НЕПРЕКИНАТИ ИНВЕСТИЦИСКИ АКТИВНОСТИ И ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА

   

👁 Прочитано: 4134


НЕПРЕКИНАТИ ИНВЕСТИЦИСКИ АКТИВНОСТИ И ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА

НЕПРЕКИНАТИ ИНВЕСТИЦИСКИ АКТИВНОСТИ И ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА Гоце Трајчев, „МИК“ - Свети Николе, членка на Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија

Од крајот на минатата година, поточно од месец ноември 2019 година, „МИК“ - Свети Николе ја бележи својата 60-та година од постоењето и непрекинато работење.  Опстојувањето и одржувањето на овој континуитет во разни политички, социјални, безбедносни и економски прилики низ текот на годините се должи пред сè на постојаните инвестиции и вложувања во човечките ресурси, техничко-технолошките капацитети, еколошките стандарди и континуирано усогласување со законските барања за безбедност на храна, не само во нашата држава, туку и во другите држави.

Свесни сме дека повеќе од кога и да било зацртаните цели предвидени со инвестициските активности треба да се одржат и да се реализираат и во вакви тешки здравствени и економски состојби и соодветно да се адаптираме на новонастанатите услови, но секако свртени кон иднината да продолжиме со несмалено темпо на работење. Токму утре, во вакви услови, заокружуваме еден инвестициски циклус кој започна минатата година, а е во вкупна вредност од околу 1 милион евра, чии цели беа,прво, подобрување на енергетската ефикасност и намалување на јаглеродниот ефект, а второ,добивање на европски извознички број, кој ни дава нови можности и перспективи во идното работење.Тоа е првиот чекор во усогласување со европските услови на стопанисување и исполнување на критериумите (безбедносни, еколошки, царински) за влез и настап на пазарите во земјите на Европската унија.

Инсталирана е  фотоволтаична централа со ангажирана моќност од 610 kw, од 2.160 панели кои се поставени на постојната кровна површина на објектот. Реализирани се градежни активности, набавка на опрема, монтирање на изолациона мрежа и опрема, замена на 90% од разладните уреди со нови енергетски поефикасни и штедливи уреди за комплетниот капацитет на комори и разладни простории на „МИК“ - Свети Николе од над 10.000 м2.

Со целосно почитување на мерките воведени за спречување на ширењето на корона вирусот КОВИД-19, утре во нашите простории ќе организираме настан за официјално пуштање во употреба на новата инвестиција, на која гости ќе ни бидат претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, како и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.

Секако, со новонастанатата ситуација и најавените нови мерки за помош и ревитализирање на стопанството и понатаму остануваме заинтересирани за нови проекти, вложувања и инвестиции и користење на некои од мерките за усовршување на човечките ресурси, вградување на техничко-технолошки постапки и опремувања. Но  очекуваме и апелираме и нашите законодавни и извршни органи да ги усогласат економските, безбедносните и царинските прописи со европските, од кои сакаме и ние да бидеме дел, но да започнеме веднаш и сега, уште во претпристапниот период.