СЕВЕРИНО: Владеењето на правото и антикорупцијата - императив за стабилна економија

   

АКТУЕЛНО / 11.02.2020
👁 Прочитано: 432


СЕВЕРИНО: Владеењето на правото и антикорупцијата - императив за стабилна економија

На 10 февруари 2020 година, во Стопанската комора на Македонија, во соработка со Амбасадата на  Р. Италија и Амбасадата на Р. Албанија во РС Македонија, се одржа работна средба меѓу претставници на бизнис заедницата и проф. Паола Северино, специјален претставник на ОБСЕ за борба против корупцијата. 

-Владеењето на правото и активно спроведување на стратегии за антикорупција се основите за креирање држава со ниска стапка на криминал и стабилна економија. Имплементацијата на законските прописи поврзани со спречување на корупцијата е од особено значење, како за приватниот така и за јавниот сектор. Само со креирање и имплементација на јасни и прецизни закони и законски одредби, постои можност за намалување на бирократијата и усогласување на потребите на јавниот со приватниот сектор. Се` додека постојат голем број на законски регулативи, голем број на бирократски постапки и нетранспарентност во работењето, ќе постои и злоупотреба на службената должност и овластувања, - истакна проф. Северино.

Таа додаде дека корупцијата, за жал, е прашање со коешто се соочуваат не само Македонија и земјите од регионот, туку и останатите земји од Европската унија. Како една од основните алатки во борбата против корупцијата, таа додаде дека е потребно истата да се уреди со законска регулатива, којашто ќе биде заснована на концепт за превенција и репресија. За таа цел, потребно е да се креира сигурна правна рамка со ефективни санкции, да се унапреди интегритетот на институциите во системот, зајакнување на довербата во нив и спречување на злоупотребата на службената положба и овластувања на јавните обвинители, судиите, инспекторите и вработените во јавната администрација.

-Одраз на степенот на демократија во едно општество е способноста на државата да овозможи доследно почитување и владеење на правото. Во Република Северна Македонија потребно е повторно да се врати довербата во институциите како клучен предуслов за напредок во сите области и креирање поволен деловен амбиент, како за домашните, така и за странските компании, - истакна Антони Пeшев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија. Тој додаде дека улогата на државата е клучна за обезбедување  правда во општеството и дека е потребна дерегулација на системот поради тоа што прекумерната регулација води до бирократизација и корупција. Тој истакна дека соодветната имплементација на законската регулатива и владеењето на правото, како и транспарентноста во работењето на институциите се едни од најважните компоненти за воспоставување ефикасен правен систем за борба против корупцијата и градење доверба меѓу јавниот и приватниот сектор.

СЕВЕРИНО: Владеењето на правото и антикорупцијата - императив за стабилна економија

м-р Сања Николова