В М Р Е Ж У В А Њ Е:
КОСТАЛ – НАДЕЖ ЗА ОХРИЃАНИ,
ВИКТОР МИЗО – МАКЕДОНСКИ БИЗНИС ЛИДЕР

   

ПОРАКА ОД ... / 27.01.2020
👁 Прочитано: 510


В М Р Е Ж У В А Њ Е:  <br/>КОСТАЛ – НАДЕЖ ЗА ОХРИЃАНИ, <br/>ВИКТОР МИЗО – МАКЕДОНСКИ БИЗНИС ЛИДЕР
Бранко Азески, претседател 
на Стопанска комора на Македонија

Стопанската комора на Македонија во своето стогодишно работење има илјадници примери на успешни приказни на свои членки, кои успеале да го искористат потенцијалот на Коморското вмрежување и да го подобрат квалитетот и квантитетот на своето работење, зголемат производството и асортиманот, како и квалитетот на производите, а со тоа и да го зголемат својот профит.

Квалитетот на своето работење компаниите го подобриле на различни основи и со низа активности. Како најеклатантни можности и области од кои произлегле позитивните промени во работењето на компаниите се учеството во коморските проекти, имплементации на стандарди, едукативни настани и сл.

КОСТАЛ се наоѓа во селото Косел, кое е најпознато по две нешта:

- Вулканот и комплексот на ЕМО Охрид – гордост на Охридскиот бизнис.

Не знам зошто денешниот КОСТАЛ како вулкан се издигнува над урнатините на ЕМО Охрид и им дава надеж на Охриѓани и на регионот за економски напредок после долги години. Тоа е значајна работа, исто како и појавата на ЕМО на почетокот на 70-те години, кога Никола Матлиески – Пашата, легендарниот бизнис лидер од Охрид, тогашната општинска депонија за ѓубре ја претвори во еден модерен технолошки парк со 3.500 вработени, со извоз од преку 100 милиони (САД) долари со инфраструктура, паркови и услови за вработените кои одговараа на највисоките стандарди. После триесет години, КОСТАЛ и г-дин Мизо ја враќаат надежта, дека тука покрај вулканот ќе израсне нешто уште поголемо. Но, и ние во Стопанската комора на Македонија имаме надеж дека Виктор Мизо со поддршка на менаџментот на КОСТАЛ ќе направи нешто поголемо и за целата држава, особено во организирањето на фирмите со напредни технологии.

КОСТАЛ е светски позната компанија за производство на електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија. Својата успешна приказна ја започнува во 1912 година како семејна фирма од Германија. На почетокот од седумдесеттите години од минатиот век го интернационализира производството отварајќи ја првата фабрика во Мексико, а во 1978 година започнува со производство на електроника за автомобили. Денес компанијата е присутна на 5 континенти во 21 држава со преку 20.000 вработени.

На глобално ниво Костал во изминатата деценија, во годините после економската криза, бележи исклучителен раст. Во 2008 година обртот во светски рамки на автомобилскиот дел на Костал изнесувал нешто над една милијарда евра, а во 2019 година тој е изнесува 2,3 милијарди евра.

Костал Македонија ДООЕЛ Охрид е основана во 2015 година, а денес компанијата се смета за една од најбрзорастечките членки на Стопанската Комора на Македонија со високо напредно технолошко производство. До сега, во погонот во Охрид се инвестирани над 40 милиони евра.

Оваа компанија, произведува електронски и мехатронски продукти за автомобилската индустрија – електронски автоматски менувачи, кровни модули, прекинувачи и управувачки модули за автомобилските брендови: "BMW“, „Daimler“, „Porsche“, „Rolls Royce“ ,„Tesla“, „Аudi“, „Volkswagen“, „Seat“ и „Skoda“.

Со годишен приход од над 38 милиони евра и 550 вработени, Костал Македонија веќе има сериозно влијание на локалната економија.

Плановите на компанијата се до 2025 во Македонија да се реализира производство од околу 300 милиони евра годишно, со што Костал Македонија станува една од трите најважни производствени локации на групацијата.

Очекувањата на менаџментот, се од моменталните 550 вработени во наредните три години бројот да надмине 1.000 вработени со дополнителни инвестиции од над 40 милиони евра.

Костал Македонија е членка на Комората од 2017 година. Костал е еден од главните иницијатори и основач на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори.


http://www.mchamber.mk/upload/viktormizo.jpgГ-дин Виктор Мизо, генерален менаџер на Костал Македонија ДООЕЛ Охрид:

Нашето искуство од досегашната соработка со Стопанската Комора е навистина позитивно. Особено сме задоволни од односот на Комората, не само кон нас како компанија присутна во земјата, туку и нивниот однос кон највисокиот менаџмент на групацијата, често присутен во Охрид.

Со оглед на турбулентните случувања во поширок општествен и економски контекст, сметаме дека Комората, прераснува во сериозен чинител во економските процеси и катализатор на промените.

За реализација на развојните планови на една компанија секогаш е потребен лојален партнер кој поседува техничко знаење, разбирање, желба и реална можност да Ве поддржи на тој пат. Таков партнер во земјата, најдовме во Стопанската Комора на Македонија. Овој потенцијал го согледоа и другите странски инвеститори присутни во земјата со кои соработуваме. Неспорно е дека заедно сме секогаш посилни. Престојат активност на Асоцијацијата од кои очекуваме конкретни, реални резултати и поддршка од државата“

П.С. Во следната објава продолжуваме со презентирање на компанија предводена од успешен млад менаџер, производители на медицински производи од пластични маси, компанијата "РОНТИС" ДООЕЛ Велес и генералниот менаџер г-ѓа Бојана Димовска.