ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 239 ОД 19 НОЕМВРИ 2019 ГОДИНА)



Со измените и дополувањата на Законот за минималната плата се утврдува висина на минимална плата  во износ од 14.500 денари во нето износ, која ќе се исплатува започнувајќи со платата за месец декември 2019 година, заклучно  со платата за  месец март 2020 година.

При тоа, се менува членот 4, поради тоа што со овој Закон се утврдува висина на минимална плата од месец декември 2019 година  заклучно со месец март 2020 година, со цел во месец март 2020 година да се примени системското решение на усогласување на минималната плата согласно утврдените критериуми  во Законот. Усогласување на минималната плата ќе се врши секоја година во месец март, а исплатата на усогласената плата ќе започне со платата за месец април.    

Воедно, се врши усогласување на прекршочните одредби со Законот за прекршоци во делот на претходна постапка со изрекување на опомена за сторен прекршок, начинот на издавање на прекршочен платен налог за сторен прекршок, како и  жалбената постапка во однос на донесените решенија како инспекциска мерка за изречена опомена или дадена наредба. 

Се уредува дека, во случај на повторен прекршок за неисплатена минимална плата во рок од една година од денот на сторувањето на пркршокот, инспекторот на труд со решение ќе ја забрани работата на работодавачот и се уредува жалбената  постапка против донесено решение за забрана за работа.        

Исто така, се врши усогласување на досегашните глоби за сторен прекршок согласно овој Закон со новиот Закон за прекршоците за микро и мали работодавачи, средни и големи работодавачи, како и одредување на глоба за истиот прекршок за одговорното лице во правното лице, работодавач – физичко лице и службено лице и се уредува постапката и надлежноста за прекршоците утврдени согласно овој закон, како и постапката по прекршочните правни лекови  за донесените прекршочни одлуки од прекршочната комисија и надлежниот суд.

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје