АЛИСА ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА -Став на Претседателот Азески во неделникот Фокус
➢ Актуелно (03.04.2020)
👁 Прочитано: 5628



АЛИСА ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА -Став на Претседателот Азески во неделникот Фокус

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

објавено во неделникот Фокус 3.4.2020 година

Минатата недела на страницата на неделникот Фокус отворивме еден серијал на текстови врзан за најзначајната тема во моментов, под наслов: Еден вирус, многу прашања, малку одговори. Настаните одат со таква брзина што е потребен просторот на целиот неделник на ФОКУС за да се нотираат. Но, ние ќе го извлечеме она што е најважно. Тоа значи ќе видиме што сме предвиделе минатата недела и што реално се случува, односно дали можеме да ја напишеме азбуката на предвидливоста на рецесијата.

Покрај општата констатација дека вирусот не доведе во тотална неизвесност и дека се шири експоненцијално брзо, што остануваат како темелни констатации, напоменавме и неколку неспорни факти, констатации и последици, а пишувавме и за можните решенија.

 

Неколку неспорни факти:

1) К-19 реалност - Оваа недела дефинитивно се потврди фактот дека наредните децении ќе ги живееме заедно со вирусот и другите пандемски болести. Оваа година е короната, минатата година беа морбилите, пред тоа беше свинскиот грип, птичјиот грип, САРС, МЕРС, што значи дека тие стануваат реалност, борбата со нив е сериозен предизвик за целиот свет. Друго е прашањето колку ресурси се потребни за справување со нив и колку тоа ќе ја намали конкурентноста на бизнисот во услови кога трошоците се зголемуваат секој ден. Значи констатираната реалност не е само фраза, туку повик за апсолутно почитување на екологијата која веројатно ја сфаќаме несериозно која ни укажува дека нарушувањето на природната рамнотежа има своја цена и чини многу.

2) К-19 не затече неспремни сите - Изминатата недела потврди дека ненавремената акција пред сè во Италија, остави тешки последици и тоа е сериозно предупредување за нас, дека мора да истраеме во превентивните мерки, без разлика на цената што треба да се плати. Мора да ја поздравиме одлуката на државните органи, оваа недела, да се воспостави челична дисциплина во превенцијата затоа што во спротивно ќе влеземе во степен на највисок ризик. „Покренувањето" на обвинителни акти за несовесните, разрешувањата, дисциплинските одговорности се потврда за погоре реченото.

3) К -19 повторно не натера на "молитва", но не од Блаже Конески, туку кон Господа за спас од ваквата ситуација - Добро е што сè повеќе се ослонуваме на себе, а помалку на молитви (оваа недела) така да сè повеќе институции си ја преземаат својата надлежност како што е предвидено.

Неколку неспорни констатации:

1) К-19 ќе доведе до голем пад на економските активности, затоа што општата изолација на населението е единствениот начин во борба за справување со кризата . Ова се остварува стопостотно. Информациите кои што ги добивам во Стопанската комора на Македонија, како најголема и најстара бизнис асоцијација, се такви, секојдневно, економската активност оди надолу.

2) К-19 финансиски ќе ја „раздрма" државата, затоа што средствата за неповратна државна помош ќе бидат основниот начин за справување со кризата (се разбира не и единствениот). Некој мудар човек рекол: „кога незнаеш за што се работи, се работи за пари", бидејќи тоа е стопостотно точно и оваа констатација во својата суштина ќе го избистри првичниот впечаток. На почеток, сите велат ќе учествуваме, ќе помогнеме, ќе преземеме дел од одговорноста, но во суштина кога ќе се види дека тоа има парична цена по сè изгледа државата ќе остане единствениот "Господ " на кои ќе се молиме, а процесот е веќе започнат. Тоа и се случи со намалување на буџетските приходи што беа констатирани на последната седница на Економскиот совет, така што и таа констатација е неспорно точна. Алиса, во последно време, е често присутна кај нас, пред една година имавме огромен број невработени, а преку ноќ останавме без работници. До пред еден месец, државата, компаниите и банките се натпреваруваа со цифрите за раст, ликвидност и профитабилност, само за десет дена, сите бараат помош, сега никој неможе да издржи ни месец дена со сопствените средства.

3) К-19 носи највисок степен на ризик дека ќе се доведат во прашање сите врски помеѓу субјектите потребни за водење бизнис . Ова прашање, оваа недела, ги покажа првите појавни манифестации, меѓутоа поврзано со очекуваната неликвидност, веројатно, и ќе ескалира, затоа е потребна уште поголема активност на надворешен план како би можеле да имаме уште еден адут, во очекуваната пресметка со опасниот противник.

Неколку неспорни последици:

1) Ќе настане голема неликвидност. Најавата за оваа работа, веќе се регистрира во информациите од терен. Економскиот совет мора да го постави ова прашање после усвојувањето на вториот сет мерки. Затоа што, тоа ќе биде и најтешката битка.

2) Ќе се доведе во прашање капиталот на компаниите. Реакциите на компаниите за брзината на донесувањето на пакетот мерки изминатава недела е доволен индикатор дека тој процес е започнат.

3) Ќе има застој во снабдувањето и продажбата. Огромните тешкотии што се јавија во функционирањето на коридорите за увоз на суровини минатата недела ја потврдија и оваа претпоставка.

Има ли решение?

Ако се земат сите факти од оваа недела ќе се дојде до заклучок дека најголем проблем во моментов е палијативното т.е поединечното гледање на мерките. Мерките мора да се гледаат во целина затоа што нивното поединечно коментирање создава погрешна слика. Компаниите мора да бидат информирани дека постои целосен пакет на мерки што ќе се реализира во фази, дека тој пакет на мерки предвидува решенија согласно степенот на загрозеноста на субјектите и дека како ќе поминува времето така истите ќе се засилуваат. Најбитно е дека е постигнат консензус и дека ќе се употребат сите средства, сите ресурси да се остварат целите, а тоа значи, прво да се зачуваат животите на луѓето, а потоа да се зачуваат компаниите и бизнисот.

Разбирлива е нервозата кај сите нас. Но, ние од искуство, многупати, знаеме самите да се посипуваме со "пепел" и затоа на крајот ќе кажам само едно: Оваа кратка анализа укажува дека претпоставките што ги поставивме минатата недела се реални, а тоа значи дека и мерките ќе имаат своја тежина, едноставно, ни останува дисциплина во нивното спроведување, што никогаш не ни била јака страна. Сега сме на испит, што може да биде сериозно искушение за сите нас.

П. С. Алиса во оваа чудесна земја е присутна насекаде, па и во Економскиот совет на Владата. Сите знаеме дека во државата постојат само две професионални институции за правење економски анализи и проекти и таму работат стотина докажани луѓе. Меѓутоа, во дискусиите на Економскиот совет, повторно слушаме две работи: прво, според моите анализи и второ, како реагирала Америка, Јапонија и Германија со средства во кризата. Ниту, поединецот може да направи анализа, ниту пак има, и една, допирна точка во компарирањето со мерките на најголемите економии во светот. Вакви чуда нема ни во сликовниците.

Служба за информирање при Комората