ПОСТОИ МОЖНОСТ ЗА ПРОИЗВОДСТВО ВО НОЌНА СМЕНА

   

АКТУЕЛНО / 23.03.2020
👁 Прочитано: 449


ПОСТОИ МОЖНОСТ ЗА ПРОИЗВОДСТВО ВО НОЌНА СМЕНА

На денешното обраќање до јавноста од страна на м-р Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања, кое во овие вонредни околности го правиме само со наше обраќање кон јавноста без присуство на медиуми, ќе се осврнеме на три работи.

Прво, согласно добиеното известување од кабинетот на вицепремиерката за економски прашања Царовска и заклучокот на кризниот штаб, компаниите коишто се регистрирани за работење во смени и ноќна работа и имаат потреба од одржување на континуитет на работниот процес, сакаме да ги известиме за можноста што им стои на располагање во услови кога во земјата е во важност вонредна состојба и забрана за движење на населението во временскиот период од 21:00-06:00 часот.На интернет страницата на Стопанска Комора на Македонија (www.mchamber.mk) компаниите можат да најдат образец за издавање на Дозвола за движење на вработен поради вршење на сменска и ноќна работа. За да биде валиден овој образец, компаниите регистрирани за работа во смени и ноќна работа кои работат во трета и четврта смена во времетраење на полицискиот час, треба овој образец да го пополнат со потребните информации за работникот, да го вчитаат на нивен меморандум и да стават потпис и печат од одговорното лице во правното лице. Ваквата дозвола за движење ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена исклучиво од компаниите кои се регистрирани за работа во смени. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата ќе треба да се приложи на увид до органите на државата.

Второ, Стопанската комора на Македонија ја поздравува иницијативата на претседателот на Владата и одржувањето на првата седница на новоформираниот економски совет, замислен како тело што ќе се состанува по потреба. Разновидноста на составот на присутните на седницата, присуството на претставници на власта и на опозицијата, присуството на носителите на економските политики, присуството на претставници на академската заедница, на стопанските комори, на бизнис заедницата, како и на експертската заедница, секако создава добра основа да се слушнат широк дијапазон на ставови и предлози коишто можат да помогнат за полесно справување со економските последици од ситуацијата предизвикана од корона вирусот Ковид 19. Се надеваме дека седници во ваков состав, за важни економски прашања, нема да се одржуваат само во услови на криза туку ќе станат редовна практика во нашата земја и во иднина, кога македонската економија ќе се врати во нормала.

Трето, во текот на викендот политичките партии од земјава јавно презентираа предлог економски мерки за надминување на постојната кризна состојба. Принципиелно, Стопанската комора на Македонија го искажува својот став за економски мерки предложени или преземени од страна на Владата и во тој контекст нема да коментира предлози на политички партии. Сепак, охрабрува тоа што очигледно во земјава се постигнува широк консензус во перцепциите дека постојнава ситуација бара длабоки и сеопфатни мерки. Во оваа прилика сакаме да и’ порачаме на Владата дека какви економски мерки и да донесе, најдобро би било тие да немаат одложено дејство од април, туку мерките да бидат со важност веднаш.

Одделение за информирање