ДУИНГ БИЗНИС И БИЗНИСОТ

   

👁 Прочитано: 363


ДУИНГ БИЗНИС И БИЗНИСОТ
Биографија
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор
на Стопанската комора на Македонија
за економски прашања

Холандија е 42-ра, пред неа е Словенија 37-ма, пред нив се Швајцарија 36-та и Израел 35-ти, па Франција 32-ра и Јапонија 29-та, пред нив Австрија 27-ма, Канада 23-та и Германија 22-ра. И, пред сите нив, Македонија 17-та!!! Патем, ова не е нашиот најдобар пласман. Минатата година бевме 10-ти на светот. Воопшто не би ме изненадило ако многумина од земјава помислат дека ова е некоја грешка, дека вакво рангирање не е можно. 

Да разјасниме. Ова е рангирањето во најновиот годишен Дуинг Бизнис извештај на Светска Банка. Очекувано, годинешново рангирање е предмет на спротивставени коментари, согласно сопствените потреби и агенди. Од една страна, се истакнува дека Македонија го влоши својот вкупен пласман за седум места во споредба со претходниот извештај. Од друга страна, се истакнува дека и покрај влошениот пласман Македонија е подобро рангирана од сите земји во нашиот регион и пошироко. И двете перцепции се точни, фактичка состојба. Како тогаш да се оцени што всушност покажува пласманот на Македонија?

Одговорот доаѓа од суштината на самиот извештај и тој треба да се демистифицира. Дуинг Бизнис извештајот на Светска банка ја истражува регулативата, истражува која регулатива ги олеснува бизнис активностите, а која ги ограничува. Тоа го прави со квантификација, на систематизиран начин што овозможува споредба на резултатите и рангирање на 190 земји од светот. Притоа, се анализира регулативата за секоја фаза од бизнис активностите. Најпрвин, регулативата за отворање бизнис каде што се оценува започнувањето бизнис, а како ново истражување кое сé уште не е предмет на оценување, додадена е регулативата за вработување работници. Следна регулатива што се оценува е регулативата поврзана со стекнување локација за бизнисот, во што влегува добивањето градежна дозвола, добивањето пристап до електрична енергија и регистрирањето на имотот. Потоа доаѓа регулативата за пристап до финансиски средства, каде што е вклучено добивањето кредити и заштитата на малцинските инвеститори. Следна регулатива е таа што се однесува на секојдневните бизнис операции како што се плаќањето даноци и прекуграничната трговија. На крајот доаѓа регулативата што треба да овозможи работење во сигурен бизнис амбиент, кадешто спаѓа регулативата за извршување на договорите и разрешувањето на несолвентноста. Практично, се оценува регулативата што ги покрива клучните фази од целокупниот процес на функционирање на бизнисите во една земја.

Клучната поента е дека Дуинг Бизнис извештајот на Светска банка сепак ја анализира само регулативата, она што го има на хартија. Тој не ја анализира примената на тоа што го има на хартија. Дополнително, не го анализира степенот на политизација во земјата. Не анализира како функционира правосудството. Не анализира колку пати и зошто имало предвремени избори во земјата. Не анализира колку издвојува земјата за истражување и развој. Не анализира како е рангирана земјата на ПИСА тестовите за функционална писменост на 15 годишниците. Не анализира колку универзитети од земјата има на Шангајската листа. Не анализира дали и зошто некоја земја не направила попис. Не го анализира кредитниот рејтинг на земјата. Не анализира уште многу други вакви важни работи.

Затоа е можно сите оние земји од почетокот на текстов да се полошо рангирани, а сепак многу поразвиени од Македонија, да имаат повеќекратно повисок животен стандард, да имаат економии што се модерни, технолошки развиени и перспективни. Затоа што тие имаат полоша регулатива на хартија, ама во пракса систем што функционира. И не само годинава, туку и во годините претходно кога имавме и уште подобра позиција од најновата.

Се разбира, добро е да се има висока позиција во Дуинг Бизнис извештајот затоа што тоа дава кредибилитет на приказната на Македонија при привлекувањето потенцијални странски инвеститори. Тоа не резултира секогаш со повеќе директни странски инвестиции во споредба со полошо рангираните земји од нашиот регион, ама сепак помага. И, ако земјава сака да ја одржува подолг временски период добрата позиција на Дуинг Бизнис листата, тогаш ќе мора да има експертски тим што ќе се фокусира и ќе работи само на тоа. Но, собирањето поени за подобар пласман не е цел сама за себе. Да не заборавиме, без стриктна примена, регулативата е сепак само парче хартија. И не само во областите што ги оценува Дуинг Бизнис извештајот. Уште повеќе во областите што не ги оценува.