НЕДОУМИЦИ ЗА ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА
➢ Актуелно (12.08.2020)
👁 Прочитано: 2034



НЕДОУМИЦИ ЗА ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА

Неизвесно е колку ќе трае пандемијата КОВИД-19, но за развој на економијата и санирање на последиците од пандемијата е потребен стручен и иновативен кадар. Пандемијата на корона вирусот доведе до најголемо пореметување во oбразованието кога поради состојбата со пандемијата на почетокот од март се затворија училиштата во повеќе од 160 земји и 40 милиони деца ширум светот го пропуштија наставниот процес. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, смета дека пандемијата може да предизвика генерациска катастрофа која би можела да доведе до губење на незамислив човечки потенцијал и дека враќањето на учениците во училниците треба да биде „главен приоритет“, со почитување на безбедносните и здравствените мерки. 
Деновиве пред почетокот на учебната година повеќе од земјите се одлучија за настава со физичко присуство на учениците, се размислува и на три модели на настава.  

Од регионот, во Србија, учебната година ќе започне со хибриден модел на настава, а наставата ќе трае 30 минути. Еден од моделите е часовите за учениците од прво до четврто одделение да се одвиваат во училиштата со сите заштитни мерки, по 15 ученици, додека за повисоките одделенија ќе се применува комбиниран модел – еден ден на училиште, следниот ден наставата да се следи преку Интернет, со пет и шест часа дневно. За средните училишта, исто така е предвидена комбинирана настава, но една недела во училиште, а една недела настава од далечина, каде училиштата самите ќе ги распределуваат учениците во групи, во зависност од програмата, за гимназии или за стручни училишта.

Во Црна Гора, наставата ќе започне со физичко присуство на учениците во училница, а Националното координативно тело за заразни болести на Црна Гора има препорака до  Министерството за образование и Институтот за јавно здравје да ги подготват и дефинираат протоколите за почетокот на учебната година за редовна настава и во полн капацитет.

Во Хрватска и Босна и Херцеговина сè уште нема конечен став како ќе започне учебната година. И двете земји се подготвуваат за трите модели за реализација на наставата: со физичко присуство на учениците во училиштето, комбинирано или само учење од далечина. 

Во Албанија се разгледуваат две опции за реализација на наставата. Во местата каде што има помал број ученици и може да се обезбеди физичка дистанца, наставата ќе се реализира во училиштата, додека во училишта со поголем број ученици размислуваат за комбинирана наставата: со физичко присуство на учениците во училиште и преку далечинско учење. 

Во некои европски земји како Австрија, Бугарија, Германија, Финска, Данска, Русија наставата ќе започне со присуство на учениците во училиштата со целосно работно време, со почитување на сите безбедносни мерки воведени поради пандемијата на коронавирус. Единствено, доколку се влоши епидемиолошката состојба во училиштата или градовите ќе се премине на учење од далечина. 

Министерството за образование и наука во нашата земја сè уште размислува за кој модел на наставниот процес во основните и средните училишта да се определи. Од министерството се понудени трите модели на реализација на наставата. Ставот на Комисијата за заразни болести е наставата да почне он-лајн, освен за учениците од првите одделенија во кои е неопходно физичко присуство на децата.

Како и да е, пандемијата КОВИД -19, нè принуди да бараме нови начини на функционирање, но образованието треба да биде приоритет зошто човечкиот потенцијал е неопходен за економски развој на секоја држава.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија