Еурочемберс ја поддржа одлуката на Советот за конкурентност на Европската унија за целосно функционален европски пазар
👁 Прочитано: 1902



Еурочемберс ја поддржа одлуката на Советот за конкурентност на Европската унија за целосно функционален европски пазар

Стопанските комори-членки на Еурочемберс (Асоцијацијата на европските стопански комори), го поздравија заклучокот на Советот за конкурентност на Европската унија да се стави фокусот за поддршка на економијата на ниво на единствен европски пазар и поддршка на малите и средни компании како резултат на кризата предизвикана од пандемијата. Коморите се согласија и ја поддржаа одлуката на Советот за конкурентност која вели дека, координиран пристап на ниво на ЕУ ќе донесе подобар резултат во справување со последиците од кризата, елиминирање на поставените бариери за слободно движење на стоката, услугите и работниците.

Како резултат на кризата, европските земји делуваа на национално ниво и секоја од земјите воведуваше свои мерки за справување со последиците од кризата, но воведувањето мерки на ниво на ЕУ согласно Еурочемберс ќе донесе подобар резултат.

" Целосно функционален единствен европски пазар мора да биде на прво место во носење на сите следни одлуки, па затоа го поздравуваме носењето на одлуката на ниво на министри дека посветено ќе работат на оваа цел", истакна претседателот на Еурочемберс, Кристоф Леитл.

Комплетната отвореност и функционалност на европскиот пазар во целина се соочуваше со бариери и пред здравствената кризата, но неопходно е да се обезбеди, малите и средни компании да можат да го искористат целосниот потенцијал на 500 милионскиот европски пазар. " Поминаа многу години во носење мерки за развој на единствениот европски пазар, но бизнисите не можат да чекаат долго за елиминирање на преостанатите бариери, компаниите очекуваат прогрес сега", подвлече претседателот Леитл.

Еурочемберс исто така ја поздрави пораката донесена на ниво на министри како дел од Советот за конкурентност на Европската унија за поддршка на политиката за мали и средни компании (МСП). Како главен столб на европската економија, проблемите со кои се соочуваат малите и средни компании мора да бидат адресирани веднаш. МСП имаат потреба од подобрување на ликвидноста и финансиска поддршка и елиминирање на сите непотребни административни и регулаторни бариери кои ја ограничуваат нивната конкурентност.

Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Македонија