Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ВО ПОСЕТА НА КОМПАНИИТЕ
08.11.2019 👁 Прочитано: 287

ДОСТИГНУВАЊЕ НА НАЈВИСОКИТЕ СТАНДАРДИ ЗА КВАЛИТЕТ, БЕЗБЕДНОСТ И ОДГОВОРНОСТ


ВАРУС ДООЕЛ - Скопје, основана во 1990 година, е една од првите приватни друштва за промет на големо со лекови, хемикалии, реагенси, лабараториски потрошен материјал, опрема и медицински помагала, Првите почетоци се базираат на ексклузивно застапување на најстарата хемиско-фармацевтска компанија Merck KGaA, Германија, за територијата на Македонија, во доменот на хемикалии, реагенси, лабораториски потрошен материјал, опрема и медицински помагала. Од 1995 година, Варус активно врши промоција, промет и дистрибуција на палетата на лекови на Merck. Преку внимателни истражувања на пазарите, анализа на можностите и ограничувањата, денес, ВАРУС делува на пазарите од регионот и пошироко.

- Ние ги почитуваме сите воспоставени правила, процедури, стандарди за квалитет и стандарди за безбедност без било каков компромис во однос на квалитетот на производите и услугите – посочи директорот Марко Нововиќ во дискусијата со претставниците од Стопанската комора на Македонија, кои беа во работна посета на компанијата. Директорот ги посочи и предизвиците со кои компанијата се соочувала во своето работење, кои во изминатите години и како членка на Стопанската комора на Македонија во зеднички заложби со фелата ги решаваа со надлежните институции. За надминување на проблемот со недостаток од стручен кадар, со кој се соочуваат, во соработка со високообразовните институции од областа на медицината, фармацијата и технологијата, организира практикантска работа за студентите.

Д-р Татјана Штерјова, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори, Љупка И. Самарџиска одговорна за активностите на Здружението на хемиската индустрија и м-р Нена Николовска, секратар на Постојаниот избран суд – Арбитража, информираа за активностите на Комората, со акцент на активностите на Коморскиот инвестициски форум насочени кон зајакнувањето на регионалната економска соработка и унапредување на конкурентноста на економиите од регионот со поврзување на бизнис заедниците од 6-те земји – на чии што пазари и компанијата е присутна, како и за можноста за побрзо решавање на споровите пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Комората.

ВАРУС ДООЕЛ, во 2010 година ја основа компанијата БИОНИКА ФАРМАЦЕУТИКАЛС - производствена компанија за фармацевтски цврсти, полуцврсти и течни дозирани форми. Големината и капацитетот на Бионика е дизајниран да ги задоволи барањата на регионалниот пазар како и сите највисоки стандарди што ги бара глобалната фармацевтска индустрија.

Процесите во производството, лабораторијата за контрола на квалитет, микробиолошката лабораторија, како и лабораторијата за истражување и развој, ги исполнуваат најновите барања на Добрата производствена пракса (GMP) и Добрата лабораториска пракса (GLP), стандарди за производство и квалитет на цврсти, полуцврсти и течни дозирани форми.

Магацинскиот простор во целост ги задоволува барањата на Добрата пракса во чувањето на лекови (Good Storage Practice). Инсталираниот систем SCADA во магацините ја регистрира и автоматски регулира температурата и влажноста на воздухот, со што овозможува квалитетни услови за чување на складираните производи.

Основни вредности на Бионика Фармацеутикалс, како и на компанијата „мајка“ се: политика на висок квалитет, постојано следење и прифаќање на иновациите во фармацевтската индустрија; градење на блиски деловни односи со сите целни клиенти и крајни потрошувачи; флексибилност и прилагодливост на понудата според барањата на клиентите и потрошувачите; еднаков третман на пазарите и грижа за животната средина и општествена одговорност.

Љупка Илиевска-Самарџиска