ПРЕДЛОГ - ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА



Со Предлог - законот се додава нова дефиниција за контаминирано подрачје со која се појаснува дека „Контаминирано подрачје е локалитет (со сите придружни објекти во рамките на локалитетот) на кое што е утврдено загадување на медиумите на животната средина при што сериозноста од можните влијанија на екосистемот и здравјето на луѓето е со такво значење што е неопходна ремедијација на истото, додека ремедијација на животната средина е мерка за санација на постојното загадување на животната средина, со цел намалување на концентрациите на загадувачките материи и супстанции до ниво кое не претставува опасност по животната средина.“

Со Предлог – законот се воведуваат измени на членовите кои се однесуваат на начинот на спроведувањето на стручните испити од областа на животната средина. Имено, првите измени се направени во начинот на полагање на стручниот испит за постапување со средства за ладење и/или производи кои содржат средства за ладење со кои се предвидува промена на досегашниот пропишан начин на полагање на испитот, и се пропишува дека правно лице кое има соодветна опрема и кадар за постапување со средства за ладење и/или постапување со средства за ладење може да биде овластено од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, за спроведување на обука за постапување со средства за ладење и/или со производи кои содржат средства за ладење. Овластеното правно лице последователно е должно да го спроведува и практичниот дел од стручните испити за постапување со средства за ладење и/или постапување со средства за ладење, а за тоа се пропишува и максимална цена на истите. Се укинува обврската практичниот дел од испитот да е спроведен по електронски пат со тест на компјутер, за да се овозможи истиот да се спроведе практично со решавање на задача на техничката опрема за која се стекнува лиценца за работа.

Со измените и дополнувањата се уредува начинот на идентификување на контаминирано подрачја и постапувањето со контаминирано подрачје со цел пропишување на одредени критериуми врз основа на кои одредено подрачје може формално да се смета за контаминирано. Со Предлог - законот се воведува и правен основ за донесување на Методологијата за идeнтификување на одредено подрачје за контаминирано. Откако истото ќе се идентификува, тоа се прогласува од страна на Владата на Република Северна Македонија како „контаминирано подрачје“. Идентификацијата на контаминираното подрачја се врши врз основа на видот и нивото на присуство на опасни супстанции во медиумите на животната средина. При идентификувањето на контаминираните подрачја задолжително се врши мерење на нивото на присуство на опасните супстанции. За подрачјето утврдено како контаминирано се подготвува План за управување со контаминирано подрачје.

Со Предлог – законот се воведува обврска на Министерството за животната средина и просторно планирање да донесе и објави Листа на хармонизирани стандарди од областа на животната средина во Службен весник на Република Северна Македонија. Оваа обврска, за објавување на Листата на хармонизирани стандарди од областа на животната средина, произлегува од правото на ЕУ, односно Директивите од новиот приод чија примена е задолжителна и согласно кои стандардите што произлегуваат од нив Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија ги усвојува, а Министерството за животна средина и просторно планирање ги објавува во Службен весник на Република Северна Македонија со што нивната примена станува задолжителна.

Со Предлог – законот се направени одредени измени и дополнувања во делот посветен на спречување и контрола на хавариите со присуство на опасни супстанции за индустриски несреќи.

Дополнително, се укинува надоместокот што се плаќа за добивање на дозвола за увоз на супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка од анексите на Монтреалскиот протокол и тоа: Анекс А, група I и II, супстанции од Анекс Б, група I, II и III, супстанции од Анекс Ц, група II и супстанции од Анекс Е, група I. Надоместокот се укинува затоа што увозот на наведените супстанции е забранет со наредби донесени од Министерството за животна средина и просторно планирање согласно барањата кои произлегуваат од Монтреалскиот протокол.

Во делот на увоз на употребувани возила се врши усогласување на класификацијата на возилата согласно прописите за воздух.

Со останатите одредби од Предлог – законот се ревидира казнената политика и Законот за животната средина се усогласува со Законот за прекршоците.

Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје