Офицерскиот дом во Битола се реконструира, Стопанската комора на Македонија партнер за туристичката видливост
➢ Актуелно (12.06.2020)
👁 Прочитано: 2583



Офицерскиот дом во Битола се реконструира, Стопанската комора на Македонија партнер за туристичката видливост

Во полн ек се активностите за реновирање на Офицерскиот дом во Битола. Градежните работи за реставрација на Потпроектот кој се реализира преку  Проектот за локална и регионална конкурентност, финансиран од Владата на Република Северна Македонија и Европската Унија, во соработка со Канцеларијата на Светската банка, се реализираат со предвидената динамика. Партнери во Проектот се Општина Битола и Стопанската комора на Македонија, чија задача е да ја поттикне туристичката видливост на овој исклучително значаен објект лоциран во центарот на градот на конзулите.

Во изјава за медиумите по посетата, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ја истакна важноста на Проектот поддржан од централната власт и од  Светска банка за обезбедување на потребните средства за реставрација. Петровска информираше дека Општина Битола дополнително со сопствени средства ќе ја заокружи реставрацијата на објектот, а ќе се реализира и приклучување на објектот на водоводната и канализационата мрежа, со што се обезбедени сите комунални предуслови за функционирање на истиот.  
- Овој историски значаен и туристички потенцијален објект ќе придонесе за  развој на туризмот во Битола и регионот, а со дадената поддршка се потврдува заложбата на Владата на Република Северна Македонија за локалниот и регионалниот економски развој, - вели градоначалничката.

Во обиколка на градежните активности со Петровска денеска беше и владин тим, предводен од заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, чиј кабинет е задолжен за реализација на овие активности кои се од значење за локалниот економски развој.
Потпроектот „Реконструкција на Офицерскиот дом во Битола“ е предвидено да заврши до крај на месец ноември 2020 година. Согласно актуелната состојба со пандемијата и корона кризата, можни се мали пролонгирања во завршните зафати за украсување и обезбедување на автентичноста на објектот.

Стопанската комора на Македонија преку своето партнерство во овој проект обезбедува препознатливост и запознавање на јавноста со овој историски и културно значаен споменик, кој ќе биде двигател на развојот на туризмот во битолскиот регион.

м-р Никола Димковски
Регионална канцеларија Битола