ПОГОЛЕМ ИЗВОЗ ОД ТУРИЗМОТ КАКО ПРЕДИЗВИК НА НОВОТО ВРЕМЕ
➢ Актуелно (28.09.2020)
👁 Прочитано: 1432



ПОГОЛЕМ ИЗВОЗ ОД ТУРИЗМОТ КАКО ПРЕДИЗВИК НА НОВОТО ВРЕМЕ

Светскиот ден на туризмот, 27 септември 2020 година, Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија со поддршка на Министерството за економија и Проектот „Е4Е@мк - Образование за вработување во Северна Македонија“, го одбележа со конференција на тема: „ИЗВОЗНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПОГОЛЕМА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ НА ТУРИЗМОТ КАКО ПРЕДИЗВИК НА НОВОТО ВРЕМЕ“.

Проценките на бизнис секторот се дека компаниите кои се занимаваат со дејностите туризам и угостителство ќе ја завршат годината во најдобар случај со не повеќе од 10% реализирани приходи споредено со 2019 година.

Во таа насока, владините пакет мерки усвоени и реализирани за компаниите од овој сектор делумно ќе го амортизираат негативниот ефект. Неизвесност и немање предвидливост на ситуацијата се главните причини поради кои за туризмот и угостителството се потребни интервентни, но и системски мерки со кои ќе се помогне да се преброди кризата.

Околу 30.000 работници и 6.500 деловни субјекти се евидентирани во секторот, според официјалната статистика во државата. Во услови на недостиг на квалитетен кадар и соодветна работна сила, кризата предизвикана од КОВИД-19 уште повеќе ќе ја влоши состојбата со одржување на продуктивноста во секторот, ако се има предвид мобилноста на работниците од угостителството и туризмот и најавите за одлив на кадар во атрактивни туристички дестинации откако ќе заврши кризата, што како пракса се случуваше и секоја година пред стартот на туристичката сезона во регионот и во неколку атрактивни туристички дестинации во Европа.

„Ние сме сигурни дека оваа дејност има капацитет и можност да биде рамо до рамо со најсилните извозни гранки на Р. Северна Македонија“, посочи претседателката на Здружението на угостителството и туризмот при Комората, Ана Таневска Ѓорѓиевска, во воведното обраќање пред присутните учесници од владините институции, меѓународните организации поддржувачи на секторот, деловните луѓе, претставници на академската и научната област. Таа констатираше дека бизнис секторот е подготвен со активности, предлози, идеи, иницијативи, да го докаже тоа, укажувајќи дека без државна поддршка, туризмот и угостителството невозожно е да опстанат, особено не сега кога се најпогодениот сектор од оваа криза. Правени се анализи, согледувања, креирани се предлози. Доколку има дијалог и интерес за нивна имплементација, заедно ќе го поставиме туризмот и угостителството таму каде што му е местото - во топ извозните стопански гранки.

Министерот за економија, м-р Крешник Бектеши, обраќајќи се пред присутните истакна дека Владата на РСМ продолжува со мерки за поддршка на туристичкиот сектор за побрзо надминување на кризата предизвикана од пандемијата. Во светски рамки, бројот на меѓународните туристи падна за 93 отсто во јуни, во споредба со 2019 година, а според новото издание на Светскиот барометар за туризам, пристигнувањата на меѓународните туристи се намалиле за 65 отсто во текот на првата половина на годината. Ова претставува невидено намалување, бидејќи земјите ширум светот ги затворија своите граници и воведоа ограничувања за патувања како одговор на пандемијата. Министерот Бектеши потенцираше дека во моментот се наоѓаме во ситуација да продолжиме понатаму  и затоа, како што рече, е многу важно сите чекори кои ќе бидат преземани да бидат во координација со бизнис заедница.

Конференцијата беше реализирана со две панел дискусии.

Во првата панел дискусија, фокусот беше на туризмот во Северна Македонија во 2020 година, последиците од Ковид-19, очекувањата и резултатите за туристички промет во дестинацијата.

Неџат Курт, заменик генерален директор на одделот Операции, во „ТАВ МАКЕДОНИЈА“, меѓу другото, посочи дека штетите допрва ќе се пресметуваат, а последиците сигурно ќе се чувствуваат во следните неколку години. - Закрепнувањето  главно ќе зависи од укинување на ограничувањата за патување воведени од земјите-членки на ЕУ за македонските граѓани, глобалното репозиционирање на авиокомпаниите и промените кои тие ги прават во нивната мрежа на дестинации како резултат на ограничувањата за патување на различните пазари, како и враќањето на авиокомпаниите на пазарите по укинувањето на овие забрани, како и од поддршката на Владата, со цел македонските аеродроми да преживеат и понатаму да го одржуваат стабилното ниво на развој што го постигнавме во изминатите 10 години со инвестициите, посветеност и напорната работа на „ТАВ“, заедно со сите надлежни владини институции, заклучи Курт.

Кире Ангелов од хотелот „Александар Палас“, укажа на немањето системски пристап за поддршка на градските хотели (пред се’ Скопје), како број еден туристичка дестинација во државата по број на туристи и ноќевања. Во таа насока, истакна Ангелов, мора да се размислува за креирање активности кои ќе го поттикнат мајс туризмот во главниот град.

Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ, вели дека ваучерите за одредена категорија граѓани кои беа доделени од Владата дадоа некои позитивни резултати неполни два месеца. Но на годишно ниво кризата ќе се чувствува. Блажевски истакна дека нема да има хотели кои ќе книжат добивка.

Туристичкото работење е целосно замрено, констатира Асим Меџедовиќ, од „Фибула Ер Травел“. Фактот дека статистиката евидентира промет од 1 % во второто тромесечје кај туристичките агенции само по себе доволно говори. Затоа е потребно да се размислува за отворање на границите и поддршка на проток на патници прво во регионот, а потоа и пошироко. Исто така, треба поддршка за надомест на трошоците за ПЦР-тестовите за странски туристи кои би дошле во земјава, а кои за да се вратат дома мора да имаат валиден Ковид-тест, со цел стимулирање на извозни активности преку доаѓање на странски гости во државата.

Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, алармираше на кревкоста на угостителскиот сектор. Рестораните, кафетериите, диско клубовите нема да ја издржат кризата. Имаат потреба од поголема ликвидност и средства веднаш.

 

Втората панел дискусија насловена: Значењето на туризмот како извозна индустрија/извозниот потенцијал на туризмот како фактор за зголемен економски развој, беше основа за дебатирање околу перспективите на секторот.

Влатко Сулев, претседател на НАИТМ – incoming туризам, акцентираше дека државата мора да обезбеди повеќе од еден милион евра за промоција и средствата да бидат искористени строго наменски за промоција во координација со бизнис-секторот, а не за технички и други активности. Без промоција нема туризам.

При тоа, од особена важност е да се таргетираат саеми на кои ќе се промовира земјата како дестинација, да се организраат работилници, забавни патувања (fan trip), кружни шоуа (road show), едукативни и информативни патувања со носење квалитетни блогери, туроператори кои ќе бидат инвеститорите во секторот.

Треба да го следиме примерот на Словенија, вели Сулев. Како таа земја го разви туризмот, а нивниот пример е применлив во нашата држава. Треба да се работи и на менување на одделот на субвенционирање, да се обезбеди еднаков износ за сите странски туристи и да се стимулираат подеднакво сите превозни средства.

Туpистичките водичи како едни од најпогодените во секторот, дефинитивно остануваат надвор од активностите во овој период. За шест месеци за две странски групи туристи, ангажирани се само 4 туристички водичи. Оваа професија, вели Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи, треба да добие легитимност во системот и водичите да може да плаќаат придонеси како би биле видливи како правни субјекти. Туристичките водичи се амбасадори, промотори на историјата, културата, традицијата на својата земја. Но дефинитивно, во пост ковид периодот потребно е да се направат иновации и модификации на професијата со цел да се пресретнат новите потреби и желби на туристите.

Д-р Кристијан Џамбазовски, ко-автор на Студијата за ефектите врз приватниот сектор - туризам и угостителство погоден од здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата КОВИД-19, преку презентација ги претстави потребните чекори за реформирање на секторот во насока на преземање структурни чекори кои ќе бидат основ за раст на инпактот од туризмот во државната каса преку поголеми девизни приходи, што позитивно ќе се одрази на буџетската каса.

Д-р Џамбазовски предлага формирање Национална туристичка организација и позиционирање на туризмот во структурата на државните инстутиции со свој заменик министер, независно кон кое министерство би припаѓал, економија, култура, животна средина и сл., бидејќи очигледно во овој момент простор за посебно министерство за туризам нема. Тој предлага и Закон за туризам кој би ги обединил активните 6 закони кои ја третираат угостителската и туристичката дејност, туристичката такса, за автокампови, за туристички развојни зони, за планински патеки, за формирање на АППТ.

Беким Хаџиу, раководител на Секторот туризам и угостителство при Министерството за економија, во улога на панелист, укажа дека секторот во ресорното Министерство има интерес во соработка со бизнис секторот да работи на креирање амбиент, мерки и иницијативи кои ќе помогнат во овие кризни ситуации, но и ќе се креираат визијата и политиката за туризмот за следните години.

             Кризата предизвикана од КОВИД-19 само го продлабочува и така големиот проблем во овој сектор, недостигот од кадар. Во таа насока Курт Витрих, тим лидер на Проектот „Е4Е@мк - Образование за вработување во РС Македонија“, во панел дискусијата укажа дека приватниот сектор треба да помогне и да иницира максимална вклученост на приватниот сектор во усовршување на младите кои се запишуваат во средните секторски училишта со практична работа, но и да креираат позитивен амбиент во јавноста за привлекување на младите зошто да ја одберат оваа професија.

 

Здружението на угостителството и туризмот во име на бизнис секторот укажува дека се потребни:

  1. БРЗИ И ИНТЕРВЕНТНИ ПОЛИТИКИ ЗА ПОДДРШКА ПРЕКУ ПРОМОЦИЈА И СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ (мерка применета во земјите кои го таргетираат туризмот.

 

 

  1. СИСТЕМСКИ ПРОМЕНИ ПРЕКУ СТРАТЕШКО ПОЗИЦИОНИРАЊЕ И ИНТЕГРИРАЊЕ ВО  ЕДНА ИНСТИТУЦИЈА КОЈА ЌЕ ОВОЗМОЖИ ДОБРИ УСЛОВИ ЗА:

  1. ИЗРАБОТКА НА НОВ ЗАКОН за поттикнување на развојот на туризмот по моделот на повеќе земји- членки на ЕУ, кој ќе вклучува и механизам за активирање мерки во кризни ситуации, за прецизно да:

 

 

 

 

 

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија