ТРИ ПРИМЕРИ ЗА КОНТИНУИТЕТОТ И ЗА ПРОФЕСИОНАЛНОСТА ВО НАШЕТО РАБОТЕЊЕ

   

👁 Прочитано: 975


ТРИ ПРИМЕРИ ЗА КОНТИНУИТЕТОТ И ЗА ПРОФЕСИОНАЛНОСТА ВО НАШЕТО РАБОТЕЊЕ

Праведноста во менаџирањето налага да се истакнат убавите примери во работењето, иако тие во принцип се „малцински“ поради нашата изградена свест да не се регистрираат позитивните примери бидејќи и не се некоја вест. Во моментов, според мене, има најмалку три примери за континуитет и за висока професионалност во нашето работење. Тоа се:

1. Одлуката на Управниот одбор да отвори расправа за стратешките правци за развој на Стопанската комора на Македонија во наредните 10 години. Тоа е веќе пракса во нашето работење – кога ќе се исполни волуменот на правната рамка за нашето функционирање, да се отвори прашањето за создавање нова рамка за наредниот период. Тоа е потврда дека Комората е жива и дека градиме комора за иднината. Како ќе ја концепира Комората тој документ во наредниот период? Како институција, Комора, која ќе има три основни столба на своето функционирање:

А) таа да стане вистински консултант за потребите на членките од областа на индустријата и на извозот;
Б) таа да стане основен двигател на вмрежувањето со релевантни партнери на сите нивоа на своето работење, кои повторно се во интерес на своите членки;
В) да ја врати својата основна функција да биде мост помеѓу образованието и потребите на реалниот сектор од индустријата и од извозот.

 

Исто така, тоа ќе биде период со засилени активности на реализирање на активностите на: Коморскиот инвестициски форум (КИФ) на регионално ниво; функционално поврзување со македонската бизнис-дијаспора; активна подготовка за учество во процесот на интеграција со ЕУ и продолжување со своите традиционални надлежности во делот на арбитражата и на издавањето документи за потребите на членките. Тоа ќе биде возможно поради постојната кадровска екипираност, која работи на исклучително високо ниво како никогаш досега.


 

2. Одлуката на Управниот одбор уште еднаш до крајот на годината да ги актуализира прашањата од интерес за членките во последните 20-ина години, кои не добија посакувана разрешница. Тоа значи дека ќе се обидеме да ги реактивираме нашите заложби и со дополнителни аргументи да успееме да ја убедиме Владата за разрешување на прашањето на холдингот, за нова формулација на член 218 од Законот за извршување, за прашањето на ДДВ при увоз на репроматеријали, за прашањето за признатите трошоци на компаниите во поширок обем и за прашањето за даночниот календар. На тој начин, непретендирајќи дека нашите ставови се исклучиви и единствено исправни, сакаме да ги соочиме аргументите и да дојдеме до најдобрите решенија, бидејќи сме убедени дека упорноста на нашите членки за овие барања е децениска.

3. Одлуката на Управниот одбор дека правењето анализа на ефектите од воведувањето на прогресивното оданочување и од зголемувањето на ставките на ДДВ треба да станат секојдневие на нашето работење и нормална постапка по шест месеци од примената на системските законски решенија што имаат влијание врз бизнисот. Таа досегашна непостојана пракса со ова станува облигаторна и на тој начин го издигнува нашето реноме, нашиот професионализам на највисоко ниво, затоа што можеме да добиеме беспрекорно законско решение, а да изостане неговата примена. Ваквиот начин претставува силен коректив во правилната примена на стратешките закони. Во насока на целото согледување на ефектите од воведувањето на прогесивното оданочување и на зголемените ставки на данок на личен доход за фискалната 2019 г., Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија донесе одлука истражувањето да се повтори по завршувањето на постапките на одобрување на годишните даночни пријави на обврзниците за 2019 г.

П.С. Први октомври е период на влегување во најжестока активност на Комората на меѓународен план. Тоа било секогаш така и не ќе е исклучок ниту оваа година. Настаните се редат како на филм и, покрај планираните, се отвораат и нови. Таква е најавената иницијатива за создавање мал шенген помеѓу Србија, Албанија и Македонија; одлуката на ЕУ за почеток на преговорите со нашата земја; иницијативите за регионално поврзување според принципот на КИФ и на другите професионални асоцијации што имаат врска со бизнисот и претседателскиот Самит во Словенија, кои од нас бараат додатен ангажман. Исто така, мора да продолжи и организирањето на трибините во Комората во однос на стратешките прашања, како што беше онаа за владеењето на правото и за образованието. Јас сум убеден дека постои капацитет за такво нешто, со што ќе биде постигната целта на нашето досегашно работење во рамките на постојниот волумен и на постојната правна рамка.