РАБОТНА СРЕДБА НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА СО РАКОВОДСТВОТO НА ВМРО ДПМНЕ

   

АКТУЕЛНО / 05.02.2020
👁 Прочитано: 409


РАБОТНА СРЕДБА НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА СО РАКОВОДСТВОТO НА ВМРО ДПМНЕ

Во насока на продолжување на добрата практика за унапредување на јавно-приватниот дијалог и презентирање на приоритетите на економските програми на политичките партии во пресрет на изборните процеси, во Стопанската комора на Македонија се одржа работна средба на претставници на бизнис-заедницата со лидерот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Стопанската комора на Македонија отсекогаш била партнер на Владата во доменот на подобрување на условите за стопанисување и конкурентноста на македонското стопанство, а економските програми на Владата отсекогаш биле значајни за бизнис-заедницата, поради што при нивното креирање е потребно да се слушнат и да се разменат мислења со стопанствениците, - истакна претседателот на Комората, Бранко Азески.

Претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информираше дека економската програма на партијата се темели на предвидлива економска политика со вклученост на бизнис-заедницата и дека истата ќе биде комплетирана по одржување на консултации и работни средби со стопанствениците. Говорејќи за приоритетните прашања, тој посебно се осврна на развојот на економијата и владеењето на правото.

На средбата, претседателот на ВМРО–ДПМНЕ и присутните економски соработници порачаа дека предуслов за остварување на посакуваниот раст на бруто домашниот производ од 5-6 % во мала и отворена економија како македонската, потребна е целосна промена на економскиот концепт. Во тој контекст беше истакнато дека е потребно одредено преструктурирање на институциите надлежни за економските ресори, преземање на економски мерки со цел зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП од 12 до 16 %, градење на стручна јавна администрација преку преквалификација и доквалификација на кадрите и свртување кон дигитализација на процесите, како и фокусирање на економската политика кон модерната индустријализација и извозната диверзификација.

РАБОТНА СРЕДБА НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА СО РАКОВОДСТВОТO НА ВМРО ДПМНЕ РАБОТНА СРЕДБА НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА СО РАКОВОДСТВОТO НА ВМРО ДПМНЕ

Претставниците на партијата информираа дека во рамки на програмата се планира продолжување на политиката на рамен данок со разгледување на можноста за намалување на даночната стапка од 10 на 9 % и намалување на даночната основа што би придонело и за намалување на „сивата“ економија како горлив проблем на државата. Дополнително, се разгледува и можноста врз основа на претходни анализи за укинување на одредени и намалување на други парафискални давачки како дел од оптоварувањата кои ги посочуваат компаниите.

 Со цел модерна индустријализација и извозна диверзификација на македонската економија, беше посочено дека е потребно мапирање и насочување кон стратешките сектори во домашната економија како носители на економскиот раст, развивање на програма за градење на конкурентна предност на македонските компании, како и воведување нов модел за привлекување странски инвестиции креиран врз потребите на домашната економија и вклучување на домашните компании во синџирот на добавувачи на странските инвеститори.

Говорејќи за владеењето на правото како приоритетно прашање, Мицкоски нагласи дека довербата во институциите и правосудството е предуслов за инвестициската активност и привлекување на домашните и странските инвестиции.

Стопанствениците на средбата покажаа интерес за планираните проекти во делот на инфраструктурата и одредени патни правци од значење за развојот на економијата, пописот како основа за донесување на важни економски одлуки, планираните реформи во делот на правосудството во контекст на обезбедување на владеењето на правото, спречување на корупцијата и други прашања од интерес за бизнисот.

м-р Нена Николовска