ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА КВАЛИТЕТ НА АМБИЕНТНИОТ ВОЗДУХ



Предложените измени на Законот за квалитет на амбиентниот воздух ги појаснуваат надлежностите и процедурите за изготвување и усвојување на планови за квалитет на амбиентниот воздух и краткорочните акциски планови согласно препораките содржани во Програмата за реформи во рамките на проектот: „Зајакнување на капацитетите за имплементација на законодавството за животна средина на локално ниво“, EuropeAid/134079/D/SER/MK.

Со измените и дополнувањата на Предлог – законот единиците на локалната самоуправа кај кои загадувачките супстанции ги надминале било кои гранични или целни вредности, плус евентуална релевантна маргина на толеранција, и сите единици на локалната самоуправа кај кои постои ризик од надминување на праговите на алармирање – во двата случаи ако имаат повеќе од 35.000 жители, ќе имаат обврска да изготват планови за квалитет на амбиентниот воздух или краткорочни акциски планови. Сепак, оваа опција не ги опфаќа општините кои имаат помалку од 35.000 жители и кај кои постојат надминувања, па од тие причини се препорачува општините кај кои индикативните мерења покажале надминувања на вредностите исто така да имаат обврска да изготват планови за квалитет на амбиентниот воздух или краткорочни акциски планови за да го решаваат проблемот со таквите надминувања.

Предлог - законот исто така дава можност за единиците на локалната самоуправа кои се наоѓаат во истата зона или агломерација кај кои дошло до надминување на вредностите, или кај кои постои ризик од нивно надминување, меѓусебно да соработуваат, преку меѓуопштинска соработка, во изготвувањето на заеднички план за квалитет на воздухот, во рамките на постојното законодавство.

Во Предлог – законот се додава нов член, со кој се овозможува Владата на Република Северна Македонија на предлог на Министерот за животна средина и просторно планирање, Министерот за здравство, Министерот за внатрешни работи и Министерот за економија на одредено или неодредено време да донесе наредби за имплементација на краткорочни мерки во случаите на надминување на пропишаните прагови на алармирање, заради намалување на емисиите на загадувачките супстанци, а со цел подобрување на квалитетот на воздухот. Краткорочните мерки се однесуваат на ограничување на сообраќајот и работа на индустриските капацитети, ограничување на работнотото време на ранливите групи на граѓани, зголемен инспекциски надзор и др.

Со Предлог – законот се прошируваат обврските на операторите на инсталациите да ги информираат единиците на локалната самоуправа за хаварии или инциденти кај инсталациите кои би можеле да го загрозат квалитетот на воздухот на нивната територија и да овозможат неограничен пристап за овластените инспектори за животна средина до стационарните извори на загадување.

Со останатите предложени измени се ревидира казнената политика и Законот за квалитетот на амбиентниот се усогласува со Законот за прекршоци.

Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје