Трговскиот центар „East Gate“ готов до есен следната година, заокружено неговото финансирање
➢ Актуелно (30.07.2020)
👁 Прочитано: 604



Трговскиот центар „East Gate“ готов до есен следната година, заокружено неговото финансирање

Денес на градилиштето на трговскиот центар East Gate во Скопје се потпиша најголемиот синдициран заем во земјава, во вредност од 72 милиони евра. Лидер на заемот е НЛБ Банка АД Скопје, а останати банки учесници се Комерцијална Банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје и Raiffeisen Bank Албанија.

На денешното потпишување на договорот присуствуваа генералните директори од сите наведени банки, а свое обраќање имаше и генералниот извршен директор на трговскиот и резиденцијален центар East Gate, Игор Давков, како и претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, Антонио Аргир.

Присутните го искажаа своето задоволство од потпишувањето на овој договор за најголем синдициран заем, а истакнаа дека поради пандемијата со Ковид-19 сето тоа се одвива во сосема поинакви услови.

Во врска со отворањето на трговскиот центар East Gate, директорот на трговскиот центар, Игор Давков најави дека тоа ќе се случи следната година, поточно во текот на наредната сезона есен-зима. Давков истакна и дека на 40 отсто од вкупниот капацитет на трговскиот ќе се отворат уште 20 сосема нови брендови во земјава. Во трговскиот центар East Gate веќе 90 отсто од просторот е закупен, а Давков најави дека токму во овој трговски центар ќе биде отворена и најголемата Зара во регионот.

Според првичните поценки, со отворањето на центарот се очекува отворање и на 2.500 работни места, кои, како што најави директорот Давков ќе имаат влијание врз намалувањето на невработеноста во земјата, посебно кај помладата популација.

 

Служба за информирање при Комората