ОПШТО ЗА АГРОСЕКТОРОТ
👁 Прочитано: 973



ОПШТО ЗА АГРОСЕКТОРОТ
ОПШТО ЗА АГРОСЕКТОРОТ 
Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија

Земјоделството, вклучително и лов, шумарство и рибарство, претставува еден од најголемите и најважни сектори во домашната економија. Неговото учество во вкупниот БДП остана релативно стабилно изминатиот период, со околу 10-12%, а заедно со преработувачката индустрија, процентот се зголемува на 14-18%.

Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија се значително поголеми, затоа што расположливите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени и покрај традицијата во овој сектор, како и покрај поволните климатски услови. Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите кои почнаа да се исплаќаат од 2007 година не ги дадоа саканите ефекти, наместо развојна нота тие беа искористени како социјално-политичка алатка.

Но македонското земјоделство во изминатите 25 години се соочува со големи предизвици. Членството во СТО, Спогодбата со ЕУ, членството во ЦЕФТА, ги прошири можностите за зголемување на извозот, но истовремено ја зголеми домашната конкуренција.

Создавањето на конкурентен земјоделско-прехранбен сектор, кој ќе ги искористи компаративните предности на Република Северна Македонија, бара доследно спроведување на сеопфатни мерки во низа области, вклучувајќи: ефективни земјишни политики, финансирање, преструктуирање на земјоделското производство во насока на производи со дефицит на високи примања и ефективeн пазар кој обезбедува соодветна средина за техничките и претприемачките вештини на домашните фармери. Целта е да се зајакне свеста за македонските земјоделски и прехранбени производи чии имиња се заштитени со оригинални ознаки за потекло, заштитени географски ознаки или загарантирани традиционални специјалности со цел да се зголеми нивната побарувачка, да се зголеми интересот на производителите за влез во производство на заштитени производи за да се постигне нивно подобро позиционирање и да се спречи злоупотреба на заштитени имиња на пазарот.

ОПШТО ЗА АГРОСЕКТОРОТ

На Македонија и` недостасуваат економски одржливи рурални заедници кои ќе придонесат за развојот на македонското земјоделство и за пласман на македонските производи на странските пазари. Предлог-буџетот за оваа година за секторот земјоделство предвидува мерки и политики кои се во насока на унапредување на земјоделството, преку зголемување на обработливите површини, создавање услови за модерно и конкурентно земјоделско производство. Најголемиот дел од предвидените средства се наменети за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како институција преку која се исплаќа финансиската поддршка за земјоделството преку директните плаќања од Програмата за рурален развој и ИПАРД Програмата. Се планира во насока на инвестирање на модерно земјоделство, со конкурентни производи и цени на странските пазари. Овој тип на поддршка има за цел отворање и рестартирање на преработувачки капацитети во државата, пласман на финални производи со додадена вредност, подобрување на капацитетите во руралните средини и овозможување услови за развој на руралниот туризам, задржување на традиционалното селско семејство и негова поддршка за инвестирање во земјоделството, поддршка и поттикнување на земјоделско здружување и промоција на македонските земјоделски производи, инвестиции во примарното земјоделство и промоција на органска фарма.

Еден дел од буџетските средства се наменети за развој на инфраструктурните капацитети за развој на земјоделството (инвестиции во системи за наводнување, во модерни мелиоративни системи насекаде низ државата, изградба на брани, регулирање на водни корита итн.). Неопходно е да се спроведат активности поврзани со промените во животната средина со цел во еден догледен период да може да се видат резултатите од добрата земјоделска пракса, подигнување на свеста на населението за значењето на можностите кои ги дава Македонија за производство на здравствено безбедна храна. При тоа, посебно внимание треба да се посвети на адаптација кон климатските промени (како во растителното производство, така и во анималното), контролирано управување со водните ресурси, биоенергијата и биодиверзитетот во државата.

Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Македонија континуирано презема активности во насока на поголема препознатливост и промоција на Комората како институција која се залага за развој на домашното земјоделство, поставување идни насоки за негов развој со целосно приспособување на секторот кон зголемените очекувања на потрошувачите и кон добрите практики на европската регулатива од оваа област, со што придонесува за работењето на компаниите во овој сектор.

За таа цел, во оваа рубрика во идниот период секоја втора среда во месецот ќе ги третираме темите од една од најважните сектори за македонската економија. Следете не `, почнуваме за два дена