ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД НА РСМ, У. БР. 72/2019 ОД 15 НОЕМВРИ 2019 ГОДИНА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 20 ОД 30 ЈАНУАРИ 2020 ГОДИНА)



Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницата одржана на 15 јануари 2020 година, донесе Одлука со која се укина член 9 став 2 во делот: „наградата” од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена од министерот за правда, број 21-648/7 од 07.02.2019 година, („Службен весник на Република Македонија“ број 32/2019).

Член 9 став 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена од министерот за правда, број 21-648/7 од 07.02.2019 година, („Службен весник на Република Македонија“ број 32/2019), уредува дека: „кога извршувањето е запрено по барање на доверителот или извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија и наградата ги плаќа доверителот“.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, нормите како во законите, а и во прописите треба да бидат прецизни, јасни, недвосмислени и да не внесуваат ниту најмала доза на правна несигурност, со цел да се исклучи секаква можност од арбитрарност во нивната примена. Владеењето на правото подразбира конципирање на општи, точно одредени и недвосмислени формулирани правила, бидејќи само таквите правни норми можат да ја гарантираат правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеењето на правото.

Според Судот, во овој случај, во оспорениот дел „наградата” содржан во член 9 став 2 од Тарифата, не е јасно конципирана содржина во членот од Тарифата, така што остава простор за арбитрарност имајќи во вид дека не дава јасна претстава и не дава солидна основа за законито и правилно задолжување на доверителот (покрај другите трошоци) да му плати на извршителот и награда за реализација на извршна исправа, во случаите на запирање на извршувањето, со што, дополнително од тој аспект се доведува во прашање и правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Воедно, во контекст на принципот на владеење на правото, правата и обврските за граѓаните коишто произлегуваат од правни ситуации од одредена правна сфера, прецизно треба да бидат уредени со закон.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје