ШТО ИМ Е ПОТРЕБНО НА КОМПАНИИТЕ СО ТЕХНОЛОШКИ НАПРЕДНО ПРОИЗВОДСТВО?
ШТО ИМ Е ПОТРЕБНО НА КОМПАНИИТЕ СО ТЕХНОЛОШКИ НАПРЕДНО ПРОИЗВОДСТВО?
Биографија
д-р Елена Милевска Штрбевска
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања

Нема сомнение дека во малите отворени економии, како што е нашата, клучни фактори за поттикнување на економскиот раст се зголемениот извоз и приливот на странски директни инвестиции (СДИ), кои пак се причинско-последично поврзани со зголемената надворешна побарувачка.

Компаниите со странски капитал застапени во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) и во  индустриските зелени зони произведуваат и извезуваат производи со висока додадена вредност, користат напредна технологија и софистицирани производствени методи.

Странските директни инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони повеќе години наназад се главен носител на растот на домашната извозна активност. Со тоа, тие придонесуваат за раст на економијата, а имаат и позитивно влијание на пазарот на трудот преку отворање нови добро платени работни места.

Вкупниот извоз од компаниите кои веќе подолг период работат во ТИР зони во првата половина од 2019 година изнесува 1,4 милијарди евра, што е раст од 18,67% во споредба со истиот период претходната година. Бројот на вработени во овие компании во првиот квартал од годинава е околу 13.200 лица, но доколку се земат предвид и компаниите лоцирани во индустриските зелени зони, вкупниот број на вработени достигнува и до 25.000 лица со тенденција за натамошен раст.

Но, дали овие компании се соочуваат со определени предизвици, кои им оневозможуваат уште повеќе да растат?

Колку и да изгледа дека овие компании, кои вообичаено се дел од големи мултинационални корпорации, се без проблеми или административни пречки во работењето, а дополнително имаат и поддршка од државата во вид на државна помош, сепак постојат определени отворени прашања, кои можат да бидат надминати, а со тоа да им се овозможи натамошен раст, кој, секако, има мултипликативни позитивни ефекти и врз националната економија.

Основното барања на овие компании е ревидирање на царинските стапки за увозот на компоненти што се потребни за производство на технолошки напредни производи. Согласно актуелните прилики и растот на компании во македонската економија кои се извозно ориентирани, неопходно е нивно ревидирање со цел рационализирање на производствените трошоци а со тоа и зајакнување на конкурентноста на домашните производи на странските пазари. Во услови кога увозот на репроматеријалите во Македонија се прави од земји кои не се членки на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина, (со кои имаме договори за слободна трговија) нема никаква економска логика нивото на царинска заштита да биде повисоко од нивото на заштита во Европската унија, бидејќи таквата царинска политика негативно влијае врз можноста компаниите кои работат во земјава подеднакво да се носат со конкуренцијата на европскиот пазар, кадешто завршува најголем дел од извозот од земјава на оние производи кои се со повисок степен на додадена вредност. Намалувањето на увозните давачки не само што значитечно ќе ја подобри конкурентноста на прозводите од Македонија, туку позитивно ќе влијае и на донесувањето на интерни одлуки во самите корпораците за проширување и диверзификација на нивното производство во Македонија, а со тоа и отварање на нови работни места за македонските граѓани. Атрактивноста на земјата за привлекување на нови капитално-интензивни инвестиции исто така, се очекува да се зголеми.

Интересно е и барањето на компаниите кои користат калапи за производство на одредени компоненти што се користат особено во автомобилската индустрија, но и во други индустрии со процеси на лиење и вбризгување на пластични делови. Тоа се однесува на ревидирање на даночниот и сметководственит третман на таквите калапи, со цел тие да се сметаат како средства и оправдани инвестициски трошоци. Причините за ваквите барања се повеќестрани. Имено, компаниите кои изработуваат автомобилски делови укажуваат на фактот дека калапите кои ги користат претставуваат основни средства кои во суштина ја креираат самата вредност на финалните производи. Тоа е нешто без што не може ни да постои производот, а самиот калап има вредност која ја надминува цената на чинење на финалниот производ. Втората причина е што таквите калапи, заради нивната габаритност, трошоци на одржување и репарација, за компаниите отвора потреба за дополнителни работни места, високи трошоци за царина при увоз или примена на постапка за привремен увоз  со оглед на статусто н а нивната сопстевност   (чии носители најчесто не се компаниите производители, туку нивните клиенти). Третата причина се и дополнителните трошоци за одржување за целиот период додека трае нивната употребна вредност (до 20 години) , и покрај фактот што практично тие не се користат толку долго во производниот процес, колку што треба да се чуваат во исправна и оперативна состојба.

Отворените прашања околу областите работни односи и безбедност и здравје при работа, системско решавање на проблемот со недостиг од квалификуван кадар и потребата од реформи во образовниот систем, можноста за регионален пристап при доделување на државната помош во функција на рамномерен регионален развој, како и постоењето едно оперативно тело задолжено за натамошна грижа за присутните компании, како и други предлози за зајакнување на конкурентноста на компаниите, се дел од иницијативите кои се особено важни за работата на самите компании лоцирани во зоните но индиректно и за сите други компании во Македонија.

Toa e показател дека странските компании водат грижа за подобрување на бизнис-климата во земјава и нивната долгорочна цел е да останат во државата и да отвораат нови работни места. Овие странски компании имаат особено големо влијание во целокупниот економски раст на земјата преку креирање нови и добро платени работни места, пораст на продуктивноста на работната сила, пристап до нови технологии и знаења, развој и усвојување на современи менаџерски вештини, финансиска стабилност и општа благосостојба во општеството.

Дел од овие прашања беа предмет на дискусија и на средбата што се одржа во Комората оваа недела, помеѓу претставниците на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамки на Стопанската комора на Македонија со премиерот и економскиот тим на Владата. На средбата за голем дел од прашањата се изрази подготвеност да се решат. Очекуваме носење на автономни мерки за намалување на царинските стапки за одредени производи, како привремено решение за зајакнување на конкурентноста на компаниите коишто производуваат технолошки напредни производи како и поголема атрактивност на земјата при привлекување на нови компании со странски капитал од различни стопански секторкако и решавање на прашањето со калапите... Останува да се работи и на сите оние прашања кои би дале бенефит и на долг рок, вклуувајќи ги измените во царинската и даночната политика, образовните реформи и слично... Да видиме што ќе ни донесе периодот после средбата!