ПОТЕШКОТИИ, НО И ОПТИМИЗАМ ВО „ВАРДАР ДОЛОМИТ“ ОД ГОСТИВАР

   

👁 Прочитано: 1419


ПОТЕШКОТИИ, НО И ОПТИМИЗАМ ВО „ВАРДАР ДОЛОМИТ“ ОД ГОСТИВАР

Со цел согледување на состојбите поврзани со последиците од пандемијата предизвикана од Ковид-19,  Анета Димовска и Нена Николовска од Стопанската комора на Македонија реализираа работна средба со господинот Ремзи Абдулаи, директор на „Вардар Доломит“ -  компанија  којашто произведува  синтер доломит, доломитни опеки и маси, лоцирана во Гостивар.

На средбата се дискутираше за проблемите со кои се соочува оваа компанија во тековното работење, за квалитетот на услугите од државната администрација и постапките за обезбедување на потребните дозволи/одобренија за увозно-извозните постапки и проблемите при транспортот на готовиот производ.

Господинот Абдулаи, покрај тоа што посочи дека во изминатиот период имале прекин на производството во траење од еден месец, а во месеците во кои работат има намалување на производството од 25-30%, како и пораст на транспортните трошоци од 30%, изрази оптимизам за брзо закрепнување, пред се` заради директниот пристап до главната суровина преку висококвалитетните рудници кои се во сопственост на компанијата, што е конкурентска предност за „ Вардар Доломит“ во однос на неколкуте други производители на доломит во светот.

Компанијата, која брои околу 150 вработени организирани во работен процес кој се одвива во 3 смени, во целост е подготвена за снабдување на потрошувачите од Турција, Босна и Херцеговина,  Грција, Полска, Романија, Албанија, Црна Гора, Словенија, Бугарија, со доломитни огноотпорни материјали од највисок квалитет.