ЗАКОН ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ПРИДОНЕСИТЕ ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНО СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ ПОРАДИ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 239 ОД 19 НОЕМВРИ 2019 ГОДИНА)



Со овој Закон се овозможува уплата на придонеси од Буџетот на РСМ во име и за сметка на осигуреникот (работник) кај работодавач од приватен сектор. Имено, работодавачите ги пресметуваат платите, пресметките за исплата на плата и уплата на социјалните придонеси преку МПИН (месечна пријава за интегрирана наплата на социјалните придонеси), ги поднесуваат до Управата за јавни приходи и за зголемување на плата во износ од најмалку 600,00 денари до најмногу 6.000,00 денари кај поединечен осигуреник (работник) според условите предвидени со овој закон, нема да имаат обврска да исплаќаат социјални придонеси за зголемениот износ на плата. Овој износ ќе се трансферира директно од Буџетот на РСМ преку Министерството за труд и социјална политика.

Согласно Законот, зголемување на плата е разликата меѓу пресметаната нето плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од работодавачот во референтниот период. Имено, работодавачот поднесува пресметка за плата преку МПИН пријава во која назначува дека има зголемување на нето плата во однос на просечната плата исплатена во референтниот период.

Како референтен период се сметаат три последователни месеци кои претходат на месецот за кој работодавачот прв пат остварил субвенционирање на придонеси за секој осигуреник одделно. Имено, референтниот период се определува еднаш за секој осигуреник и истиот е репер за споредба за секое натамошно зголемување на платата кај истиот работодавач. Во референтниот период не се земаат во предвид месеците во кои осигуреникот за којшто се побарува субвенционирање на социјалните придонеси има надоместок поради привремена спреченост од работа.

Референтна основна плата е просечната месечна нето плата која работодавачот ја исплатил за референтниот период и истата се утврдува на денот кога работодавачот прв остварил субвенционирање на придонеси. Овој износ се утврдува еднаш и истиот не подлежи на промени. Во основната плата не се вклучени надоместоците на плата по основ на привремена спреченост од работа и породилно отсуство.

Условите за користење на субвенционирање на социјалните придонеси се работодавачот да има статус на активен обврзник за пресметка и уплата на придонеси, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење и да нема доспеани обврски по основ на бруто плата до денот на побарување на субвенцијата на придонеси.

Субвенционирање на социјалните придонеси не може да користат работодавачи од јавниот сектор, приватна агенција за вработување за осигуреници кои се отстапени кај работодавачи од јавен сектор, работодавач кој за осигуреникот користи ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или данок на личен доход согласно закон или друг основ, за период додека ја  користи  субвенцијата, односно ослободувањето, работодавач кој за осигуреникот користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за  вработување, за периодот додека ја користи мерката, и работодавач кој за осигуреникот за кој побарува субвенционирање на придонеси му е доделена финансиска поддршка за нови вработувања согласно  Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Начинот на пресметката на износот за субвенционирање и постапката за субвенционирање на  придонесите го пропишува министерот за труд и социјална политика  во согласност со министерот за финансии. Поздаконскиот акт за начинот на субвенционирање на социјалните придонеси ќе се донесе во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на законот.

Исплатата на субвенционирањето на социјалните придонеси ќе го врши Министерството за труд и социјална политика, а се врши по добиени податоци за одобрено субвенционирање од Управата за јавни приходи најдоцна до 25-ти во месецот за претходниот месец.

Субвенционирањето на социјалните придонеси ќе се врши со исплата на платата за месец октомври 2019 година, а законот се применува од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2022 година.

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје