ЗГОЛЕМЕНА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ВО ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПОГОЛЕМА КОКУРЕНТНОСТ

   

АКТУЕЛНО / 21.11.2019
👁 Прочитано: 204


ЗГОЛЕМЕНА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ВО ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПОГОЛЕМА КОКУРЕНТНОСТ

Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ) во соработка со Стопанската комора на Македонија, одржаа национален промотивен настан на тема: „Придобивки од спроведувањето на енергетска ефикасност во индустриите во Република Северна Македонија “

Стопанската комора на Македонија во континуитет настојува преку своето делување на своите членки да им овозможи подобри услови за стопанисување а во ефикасноста на спроведувањето на работните перформанси на компаниите секако се опфатени и процесите за подобрување на енергетската ефикасност, посочи во поздравното обраќање в.д. извршниот директор на Комората Билјана Пеева Ѓуриќ. 

Нашата индустрија во изминатите години спроведуваше мерки за заштеда на енергија преку поефикасно управување со енергијата, но и покрај тоа сеуште постои простор за зголемување на енергетската ефикасност. Имплементирање на стандарди и мерки за квалитетно управување со енергијата и намалување на потрошувачка на истата, директно влијае врз намалувањето на трошоците на работењето, пониска цена на производите, а со тоа и поголема конкурентност на пазарот, констатираше Пеева Ѓуриќ.

Со поддршката на  Проектот  „Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии во Република Македонија“ спроведен од Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ), компаниите имаа можност да се стекнат со знаења и искуства како да ја подобрат енергетската ефикасност. Истовремено сакам да се заблагодарувам на помошта која ја даде УНИДО преку проектот „Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии“ и очекувам неговата успешна реализација, да даде краен бенефит за македонската индустрија, посочи в.д. извршниот директор на Комората.

Во рамките на проектот чија цел е зголемување на енергетската ефикасност во индустријата и давање придонес во намалување на емисиите на стакленички гасови преку користење на најдобри практики и технологии достапни во светот, успешно се обучија 30 технички експерти за системи за управување со енергија и оптимизиција на енергетски системи користејќи ја методологијата на Организацијата на обединетите нации за индустриски развој - УНИДО за мерење, моделирање и предвидување на енергетската потрошувачка на индустриските претпријатија. Во  21 компанија беа воведени системи за управување со енергија и беа предложени мерки за заштеда на енергија, кои најчесто не бараат никакви, или бараат мали инвестиции во техничка опрема.

Свое обраќање на настанот имаше и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кој истакна дека подобрувањето на енергетската ефикасност во индустријата има особено значење имајќи го во предвид фактот дека ќе доведе до намалени емисии во воздухот и подобрување на животната средина.

Според најавите од ресорното министерство, Законот за енрегетска ефикасност ќе биде донесен до крајот на годината со што ќе се подобри законската регулација на овој сектор. Проектот на УНИДО „Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии“, во значителна мера придонесе за подобрување на Предлог Законот за енергетска ефикасност што му дава дополнително значење, истакна директорот на Агенцијата за енергетика Нехри Емрула.  

Раководителот на проектот на УНИДО Марко Матеини на националениот промотивен настан, ги презентираше резултатите од компаниите кои учествуваа и го имплементираа системот за управување со енергија. При тоа истакна дека 35% од применетите мерки за енергетска ефикасност во компаниите се без дополнителни вложувања, а даваат големи заштеди на енергија.

Компаниите Вардар Доломит, Макстил, ЕВН Македонија, ЕСМ Енерегтика, ги преставија придобивките во нивните компании согласно учеството во проектот на УНИДО.

Перо Авакумовски