи (Clearance house) е да ги координира напорите за усогласување на понудата и побарувачката во ЕУ и да обезбеди достапните материјали да одат таму каде што се најпотребни.

Предлог-регулативата исто така вклучува и клаузула со којашто и` се овозможува на Комисијата повторна ревизија на истата, со цел прилагодување на обемот на производство или времетраењето на одредбите во однос на идните случувања.

Во духот на транспарентност, новата предлог-регулатива бара од земјите-членки постојано да ја известуваат Комисијата за нивните одобрени и одбиени овластувања и ја обврзува Комисијата јавно да известува за тековните случувања.
Шемата за овластување за извоз е дел од мерките преземени од Европската Унија за решавање на епидемиолошката криза предизвикана од корона вирусот.

м-р Сања Николова

м-р Сања Николова
стручен соработник во Стопанска комора на Македонија