Зелениот договор на Европската унија
👁 Прочитано: 1333


Зелениот договор на Европската унија е новата стратегија за раст на Европската унија, кој ќе ѝ помогне на ЕУ да ги намали испуштањата на гас, притоа создавајќи работни места
Зелениот договор на Европската унија

Како дел од дефинирањето на следните приоритети, Европската комисија преку процес на консултации ја креира Стратегијата на Европската унија во рамки на која се даваат насоките до сите земји-членки и земји кои се во процес на преговори за членство каде и во кој обем ќе се креира и новиот буџет на ЕУ. Тоа пред се’ значи дека и европските фондови во новиот седумгодишен период ќе се насочуваат кон реализација на проекти кои треба да го поддржат постигнувањето на тие приоритетни цели. За периодот 2021-2027 година Европската комисија дефинираше 6 приоритети и тоа: Зелениот договор на Европската унија, Европа подготвена за процесите за дигитализација, Економија во интерес на граѓаните, Силна Европа со почитување на правото, Промовирање на европскиот начин на живеење и  Европска демократија.

Зелениот договор на Европската унија е прв и најсериозен приоритет на Европската унија и претставува европски патоказ како економијата да биде одржлива. Зелениот договор на Европската унија нуди патоказ со дејства како да се зајакне ефикасната употреба на ресурсите со премин кон чиста, циркуларна економија,  да се поврати биолошката разновидност и да се намали загадувањето. Ова ќе се случи со претворање на климатските и еколошките предизвици во можности низ секоја политичка област и преку една транзиција којашто е праведна и инклузивна за сите. Индустријата и производните компании ќе имаат голем удел во справувањето со овие предизвици и ќе имаат можност преку користење на европските фондови да применат нови технологии и технолошки процеси кои ќе ги направат поконкурентни и ќе придонесат за почиста животна средина.

 За да се постигне оваа цел ќе биде потребно делување од сите сектори во европската економија, вклучувајќи инвестирање во еколошки прифатливи технологии,   поддршка на индустријата за да иновира, пуштање во употреба на почисти, поевтини и поздрави средства за личен и јавен превоз,  декарбонизација на енергетскиот сектор, обезбедување на поголема енергетска ефикасност кај градбите и работа со меѓународни партнери за да се подобрат глобалните еколошки стандарди.

Исто така, ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка и техничка помош за да им помогне на луѓето, претпријатијата и регионите што се најзафатени од преминот кон зелена економија. Ова се нарекува Механизам за праведна транзиција и ќе помогне да се придобијат најмалку 100 милијарди евра во периодот 2021-2027 година во регионите каде што поддршката е најнеопходна.

Главна цел предвидена во Зелениот договор на Европската унија е дека ЕУ ќе стане климатски неутрална до 2050 година. За таа цел, ЕК ќе спроведе серија иницијативи коишто ќе ја заштитат животната средина и ќе ја зајакнат зелената економија. Комисијата ќе предложи европски Закон за клима, претворајќи ја политичката определба во законска обврска и поттик за инвестиции.

За да се постигне оваа цел ќе биде потребно делување од сите сектори во нашата економија: индустрија, градежништво, енергиетика, транспорт и мобилност. Новиот акционен план за циркуларна економија како дел од Зелениот договор на Европската унија предвидува иницијативи за создавање нови производствени процеси, употреба на рециклирани материјали, иновации во прехранбениот и текстилниот сектор и изнаогање нови начини на пакување на производите кои нема да создаваат дополнителен отпад како дел од мерките кои се предвидени за создавање на почиста и позелена Европа.

Влегувајќи во процесот на преговори со Европската комисија, македонските компании и институции ќе бидат обврзани да инвестираат во нови технологии, да се применува енергетската ефикасност во градби, да се поттикне рециклирањето на материјали со цел да се намали загадувањето и да се зајакне зелената економија.

Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Македонија