ЌЕ БИДЕ ИЛИ НЕМА ДА БИДЕ?
👁 Прочитано: 1668



ЌЕ БИДЕ ИЛИ НЕМА ДА БИДЕ?

Предвидувањата и креирање стратегија за развој се основа за секоја економски развиена земја - да се биде чекор пред времето и да се има втора алтернатива, во случај, првата да не може да се реализира. Во време кога се справуваме со последиците од состојбата со корона вирусот, развиените економски земји прават стратегии како да продолжат понатаму. Во нивните стратегии меѓу приоритетите е ставено образованието како двигател на економскиот раст, истражувањето и иновациите во државата. Затоа европските земји веќе се подготвени и знаат како ќе се реализира наставата во новата учебна година. Земјите како Англија, Холандија, Германија, Шведска, Финска се определија за наставен процес со физичко присуство на учениците во училницата зошто знаат дека разменувањето информации и знаења помеѓу наставникот и учениците останува подолго во меморијата на учениците, а истовремено учениците се навикнуваат на новата реалност, новиот начин на функционирање и почитување на здравствените мерки.

Кај нас, наместо сериозен пристап кон планирање и креирање стратегија, неполн месец пред почетокот на учебната година, државата сè уште се двоуми дали ќе има комбинирана настава или настава со физичко присуство на учениците и го поставува Хамлетовското прашање: Да биде или нема да биде?

На одговор, во моментов, чекаат завршени 270.000 ученици од основното и средното образование и нови ученици кои треба за прв пат да влезат во образовниот процес. На одговор чека и реалниот сектор на кого му се потребни стручни кадри за да ја одржат својата продуктивност и конкурентност на економскиот пазар.

Во предходните текстови, Комората, даде неколку препораки што треба да се направи во изминатите неколку месеци за полесно да се ублажат последиците од состојбата со корона вирусот и да се започне со новата учебна година.

Кое решение да се одбере мора да се пристапи кон скратување на наставните планови и програми, барем за оваа учебна година. Проверка на знаењата на учениците уште во септември и надополнување на основното знаење што е најважното за функционирање на ученикот во животот.

Неопходно е да се примени нов пристап во наставата во кој ќе се посвети внимание на практичните вештини на учениците и способноста да го применат теоретското знаење. Учениците треба да бидат оспособени практично да ги користат бројките и математичките операции, да комуницираат и тимски да работаат. Информатичко-компјутерската и друга технологија станува составен дел од функционирањето на компаниите и воопшто во животот и според тоа, потребна е посветеност за развивање на дигиталните вештини на учениците. Компаниите имаат современа технологија во своето производство, но мора да имаат и оспособени кадри кои ќе управуваат со таквата технологија. И, треба да се навикнат учениците да размислуваат и самостојно да решаваат проблеми.

Новиот пристап во наставата бараизмена на начинот на оценување. Гледано од аспект како досега се вреднуваше напамет научената теорија, треба да се пристапи кон вреднување како ученикот практично знае да го примени наученото при решавање на задачи и проблемски ситуации.

Примената на новите технологии, дигитализацијата и прилагодувањето на реалните состојби и потреби на стопанството, како и новите работните места наметнува флексибилност во измената на образовните програми во стручното образование и квалитетна практична обука за создавање функционално стручно образование и обука. Стопанската комора на Македонија го знае тоа и секогаш оди еден чекор напред. Во соработка со Центарот за стручнио образование и обука, а со поддршка на проектот ,,Образование за вработување” ги изработи Протоколите за превентивни мерки при реализација на учење преку работа, феријална практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач во четири сектори за квалификации: машинство; земјоделие, рибарство и ветерина; лични услуги и хемија и технологија за успешна реализација на практичната обука во компаниите, но и да се зачува здравјето на учениците при нејзина реализација.

Останатите чекори и динамика зависат од нашата посветеност и одлучност да направиме нешто квалитетно, па дури и за она што не зависи од нас. Но едно е сигурно, ништо нема да дојде само по себе. Затоа не треба уште долго време да го поставуваме Хамлетовското прашање, туку веднаш да се фатиме за работа и да се излеземе со конкретна стратегија со вклученост на сите субјекти во образовниот процес и присутност на реалниот сектор.

Време нема.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија