ОДЛУЧНИ АКТИВНОСТИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА БАРИЕРИТЕ ВО ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО СРБИЈА

   

АКТУЕЛНО / 22.11.2019
👁 Прочитано: 463


ОДЛУЧНИ АКТИВНОСТИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА БАРИЕРИТЕ ВО ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО СРБИЈА

Порака од деловните средби на македонски и српски компании со претседателот Пендаровски

Двете држави, во соработка со Стопанските комори и деловните заедници од македонска и од српска страна, во најитен рок да спроведат регулаторна гилотина на сите прописи и регулативи кои поставуваат бариери во меѓусебната размена, е пораката од работната средба на македонските и српските компании со претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, организирана од Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Србија, во Белград, на 22.11.2019 година.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески посочи дека сите активности треба да се насочат кон обезбедување на нужни предуслови за надминување на обемот на меѓусебна размена од 1 милијарда евра, кој го имаме неколку години наназад.

ОДЛУЧНИ АКТИВНОСТИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА БАРИЕРИТЕ ВО ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО СРБИЈА - За постигнување на добри резултати потребни се нестандардни мерки – потребни ни се ефективни потези што ќе ја олеснат соработката помеѓу македонските и српските фирми. Затоа, треба во најкус можен рок да биде направена регулаторна гилотина на сите прописи кои воведуваат ограничувања или несоодветни административни оптоварувања за компаниите кои извезуваат на српскиот и на македонскиот пазар, со што ќе заштедиме време и пари на нашите стопанственици, и ќе го поедноставиме влезот на македонски производи на српскиот пазар и обратно. Ние во Коморите, по доставените предлози и забелешки од компаниите, ќе направиме сумирање на сите прописи кои воведуваат вакви ограничувања, и ќе доставиме официјални барања до Владите во двете држави со единствен акт, истовремено да бидат укинати сите тие прописи, посочи претседателот Азески.

Азески се осврна и на активностите кои Коморскиот инвестициски форум ги презема во насока на забрзување на регионалното поврзување, и постигнување на регионална економска интеграција, вклучувајќи ги тековните активности за воспоставување на заеднички регионални институции (заеднички арбитражен центар, заедничко кредитно биро, заедничка авиокомпанија за регионот од Западен Балкан), но и конкретните мерки за обезбедување на поддршка за компаниите кои имаат прекугранични активности.

ОДЛУЧНИ АКТИВНОСТИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА БАРИЕРИТЕ ВО ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО СРБИЈА Претседателот на Република Северна Македонија се осврна на важноста на прашањето за зајакнување на економската соработка, посочувајќи дека барањата на бизнисмените мора да имаат приоритет.

- Научив да ги слушам бизнисмените, а не да им кажувам што да прават. Задача на политичарите е да создаваат рамка во која бизнисмените можат да прават бизнис. Државните институции мора да бидат сервис на бизнисот, посочи претседателот Пендаровски во своето обраќање.

Претседателот Пендаровски посочи дека има потенцијали за зголемување на обемот на меѓусебната размена и на ниво многу поголемо од 1,5 милијарди евра, и дека економската соработка помеѓу компаниите од регионот треба да има приоритет пред соработката со подалечните европски држави, посочувајќи дека е жалосно што обемот на размена со земјите од регионот последните години не надминува 10-12% од вкупната трговска размена на Република Северна Македонија. Пендаровски посочи дека иницијативата за т.н. мал шенген треба да биде поддржана, затоа што во својата основа обезбедува услови за целосно спроведување на принципите на слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, и на овој предлог не треба да се гледа како на алтернатива за полноправно членство во Европската Унија за државите од регионот на Западен Балкан, туку надоградба на ЦЕФТА договорот, која треба да овозможи подобри услови за стопанисување во регионот.

ОДЛУЧНИ АКТИВНОСТИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА БАРИЕРИТЕ ВО ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО СРБИЈА Пазар од 2 или 10 милиони жители со кој непосредно граничиме е многу поважен од пазар од 100 милиони жители кој се наоѓа на оддалеченост од 3.000 километри, и затоа треба да се даде приоритет на прашањата за надминување на препреките во меѓусебната трговија, беше пораката на присутните стопанственици од Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Србија.

Се дискутираше за повеќе прашања кои претставуваат оптоварување во меѓусебната размена, вклучувајќи ги прашањата за различните процедури и трошоци кои се наметнуваат кај увозно-извозните постапки во двете држави, непризнавањето на фитосанитарните и ветеринарните сертификати и останатата придружна документација, обврската единствено во писмена форма да се доставува потребната документација за добивање на потврда за исполнетост на законските услови за безбедност на храната, ограничувањата во определеното работно време на инспекциските служби на граничните премини, усогласувањето на правилниците за месо и производи од месо со релевантните европски прописи, укинување на обврските за спроведување на испитувања за радијациска и нуклеарна сигурност и безбедност за секоја пратка поодделно, понатамошно операционализирање на воведеното заедничко гранично управување на граничниот премин Табановце/Прешево, олеснување на процедурите за добивање на работни дозволи, и заемно признавање на лиценците и уверенијата, заемно признавање на регистрацијата на правата од индустриска сопственост во двете држави, креирање на заеднички политики во областа на енергетиката, како и возобновување на регионалните ланци на снабдување помеѓу македонските и српските компании.

ОДЛУЧНИ АКТИВНОСТИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА БАРИЕРИТЕ ВО ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО СРБИЈА Република Србија е наш најголем балкански партнер, при што 57% од вкупната размена што нашата земја ја има со земјите од Западен Балкан се остварува само со Србија. Минатата 2018 година, статистиката евидентира меѓусебна трговска размена во вредност од 889 милиони САД$ и раст на обемот на размената од близу 11%.

При тоа, остварен е извоз во вредност од 277 милиони САД $ со раст од 11,24%, додека пак увозот изнесува 611,8 милиони САД $ каде се бележи раст од 10,5% споредено со 2017 година и евидентиран е дефицит во трговската размена за 2018 година во износ од 334,7 милиони САД$, кој во однос на 2017 година е зголемен за 9,84%.

Трендот на раст продолжува и во 2019 година, при што вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Србија за периодот I-VIII-2019 година достигна вредност од 623 милиони САД$, со пораст од 11% во однос на истиот период лани. Остварен е извоз во вредност од 181,22 милиони САД $ со пораст од 7%, додека пак, увозот изнесува 441,9 милиони САД $ и исто така бележи раст од 11,8% во споредба со периодот I-VIII-2018 година. Евидентиран е дефицит во трговската размена во износ од 260,7 милиони САД$, при што во споредба со анализираниот период лани, истиот е зголемен за 15%.

За осумте месеци од 2019 година, Србија е четврти најважен партнер во надворешно-трговската размена на Северна Македонија, веднаш зад Германија, Велика Британија и Грција.

д-р Татјана Штерјова