АВТОМАТИЗАЦИЈА НА ПРОИЗВОДСТВОТО ЗА ПОГОЛЕМА ПРОДУКТИВНОСТ ВО ОТСУСТВО НА КАДАР

   

👁 Прочитано: 4407


АВТОМАТИЗАЦИЈА НА ПРОИЗВОДСТВОТО ЗА  ПОГОЛЕМА ПРОДУКТИВНОСТ ВО ОТСУСТВО НА КАДАР

АД „Мода“ претставува правен следбеник на некогашното Јорганџиско производно претпријатие „Свила“ од Свети Николе кое било основано со Одлука од страна на Народниот одбор на Општина Свети Николе од 1955 година. По 65 години, денес  компанијата е лидер во производството на машки кошули.

Почетните дејности на претпријатието биле производство на јоргани и производство на рачно-јазлени килими. Во периодот од 1963 до 1968 година претпријатието воведува и други дејности и тоа: конфекционирање на синтетички јамболии, производство на трикотажа и производство на лесна конфекција која се одржала како основна дејност се` до денес.

На база на избраниот модел за продажба на претпријатието „на лица кои го преземаат управувањето и водењето на работите на претпријатието“ и водената постапка, на 5.01.1996 година, Агенцијата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал склучи договор со германската фирма “CASAMODA Heinrich Katt” за продажба на АД „Мода“ - Св. Николе.

Компанијата „CASAMODA“ од Германија покрај тоа што е доминантен сопственик, истовремено е и најголем купувач на производите на оваа компанија, чиј месечен капацитет на производство се движи од 100.000 - 120.000 парчиња.

Во АД „Мода“ - Свети Николе се вработени вкупно 510 работници, а заедно со сестринската фирма ДОО „КАМОТЕКС“, вкупниот број на вработени изнесува 760 работници. Во 2019 година е остварен извоз во износ од 3.060.123 евра, а заедно со „КАМОТЕКС“ остварен е извоз од над 4.600.000 евра. Во последните години инвестициите во нова опрема изнесуваат над 150.000 евра годишно, што е услов да се одржи машинскиот парк во добра кондиција, но и да се применат посовремени машини кои ќе ја зголемат продуктивноста на трудот.

Текстилната и кожарско-преработувачката индустрија во Македонија во последните години се во тешка ситуација, а тоа е резултат на повеќе услови. Прво, има недостаток на млад и стручен кадар кој би бил заинтересиран да работи во оваа дејност, второ, проблем е големото иселување на населението од државава, како и покачувањето на платите кое не кореспондира со нивото на продуктивноста во оваа дејност. Со последното покачување на минималната плата таа ќе изнесува 60% од просечната плата на ниво на државата, а 80% од просечната плата во овие сектори. Друг проблем е и тоа што 93% од оваа индустрија се базира на „ЛОН“-производство, односно се увезува готов материјал, а кај нас само се доработува, шие и пакува, со тоа цената по единица производ е мала, како и ниското ниво на продуктивност на производство која е околу 50% во овие сектори. Сето тоа е голем проблем на компаниите за да можат да продолжат со работа во наредниот период. Голем број од текстилните компании немаат доволно работа, што значи дека странските партнери полека бараат нови пазари, односно нови комитенти, а тоа се земјите од далечниот исток, а нашата земја е далеку понеконкурентна од овие пазари, пред се` поради евтината работна сила.

Менаџментот на компанијата „Mода“ е свесен дека младите невработени се` потешко се одлучуваат да се вработат во нашите текстилни компании, затоа е одлучен во намерата за автоматизација на производниот процес со што би се зголемила продуктивноста и би се обезбедиле поголеми плати на вработените.

Сашо Деспотоски