ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ТУРИСТИЧКАТА ДЕЈНОСТ



Со членот 1 од Предлог - законот се уредува дека „Туристичка дејност можат да вршат правни и физички лица основани и регистрирани за давање на туристички услуги во држави од Европски економски простор во согласност со прописите за право на основање и слобода на давање на услуги, доколку ги исполнуваат условите за давање на туристички услуги пропишани со овој закон.“ Пред започнување со давање услуги, правните лица испраќаат до органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот известување за започнување со давање услуги, во кое има детали за правното лице, седиште, доказ за регистрирана дејност, даночен број, адреса на сите канцеларии во кои се даваат туристичките услуги, раководно лице, доказ за исполнување на условите за раководно лице, доказ за осигурување од одговорност и да извести и достави докази за било каква промена на дадените податоци во рок од осум дена од денот на промената.

Со предложените измени се врши усогласување со Законот за услуги во кој е транспонирана директивата за услуги 2006/123/ЕУ. Оваа одредба ќе се применува со денот на пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Со членот 2 од Предлог – законот се менува членот 40 од Законот со кој се уредуваат условите за давање услуга на туристички водич и се уредува дека туристичкиот водич мора да ги исполнува следниве услови:

1) да е државјанин на Република Македонија и

2) да има живеалиште на територијата на Република Македонија или

3) да е државјанин и да има живеалиште на територија на државите од Европски економски простор.

Туристичкиот водич мора да има најмалку средна стручна подготовка и положен стручен испит за туристички водич.

Туристички водичи кои се државјани на држави од Европски економски простор можат привремено и повремено да даваат услуги на туристички водич на територијата на Република Северна Македонија во согласност со прописите за признавање на професионални квалификации за давање на услуги за туристички водичи, освен за или на заштитени места (локалитети).

По исклучок од ставот 1 на овој член, услуги на  туристички водичи можат да даваат државјани на земји што не се држави од Европски економски простор, со живеалиште во Република Северна Македонија, доколку ги исполнуваат барањата за туристички водич пропишани со овој закон.

Целта на предложените измени е усогласување со Законот за услуги и Законот за признавање на професионални квалификации во кој е транспонирана директивата за признавање на професионални квалификации 2005/36/ЕУ. Ова се одредби со одложена примена и ќе стапат во сила по пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Со останатите измени и дополнувања се ревидира казнената политика и Законот за туристичка дејност се усогласува со Законот за прекршоци.

Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје