ОДЛУКА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА МЕТОДОЛОГИЈАТА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРЕДИТНИОТ РИЗИК („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 76 ОД 24.03.2020)



Врз основа на член 47 став 1 точка 6 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 123/12, 43/14, 153/15, 6/16 и 83/18), член 68 став 1 точка 2 и член 69 став 2 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/07, 90/09, 67/10, 26/13, 15/15, 153/15 и 190/16), Советот на Народната банка на Република Северна Македонија, донесе

ОДЛУКА
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА МЕТОДОЛОГИЈАТА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРЕДИТНИОТ РИЗИК

1. Во Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 149/18) по главата VI се додава нова глава VI-А, којашто гласи:

„VI-A ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ ЗАРАДИ УБЛАЖУВАЊЕ НА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ЕПИДЕМИЈАТА НА КОВИД-19“

58-a. Kредитната изложеност којашто на 29 февруари 2020 година е класифицирана во категорија на ризик „А“, „Б“ или „В“ и којашто во периодот од 1 март до 30 септември 2020 година по било која основа ќе биде ненаплатена подолго од 90 дена, но пократко од 150 дена сметано од рокот на достасување или којашто во овој период ќе исполни било кој од критериумите од точката 44 од оваа одлука, нема третман на нефункционална кредитна изложеност.

Одредбите од ставот 1 од оваа точка се однесуваат и на кредитната изложеност класифицирана во категорија на ризик „А“ или „Б“ којашто е одобрена во периодот од 1 март до 30 септември 2020 година.

Во периодот од 1 март до 30 септември 2020 година банката не е должна да ја применува точката 43 од оваа одлука на клиентите чиишто кредитни изложености се опфатени со ставовите 1 и 2 од оваа точка.

58-б. Доколку во периодот од 1 март до 30 септември 2020 година, банката најмногу во два наврати изврши некоја од активностите од точката 37 став 1 од оваа одлука на кредитна изложеност којашто на 29 февруари 2020 година е класифицирана во категорија на ризик „А“, „Б“ или „В“, таа кредитна изложеност не добива третман на реструктурирана кредитна изложеност.

Доколку во периодот од 1 март до 30 септември 2020 година банката изврши некоја од активностите од точката 37 став 1 од оваа одлука, на реструктурирана кредитна изложеност којашто на 29 февруари 2020 година е класифицирана во категорија на ризик „А“, „Б“ или „В“, таа кредитна изложеност не добива третман на реструктурирана нефункционална кредитна изложеност.

Активностите од ставовите 1 и 2 од оваа точка можат да вклучат и одобрување грејс период за плаќање на главницата, каматата и/или на другите обврски на клиентот врз основа на кредитната изложеност.

На кредитните изложености од оваа точка соодветно се применуваат одредбите од точките 38 и 39 од оваа одлука.

58-в. На кредитните изложености од точката 58-б од оваа одлука не се применуваат одредбите од точките 33 и 35 од оваа одлука.

Банката не е должна да ја изработи финансиската анализа од точката 34 од оваа одлука за кредитните изложености од точката 58-б на клиентите физички лица.

Финансиската анализа од точката 34 од оваа одлука за клиентите нефинансиски правни лица треба да содржи минимум елементи врз основа на кои банката ќе може да утврди кои активности од точката 37 став 1 од оваа одлука најмногу одговараат на финансиската состојба на клиентот.

58-г. Банката е должна во своите интерни акти да го пропише начинот на спроведување на одредбите од точките 58-б и 58-в став 3 од оваа одлука, вклучително и начинот на информирање на клиентите во врска со примената на одредбите од оваа глава, следејќи ги препораките и мерките дадени/преземени од Владата на Република Северна Македонија за справување со епидемијата на КОВИД-19.

58-д. Со состојба на 30 септември 2020 година, банката е должна да изработи преглед со месечна динамика за доделување третман на нефункционални кредитни изложености на кредитните изложености од точката 58-а од оваа одлука во периодот до 31 декември 2020 година.

Банката е должна да им додели третман на нефункционална кредитна изложеност на сите изложености коишто на 31 декември 2020 година ги исполнуваат условите од точката 2 потточка 2.6 од оваа одлука и да се усогласи со одредбите од точката 43 од оваа одлука.

Банката е должна да го достави прегледот од ставот 1 од оваа точка до Народната банка, најдоцна до 30 октомври 2020 година.

58-ѓ. Банката е должна да доставува до Народната банка месечни извештаи за кредитните изложености од точките 58-а и 58-б со состојба на крајот на месецот за којшто се известува.

Рокот за доставување на извештаите од ставот 1 од оваа точка е 15 дена по истекот на периодот за кој се известува.

58-е. Одредбите од оваа глава се однесуваат на кредитните изложености кон физички лица и кон нефинансиски правни лица.

За потребите на оваа глава, кредитната изложеност класифицирана во категорија на ризик „В“ не ја вклучува нефункционалната кредитна изложеност класифицирана во оваа категорија на ризик на 29 февруари 2020 година. “

2. Оваа одлука стапува во сила од денот на нејзиното објавување на „Службен весник на Република Северна Македонија“.


Гувернер


и претседавач на Советот

О бр. 02-15/IV-2/2020

на Народната банка на

20 март 2020 година

Република Северна Македонија,

Скопје

д-р Анита Ангеловска-Бежоска, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје