„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
10.07.2025
Педагошки подготвениот ментор е главниот фактор за успешна практична обука на ученици на реално работно место во компанија.
За таа цел, во рамките на своите активности Стопанската комора ја реализираше обуката за ментори за реализација на практична обука на ученици, за вработените од компанијата АД Електрани на Северна Македонија, компанија која вложува во унапредување на знаењата и вештините на своите вработени, во обезбедувањето и развојот на идниот млад кадар и во зајакнување на врската меѓу образованието и реалниот сектор.
Обуката за ментори имаше за цел да ги подготви менторите со знаења, компетенции и алатки потребни за ефикасно менторирање на учениците од стручното образование, за пренесување на нивното знаење на ефективен начин, за комуникација и за вреднување на знаењата и вештините на учениците во процесот на стекнување на нивните стручни знаења и практични вештини, на нивниот професионален развој, ангажираност, критичко размислување и за разбирање на организациската структура на компанијата.
Во обуката беа вклучени вработени од повеќе сектори од АД ЕСМ, Скопје, како и од подружниците: Енергетика, ХЕС Треска, ХЕС Црн Дрим, ХЕЦ Тиквеш, РЕК Осломеј и РЕК Битола.
Обуката ја реализираа искусни предавачи и таа ќе им помогне на менторите не само да ги пренесуваат своите знаењата и искуства на учениците, туку и да научат како да ги инспирираат и мотивираат младите луѓе зошто менторството не е само пренос на знаење – тоа е инспирација.
АД ЕСМ е стожерот на електроенергетскиот систем, почетна, и главна алка во системот на производство – пренос – дистрибуција на електрична енергија. Од своите капацитети обезбедува околу 90% од вкупното домашно производство на електрична енергија. Од термоелектраните со инсталиран капацитет од 824 МW произведува просечно годишно до 5.000 GWh електрична енергија, од хидроелектраните со инсталиран капацитет од 556,8 MW 1.200 GWh просечно годишно електрична енергија, а од ветерните електрани со инсталиран капацитет од 36,8 MW произведува преку 100 GWh електрична енергија. Дел од системот на ЕСМ е и когенеративната гасна електрана КОГЕЛ што се состои од 10 гасни мотори со вкупна електрична моќност од околу 30 МW, што можат да оддадат топлинска моќност од околу 26 МW. Од април 2022 година со работа почна и првата фотонапонска електрана ФЕ Осломеј 1, со инсталирана моќност од 10 МW. ФЕ Осломеј 1 е првата сончева електрана во Југоисточна Европа изградена врз стар рудник.
АД ЕСМ, како компанија е свесна дека успехот на работата зависи од вработените кои се одговорни и навремено и квалитетно ги извршуваат своите задачи и затоа се грижи за нивна континуирана едукација преку разновидни обуки, тренинзи и семинари и го стимулираат иновативниот пристап во работата на своите вработени, а вработените ѝ враќаат со својата професионалност, посветеност, лојалност и одговорност.