Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
28.08.2019 👁 Прочитано: 972

ПРИДОБИВКИ ОД СТАТУСОТ ОВЛАСТЕН ЕКОНОМСКИ ОПЕРАТОР


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Актуелно е тоа што изминативе денови во рамки на активностите поврзани со отварањето на заедничкиот граничен премин Табановце/Прешево се потпиша акт за заемно признавање на одобренија за овластен економски оператор за безбедност и сигурност меѓу двете држави.

Генерално, придобивките од статусот Овластен економски оператор (ОЕО) се недоволно познати за македонските компании-економски оператори.

Со стекнување на статус на Овластен економски оператор, се смета дека економскиот оператор е сигурен во поглед на исполнувањето на царински поврзаните активности и согласно тоа има право на поволности во рамките на царинското подрачје на Македонија.

Стекнувањето на статус на овластен економски оператор не е обврска за економските оператори по закон, туку со ваков статус по сопствен избор може да се стекне секој економски оператор, вклучувајќи ги и малите или средните трговски друштва без оглед на нивната улога во меѓународниот синџир на снабдување, доколку исполнува одредени услови. Исто така, не постои законска обврска за овластените економски оператори да побаруваат од своите деловни партнери да стекнат статус на овластен економски оператор.

Овластен економски оператор се утврдува преку издавање на различни видови на одобренија: овластен економски оператор за царински поедноставувања (ОЕОЦ) што значи исполнување на практични стандарди за компетенции или професионални квалификации директно поврзани со активностите кои се извршуваат и овластен економски оператор за безбедност и сигурност (ОЕОС), што претпоставува исполнетост на соодветни безбедносни и сигурносни стандарди. Секој вид на одобрение вклучува различен вид на поволности.

Критериуми за одобрување на овластен економски оператор за царински поедноставувања се:

1. непостоење на каква било тешка повреда или повеќекратни повреди на царинските и даночните прописи, вклучувајќи непостоење на сторено тешко кривично дело во врска со економската дејност на барателот;
2. доказ од барателот за високо ниво на контрола над неговите дејности и движењето на стоката преку систем на управување со трговската, а кога е соодветно и транспортната евиденција, кој овозможува спроведување на соодветни царински контроли;
3. финансиска солвентност која се смета за докажана кога барателот има добра финансиска состоја која му овозможува исполнување на обврските имајќи ги предвид карактеристиките на видот на неговата деловна активност;
4. практични стандарди на компетенции или професионални квалификации директно поврзани со активностите кои се извршуваат.

ОЕОС предвиден е за економски оператори основани во царинското подрачје на Македонија кои би сакале да користат различни олеснувања во поглед на царинските контроли поврзани со безбедноста и сигурноста кога стоката се внесува во царинското подрачје или кога стоката го напушта царинското подрачје на нашата држава.

Критериуми за одобрување на царински поедноставувања овластен економски оператор за безбедност и сигурност се:

1.евиденција за почитување/усогласеност со царинските и даночните прописи, вклучувајќи непостоење на сторено тешко кривично дело во врска со економската дејност на барателот;
2. докажано високо ниво на контрола над неговите дејности и движењето на стоката преку систем на управување со трговската евиденција, а кога е соодветно и транспортна евиденција, што овозможува спроведување на соодветни царински контроли.
3. докажана финансиска солвентност и
4. соодветни стандарди за безбедност и сигурност.

Имателите на едното и другото одобрение имаат право на одредени видови на поедноставувања, како и на поповолен третман во однос на другите економски оператори во поглед на царинските контроли, вклучувајќи помалку физички и документарни царински контроли, претходно известување и предност во случај кога е селектиран за царинска контрола, можност за побарување контролата да се изврши на место различно од местото за контрола на надлежниот царински орган, предност при одлучување по кое било поднесено барање до царинскиот орган, користење на приоритетна лента за излез од царинското подрачје, бесплатна обука за новини во царинското работење и слично.

Имателот на одобрение ОЕОС има право на помалку физички и документарни контроли поврзани со безбедност и сигурност, додека одобрението ОЕОЦ ги исклучува поволностите поврзани со контроли поврзани со мерки на безбедност и сигурност.

Значи, овластените економски оператори за царински поедноставувања немаат право на поволностите поврзани со одобренијата за царински поедноставувања за безбедност и сигурност во меѓународниот синџир на снабдување и оттаму, статусот овластен економски оператор во вид на ОЕОЦ не се зема предвид во случаи на договори за взаемно признавање со други земји. Имателот на одобрение ОЕОС пак, е признат како економски оператор кој ги има преземено сите потребни мерки за заштита на своето работење и со тоа претставува сигурен учесник во меѓународниот синџир на снабдување како од перспектива на државните и јавните органи така и од перспектива на своите деловни партнери.

Двата видови одобренија, ОЕОЦ и ОЕОС може да се користат истовремено. Во тој случај потребно е операторот да ги исполнува критериумите за ОЕОЦ и ОЕОС и ги добива поволностите од двете одобренија. Значи, кога барателот има право на двата вида на одобренија ОЕОЦ и ОЕОС, се издава едно комбинирано одобрение.

Во досегашниот период со статусот Овластен економски оператор за безбедност и сигурност се стекна Европа АД Скопје и ДММ „Дрекслмајер Мануфактуринг Македонија“ ДООЕЛ – Кавадарци, а со статус Овластен економски оператор за царински поедноставувања Фершпед АД Скопје. „ИГМ-Трејд“ ДОО -  Кавадарци има комбинирано одобрение со статус на Овластен економски оператор за царински поедноставувања и за безбедност и сигурност.

Придобивките од стекнувањето на статусот овластен економски оператор, кои значат намален обем на контроли и заштеда на време и средства на економските оператори во надворешната трговија при спроведувањето на извозно-увозни постапки треба да се мотив и за останатите економски оператори за стекнување со ваквиот статус.

ПРИДОБИВКИ ОД СТАТУСОТ ОВЛАСТЕН ЕКОНОМСКИ ОПЕРАТОР