Ѓерѓалиу: ПОТРЕБНИ СЕ МИНИСТРИ ЗА РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА ВО СИТЕ ЗЕМЈИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

   

👁 Прочитано: 731


Ѓерѓалиу: ПОТРЕБНИ СЕ МИНИСТРИ ЗА РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА ВО СИТЕ ЗЕМЈИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН
Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија

Во насока на креирање регионалнана стабилност, минатата недела во Приштина се одржа Форум на Организацијата за граѓанско општество (CSO), во соработка со Невладината организација „Актив“, швајцарската Влада, Европската унија, ОБСЕ и КФОС - Косовската фондација за отворено општество. На Форумот на тема: „Директен дијалог како алатка за регионална стабилност“, свое учество имаше и генералниот секретар на Коморскиот инвестициски форум, Сафет Ѓерѓалиу.

Во своето обраќање на Форумот, Ѓерѓалиу ги повика политичарите од регионот да го следат примерот на КИФ за промовирање на регионот и  регионалната соработка.

„Тешко е да се зборува за економијата на Балканот без да ја вклучиме политиката. Сепак, Коморскиот инвестициски форум преку своите активности  докажа дека е можно да се спроведе и чиста економска иницијатива. Оваа регионална асоцијација постои и функционира многу добро. Имајќи канцеларии во Трст и во Подгорица, со вкупно 6 вработени, заедно со нашиот претседател на Управниот одбор, Марко Чадеж, нашите активности се многубројни и работиме на проекти корисни за компаниите и за земјите од регионот на Западен Балкан. Ако политичарите го следат нашиот пример, сите ќе имаме одлична заедничка иднина.“

Ѓерѓалиу напомена дека даноците од Косово кон Србија и Босна и Херцеговина се целосно погрешна политичка и популистичка одлука која нема позитивни, туку само негативни ефекти врз секоја од вклучените земји.

Наспроти даноците, генералниот секретар даде целосна поддршка на идејата за мини Шенген.

„Кога ќе се вратам и ќе се сетам на нашите први состаноци во Стопанската комора на Србија пред неколку години, среќен сум што видов дека повеќето наши барања од тоа време сега се вметнати во идејата за регионален мини Шенген. Затоа сум сигурен дека во следните од 5 до 10 години  иницијативата ќе стане реалност. Дотогаш, јас силно ја советувам секоја влада во регионот да формира ново Министерство за регионална соработка затоа што дијалогот секогаш треба да биде на прво место.“

Ѓерѓалиу: ПОТРЕБНИ СЕ МИНИСТРИ ЗА РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА ВО СИТЕ ЗЕМЈИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАНГоспоѓата Валери Хопкинс, дописник на „Фајненшал Тајмс“ и модератор на настанот, исто така се согласи со изјавата на Ѓерѓалиу.

„Кога за прв пат, вечерав со господинот Чадеж и господинот Ѓерѓалиу, јас бев во неверување како еден Србин и еден Албанец можат да бидат толку слични еден на друг. Тие буквално си ги надополнуваа и завршуваа своите реченици. Многу години потоа, воопшто не сум изненадена од успехот на Коморскиот инвестициски форум. Според визијата на Чадеж и Ѓерѓалиу, КИФ беше како штотуку родено дете, и тоа дете сега полека расте.“

Активностите на КИФ беа препознаени и од вториот панелист на Форумот на Организацијата за граѓанско општество (CSO), господинот Марко Савковиќ, програмски директор на Белградскиот фонд за политичка извонредност, кој рече дека иницијативата за економска соработка на коморите на Србија и на Косово е прифатена со големо задоволство и поддршка во нивните натамошни активности.