Извозот мора да стане врвен приоритет во државата

   

АКТУЕЛНО / 18.02.2020
👁 Прочитано: 489


Извозот мора да стане врвен приоритет во државата

Интервју на Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија за веб порталот Извоз.мк 

Стопанската комора на Македонија утре прославува 98 години работење. Согласно нивното главно мото “Со членството моќни, во визијата истрајни” оваа годишнина главната порака која ја испраќа најголемата комора во земјава е дека мора целата енергија како држава да ја насочиме кон градење на нова визија и дефинирање на идните развојни приоритети во државата, базирани на поконкурентна економија и силни извозни капацитети, нови извозни компании и извозни производи кои ќе бидат конкурентни на светските пазари.
“Мора да разбереме дека сме мал пазар и дека единствен начин да се развиваме е да градиме извозни капацитети и затоа целата енергија на државата треба да биде насочена кон тоа”, вели Азески и порачува дека Стопанската комора на Македонија во наредниот период ќе продолжи да биде силно насочена кон оваа визија и ќе дава поддршка кон градењето на новата извозна стратегија преку детални и емпириски засновани студии и анализи и предлози кои ќе бидат насочени кон поддршка на членките во делот на градење на поголеми конкурентски предности за извоз на нови пазари.

Најсериозниот проблем според бизнис-заедницата во моментов е недостатокот на работна сила и масовното иселување. Се прават обиди со дуалното образование, но, се чини дека ќе биде потребно да се направи многу повеќе… Дали е потребна поголема автоматизација во процесите, либерализација на пазарот на работна сила, покачување на платите? Што предлагаат компаниите, во која насока треба да се решава овој проблем?

Ако на образовниот систем и на емиграцијата од државава погледнеме без диоптрија, ќе дојдеме до заклучок дека високо образованиот кадар кој го продуцираме (годишно по речиси 8.000 дипломирани студенти, 1.900 магистри и по околу 250 доктори на науки) е неподготвен да работи на место несоодветно на неговата диплома, а без конкретни вештини овде е непотребен, а во странство подготвен за работа на какво било работно место.

Значи, на образованието му е потребен ремонт и наместо факти да се учат вештини, што значи повеќе стручни средни училишта, за сметка на гимназии и универзитети. При градење на новиот концепт, вработените од институциите да излезат од канцелариите, училиштата и семинарите и проектите по хотелите да ги заменат со посети на терен во компаниите. Само тогаш ќе бидат во состојба да носат образовни програми според реалните потреби за работни места во компаниите денес, но и да ги пресретнат и да ги проектираат идните потреби за кадар.

На пример, се гради гасоводен систем, а не се продуцираат кадри за одржување на истиот, нема училиште за водоводџии, недостасуваат заварувачи, ракувачи со машини и сл.

Компаниите во отсуство на работна сила и под притисок на високиот степен на миграција на населението ќе мора да се снаоѓаат: дел ќе извршат модернизација и автоматизација на производствените процеси, дел ќе мора да ги зголемуваат платите за да ги задржат вработените. Притисокот за либерализација на пазарот на работна сила ќе расте.

Во исто, време компаниите мора да разберат дека и самите треба да покажат проактивен однос во обезбедувањето на кадар и да вложат во неговото создавање. Некои од нив, како „ЕВН“, „Дрексел-Маер“, „Костел“, „ЛТХ Леарница“, „OДВ-Електрик“ ова го препознаа и влегоа во процес на индуивидуални дуални образовни програми со средните стручни училишта, а практична обука спроведуваат: „Руен Инох Автомобиле“, Цементарница „УСЈЕ“, „Кнауф“, „Макстил“, „Марккарт-Македонија“, „Алкалоид“, „Киро Дандаро“, „Брако“, „Витаминка“, „Ариљеметал“ – Скопје и „Македонски телеком“.

Инфраструктурата, која е клучна за поголем извоз, но и за секој бизнис, ни е во очајна состојба, почнувајќи од патната, железничката… Што треба да се направи на ова поле?

 

Ценам, дека од аспект на извозот патната и железничката инфраструктура која ја поседуваме е доволна, но треба да се фокусираме на нејзиното одржување и функционалност.

Прво, постоењето на одредена инфраструктура во државата не може да биде цел сама за себе, ниту да се гради врз основа на нереални истражувања, туку нејзината изградба мора да е економски оправдана и исплатлива. Не може да градиме, само за да има патишта. Асфалтирање на локалните патчиња за неколку жители не му помага на бизнисот.
Артеријата која е од клучно значење за македонскиот извоз е Коридорот 10 и истата треба да се одржува во беспрекорна состојба. Во делот на железничкиот транспорт,  треба да се стремиме истиот да поевтини, затоа што се` уште е понеисплатлив од патниот.

Второ прашање е што сè подразбираме под инфраструктура?! Според мене, во иднина фокусот треба да се стави на изградба на цевководи, далноводи, оптички кабли, гасоводи, системи за наводнување… енергетска инфраструктура, наместо патна и железничка… Оваа инфраструктура директно нема да влијае врз зголемување на извозот, но индиректно значително ќе помогне за зголемување на конкурентноста на македонската економија.

 

Кога зборуваме за развој на извозни капацитети не може да не се спомене улогата на државната развојна банка. Во другите земји овие банки играат клучна улога во поддршка на извозните компании. Зошто не успеа ниту една политичка гарнитура да ја заживее оваа банка, во што е проблемот?

 

Точно е дека оваа банка ја нема вистинската улога во нашиот систем. Ниту една политичка гарнитура не ја заживеа, а за сметка на истото се формираа многу државни институции со „квази“ надлежности кои нудат поддршка на компаниите, со паралелно оставање простор деловните банки да вршат одредени финансиски услуги за кои се цени дека приватниот сектор поефикасно би ги извршувал, секако и за повисока цена.

За да го поддржува развојот на македонската економија и интернационализацијата на домашното стопанство, прво, треба да се расчисти со надлежностите и средствата „расфрлани“ во различни институции и државни фондови и истите да се концентрираат во државната развојна банка, а преку буџетска поддршка да се обезбеди докапитализирање на Банката, со цел среднорочно да го достигне горниот праг за средни банки.

Во нејзина надлежност да се предвиди и одобрувањето средства кои имаат третман на државна помош, како и разгледување на развојни програми и одобрување средства за регионален развој. Во Надзорниот одбор на МБПР една третина да бидат претставници на државата, една третина финансиски и банкарски експерти и една третина претставници од бизнисот од редот на поголемите нето-извозници во државата, по предлог на бизнис-заедницата.
Втората варијанта е МБПР целосно да се укине.

Каде, во кои индустрии ги гледате потенцијалите за зголемување на извозот?

 

Ако се земе предвид дека на годишно ниво дознаките од странство изнесуваат над 1,8 милијарди евра (податок од Платниот биланс за 2018 година, прилив од личните трансфери и останати тековни трансфери), излегува дека најисплатливиот извозен продукт од нашата држава е населението.
Во иднина треба да се фокусираме на одржување на економските врски со татковината на иселениците, особено на младите стипендисти во странство кои претставуваат значаен потенцијал за нашата економија од секаков аспект.

Во однос на класичните индустрии, агро-преработувачкиот сектор може да го зголеми извозот, а во врска со ова неопходно е поттикнување на одгледување на индустриските култури. Во рударството и минералните суровини исто така гледам голем потенцијал, но тука потребно е целосно преразгледување на прашањето за структурата на експлоатација на минералните суровини, како и стимулирање на повисок степен на финализација на обработката на истите.

Ни требаат повеќе компании кои извезуваат производи со повисока додадена вредност, поконкурентни производи, повеќе извозни пазари… Кои политики и мерки би помогнале за да се оствари ова?

 

Извозната база на македонската економија е прилично плитка и скромна. Потребна е силна поддршка на индустриите со додадена вредност и напуштање на производството кое не носи профит. Компаниите треба да се свесни и да бараат начини за унапредување на производството и пронаоѓање нови пазари. Ако амбициите на истите се ограничени, тогаш поддршката нема да ги натера нешто да променат.

Реалноста е дека имаме мал број на компании кои извезуваат мал број на производи на ограничен број пазари, со мала додадена вредност што е уште еден неповолен факт. За споредба, Македонија има околу 1.500 извозни компании во рамките на преработувачката индустрија и извезува 475 производи со компаративна предност, а Словенија повеќе од 6.000 компании и повеќе од 1.100 производи.

За оние фирми кои се развојно ориентирани и сакаат да се шират, потребен е полесен пристап до финансии и помош во пронаоѓањето партнери на странските пазари.
Постојат многу успешни примери и политики низ светот и регионот за тоа и мислам дека е потребна само поголема посветеност кај креаторите на политиките за конечно да тргнеме во таа насока.

Во изминативе три децении како повеќето економски политики да беа многу понаклонети кон увозниците, додека во Македонија стана многу полесно да се увезува, отколку да се произведува и да се извезува. Дали фокусот на политиките ни е исправен и може ли Македонија да се развива без да има извозно насочена индустрија? Стопанската комора најавува нова извозна стратегија. Што би содржела оваа стратегија, кои ќе бидат главните столбови?

 

Веројатно мислите на политики на стимулирање на потрошувачката, наместо на производството…Во услови на мала и отворена економија, како нашава, увозот е неминовност. Нашиот извоз е увозно зависен, а и потрошувачите имаат одредени преференции за некои добра од увоз, така што истиот е неизбежен.

Проблем е што индустриската политика во државата почива на поддршка на претпријатијата на хоризонтален принцип, без да се таргетирани индустрии и сектори кои реално имаат додадена вредност на економијата во целост. Ова треба да се менува.

Стопанската комора на Македонија не може да носи стратегии, но со своите капацитети може да помогне за детално мапирање на стратешки извозни сектори за кои ние како земја имаме развојни можности и потенцијални компаративни предности кои може да ги развиваме во иднина.


Стопанската комора во изминатиов период ја комуницира Анализата за идентификација на развојните можности за извозна диверзификација, која ја комуницирате како еден вид основа за нова извозна стратегија. Може ли малку повеќе да објасните за оваа анализа, да споделите некои најважни заклучоци?

 

Цениме дека оваа студија на Стопанската комора на Македонија е исклучително важна во дефинирање на идните развојни приоритети на државата во делот на градење поконкурентна економија и може да биде корисна основа во градење на нова извозна стратегија на земјата.

Мора да разбереме дека сме мал пазар и дека единствен начин да се развиваме е да градиме извозни капацитети и затоа целата енергија на државата треба да биде насочена таму. Стопанската комора на Македонија во наредниот период ќе продолжи со вакви детални и емпириски засновани студии и анализи кои ќе бидат насочени кон поддршка на нашите членки во делот на градење на поголеми конкурентски предности за извоз на нови пазари.

Многу често во Вашите јавни настапи посочувате дека клучните проблеми ги оставаме под тепих, одбивајќи да се соочиме како држава со реалноста и со повисоката цена која треба да се плати. Кои се клучните проблеми кои не` кочат во развојот?

Сите проблеми ги ставаме под тепих. На прво место мислам на пописот, кој не се спроведува, а кој пред сè е неопходен за планирање на економскиот развој на државата.
Мислам на изборниот модел, кој не обезбедува квалитетни народни претставници во Собранието, а со тоа ниту квалитетни одлуки во истото. Мислам и на контраверзиите на изборните процеси кои предолго траат, на должината на кампањите, на финансирањето на политичките партии, на рокот за конституирање на избраните органи и на партискиот реваншизам. Изборите, наместо празник на демократијата се вистински кошмар за бизнисот.

Исто така, мислам и на високиот степен на протекционизам и регулација кои се спротивни на слободно функционирање на пазарот, мислам на „сивата“ економија, на корумпираните власти, понатаму на корумпираните НВО, корумпираните медиуми и на молчењето за истото од страна на институциите, МАНУ и други.

На почетокот на 2020 година, може ли дададете една проценка каква година не` очекува на економски план? Кои се плановите и очекувањата на компаниите кои ги застапува Стопанската комора? Каде ги гледате најголемите пречки и потенцијали за поголем економски раст?

Уште една обична година, во која не можеме да се надеваме на ништо спектакуларно. Најголемите пречки за економскиот раст може да произлезат од состојбата во германската економија, која во 2019 година порасна само 0,6%, по што постои неизвесност во која насока ќе продолжи да се развива годинава, ако се земат предвид се` уште актуелните трговски конфликти, Брегзит, намалениот глобален раст и силните потреси во автомобилската индустрија.
Падот на автомобилската индустрија во Германија од 9% во 2019 година и падот на извозот на автомобили од 13% се состојби кои може да се одразат врз побарувачката на производи од Македонија, поврзани со овој сектор и на нашиот  економски раст.
Дел од компаниите од автомобилската индустрија кои работат во Македонија исто така имаат витални компоненти кои се произведени во Кина и секојдневно будно се следи состојбата со корона вирусот и последиците кои тој ги предизвикува. Фактот што железничкиот сообраќај од Кина преку Русија е исто така суспендиран, а има и големо намалување на авионскиот сообраќај, секое пролонгирање на кризата и одложен почеток на работата на кинеските фабрики може да го афектира и производството во Македонија.