„АЛМА САВИЌ“ - СИНОНИМ ЗА КВАЛИТЕТ, КОНКУРЕНТНОСТ, НАВРЕМЕНО СНАБДУВАЊЕ

   

👁 Прочитано: 1078


„АЛМА САВИЌ“ - СИНОНИМ ЗА КВАЛИТЕТ, КОНКУРЕНТНОСТ, НАВРЕМЕНО СНАБДУВАЊЕ

Маркетинг-плановите за извоз на свежо и не-свежо овошје и зеленчук се од огромно значење и ќе придонесат за зголемување на потенцијалите за извоз на земјоделски производи и нивни преработки. Главниот резултат на овој процес претставува дефинирање на таргет-пазарите со најголем извозен потенцијал за македонските производители

Пазарите за свежо овошје и зеленчук денес се се` пософистицирани, поконкурентни, поиновативни и затоа е потребно нашите компании да го следат тој тренд. Една од компаниите која успешно „плива“ во оваа дејност и успешно ги следи сите новитети  и е  етаблирана  пред партнерите како доверлив, доследен и навремен снабдувач на овошје и зеленчук како на домашниот, така и на странскиот пазар  е компанијата „Алма Савиќ“ од Богданци.

„Алма Савиќ“ воедно е и компанија која веќе неколку години го добива  сертификатот Excellent-sme, сертификат кој го издава Стопанската комора на Македонија во соработка со познатата агенција за кредитен рејтинг „COFACE“ од Хрватска, за најуспешните мали и средни компании во Македонија. 

Овој сертификат покрај другите квалитети со кои располага компанијата, и` помага и во  позиционирањето пред деловните партнери, а преку него го демонстрираат и  својот висок кредибилитет во очите на потенцијалните партнери и клиенти. Сето ова ја истакнува  „Алма Савиќ“ ДООЕЛ како крајно сериозна компанија, која е доверлив, доследен и навремен снабдувач на овошје и зеленчук како на домашниот така и на странскиот пазар, а и како компанија која обезбедува достава на широк асортиман на производи како од домашно, така и од странско потекло.

„Алма Савиќ“ ДООЕЛ е семејна компанија со долга традиција на производство и трговија со овошје и зеленчук. Компанијата е лоцирана во југоисточниот дел на Македонија, помеѓу двата града Богданци и Гевгелија, на само неколку километри од граничниот премин Богородица. Поволната местоположба и медитеранската клима во комбинација со плодната почва и близината на реката Вардар, на ова медитеранско подрачје да виреат медитерански плодови, а плодната почва и чистата еколошка средина, поради близината на планината Кожув, овозможуваат производство на еколошки чисти и здрави земјоделски, градинарски и овошни култури.

Безбедноста на храната и нејзиниот квалитет стануваат сè поважни и со право е така, односно потрошувачите мора да им веруваат на производите што ги купуваат, па поради тоа како компанија вложуваат максимални напори, истакнаа сопствениците на „Алма Савиќ“ - Емилија и Ѓоко Савиќ, во разговор при нашата посета на компанијата. Тие истакнаа дека се залагаат за обезбедување на квалитетна услуга со доволни и разновидни количини, експедитивна испорака и пристојна цена, со што ќе бидат конкурентни во маркетите, а ќе овозможат и градење на долгорочни партнерски односи со домашни и странски клиенти.

Како резултат на големиот број од 240 сончеви денови во годината или 2.392 часа сонце, се овозможува успешно производство на многу градинарски култури, од кои како специфична се издвојува зимската зелка која успева само во овој дел од земјата. 

Традицијата, успешноста и позиционираноста на пазарот се должат како на искуството и долгогодишната работа на менаџерскиот тим, така и на квалитетот на производите и услугите што ги дава оваа компанија, но и на широкиот асортиман на производи како од домашно, така и од странско потекло за кои вршат достава.

Нивната цел кон која постојано се стремат е натамошен развој на компанијата и обезбедување одлични снабдувачки услуги, високо квалитетни производи и конкурентни  цени.

Валентина Цветковска