ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И АВСТРИЈА НА ЗАВИДНО НИВО

   

АКТУЕЛНО / 19.11.2019
👁 Прочитано: 194


ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И АВСТРИЈА НА ЗАВИДНО НИВО

Во рамки на серијалот заеднички прес конференции со амбасадорите од група на селектирани земји, со кои нашата земја во периодот од стекнувањето на независноста наваму има голема економска соработка и потенцијал за зголемување на таа соработка во иднина, денес во фокусот беше Австрија. Одржана е заедничка прес конференција со Н.Е. Георг Вуцас, амбасадор на Австрија во нашата земја и со господинот Штефан Петер, Претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија и  претседател на Советот за странски инвеститори при СКМ.

Во врска со оствареното во досегашната соработка и можностите за нејзино зголемување изработена е кратка анализа која е поставена на веб страната на Стопанската Комора на Македонија. На почетокот од прес конференцијата Зоран Јовановски, главен советник за економски прашања на Управниот одбор на Стопанската Комора на Македонија, се осврни на некои од клучните поенти од анализата, истакнувајќи дека Австрија е голем пријател на нашата земја и силен поддржувач на нашите евроинтеграциски заложби. Во таква атмосфера на одлични билатерални односи, постојан и динамичен дијалог на највисоко ниво, во сиот изминат период и економската соработка меѓу двете земји се одвиваше во позитивна насока.

Според податоците, заклучно со 2018 година од вкупно 5,3 милијарди американски долари странски директни инвестиции во Македонија, 12,9% од нив или 687 милиони долари, дошле од Австрија. Тоа ја прави Австрија втор најголем странски инвеститор во Македонија. Ако се земат предвид и укажувањата од амбасадата на Австрија за промените настаните во 2019 година, тогаш заклучно со оваа година можеме да зборуваме за Австрија како земја од која доаѓаат најголем дел од странските директни инвестиции во Македонија. Имајќи предвид дека странските директни инвестиции се повисок степен на соработка од надворешно-трговската размена, ова е големо признание за  македонската економија и потврда за нејзиниот потенцијал и перспективи за иднината.
Јовановски посочи дека Австрија е важна и за македонскиот извоз. Таа е на 9-то место на најважните извозни пазари за македонската економија. Сепак, учеството на македонскиот извоз во Австрија во вкупниот извоз на Македонија варира во поодделни години, и сé уште е на релативно ниско ниво. На страната на увозот, Австрија е на 15-то место според македонскиот увоз од поодделни земји.

Во однос на зголемувањето на идната соработка, Јовановски посочи дека за тоа има големи можности. Кај странските директни инвестиции, треба да се има предвид дека правните лица од Австрија секоја година инвестираат повеќе од 10 милијарди американски долари во странство, што упатува на заклучокот дека во земјава доаѓа мал дел од тоа. И покрај релативно малата големина и апсорпциона моќ на македонската економија, сепак, треба да работиме на подобрување на економскиот амбиент за да привлечеме во нашата земја поголем дел од австриските инвестиции. Треба да се искористат можностите за соработка во енергетскиот сектор и инфраструктурата, во областа на земјоделското, особено органското производство, прехранбената преработувачка индустрија, телекомуникациите, банкарството.

Релативно скромното учество на Австрија во надворешно-трговската размена на нашата земја упатува на значаен простор за нејзино зголемување во иднина. Јовановски истакна дека оптимизмот доаѓа од неколку пунктови. Австриската економија е 40тина пати поголема од македонската. Според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд, таа ќе продолжи да расте и во 2020 година, истото важи и за македонската економија. БДП по жител, како показател за просечниот животен стандард, е 9,3 пати повисок од македонскиот. Сето ова, големината на австриската економија, високиот животен стандард и куповна моќ на австриското општество и позитивните проекции за идниот економски раст на двете земји покажуваат дека постојат здрави економски фундаменти и тие се основата за оптимизам дека економската соработка, а особено надворешно-трговската размена меѓу двете земји, можат да се продлабочат во наредниот период. Македонските компании треба да го имаат предвид овој потенцијал.

Н.Е. Георг Вуцас, истакна дека Австрија е одамна присутна на овие простори. Уште во 1851 година, во Битола е отворен конзулат, а годинава се прославуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Н.Е. Вуцас истакна дека влезот во ЕУ го промени карактерот на австриската економија. Оттогаш таа започна да инвестира позначително во странство и да извезува. Отворањето на економијата доведе до диверзификација на извозот, така што денес прв најголем трговски партнер на Австрија е Германија, а веднаш по неа САД. Според одредени истражувања, на секои заработени 10 евра во авбстриската економија, 6 се поврзани со некаква извозна активност. Имајќи го предвид големото значење на влезот во ЕУ за австриската економија, тој посочи дека Австрија сака да и помогне на земјава на тој пат.

Амбасадорот Вуцас се осврна и на потребата на бизнисот од работници со потребни вештини. Во тој контекст, тој го истакна позитивното искуство на Австрија со дуалното обраозвание.  За регулативата на пазарот на работна сила рече дека треба да им даде можност на студентите и да студираат и да работат.

Сериозно значење треба да им се посвети и на прашањата за животната средина и обновливите извори на енергија. Н.Е. Вуцас ги посочи примерите на Австрија за обезбедување чиста вода во претходно многу загадените реки и езера. Истакна дека примената на фотоволтаици и слични технологии што се пријателски настроени кон животната средина можат многу да помогнат за подигање на квалитетот на животот на граѓаните.

Господинот Штефан Петер, низ искуството на ЕВН Македонија, истакна дека Северна Македонија е сигурен партнер на австрискиот бизнис. Ниту во времето на глобалната финансиска криза, ниту подоцна во текот на тукашната политичка криза, австриските инвеститори не ја напуштија земјата. Напротив, тој посочи дека тие продолжија со својата работа, дополнително инвестирајќи во македонската економија. Притоа, беше кажано дека постојат и индиректни позитивни ефекти за македонската економија. Пример за тоа е аутсорсингот, во примерот на ЕВН Македонија, каде што за секој вработен во оваа компанија има уште едно лице кое не е вработено во компанијата, но преку нејзините активности индиректно ја заработува својата плата. Тој истакна дека треба да се најде начин како австријците да купуваат повеќе македонски производи.

М-р Зоран Јовановски