СЕГА НА ЛУЃЕТО ИМ ТРЕБА ОПТИМИЗАМ, ЗА ЕКОНОМИЈАТА Е НУЖНА МНОГУ ПОГОЛЕМА ПОДДРШКА

   

👁 Прочитано: 2931


СЕГА НА ЛУЃЕТО ИМ ТРЕБА ОПТИМИЗАМ, ЗА ЕКОНОМИЈАТА Е НУЖНА МНОГУ ПОГОЛЕМА ПОДДРШКА

интервју Светозар Јаневски, претседател на Управен одбор, М6, и член на Советот на Стопанската комора на Македонија

Дел од пораките во Интервју за фактор.мк

Се соочуваме со криза која е без преседан и која нема да заобиколи ниту еден економски сектор и дејност. Истовремено, никој се уште нема дефинитивен одговор колку оваа криза ќе трае. Целиот свет се соочува со можност од нови бранови од заразата, кои можат да се случат оваа есен и зима, што секако ќе донесат уште поголеми економски штети. Бизнисот се соочува со откажување на деловните договори, со губење на традиционалните пазари, а инвестициската активност насекаде во светот се намалува. Сметам дека вистинската сила на кризата ќе ја почувствуваме после околу шест месеци. 

Во вакви околности, неопходни се многу поефикасни и похрабри одлуки. Најголем број од земјите одлучија да обезбедат што поголема поддршка за економија сега, за да може таа да опстане и да се спасат што повеќе работни места. Кај нас тешко се прифаќа ваквиот начин на размислување. Кога се одлучува за обемот на помошта, се размислува тесноградо. 
Истовремено, треба да бидеме свесни дека оваа техничка влада има ограничен простор за маневар да донесува одлуки, а сударот меѓу опозицијата и позицијата е погубен за земјата, затоа што во прв план, наместо интересот на граѓаните и економијата, се става личниот и партискиот интерес. 
Затоа треба што поскоро да се разреши ваквата „лимбо“ состојба, час поскоро мора се спроведат избори и да се избере влада која ќе носи одлуки и решенија што ќе имаат подолгорочно дејство. 
Нас како претставници од бизнис заедницата ни беа презентирани мерките што се предложени, што не значи дека сите наши сугестии беа прифатени. Треба да се обезбеди што поголема помош на економијата, на бизнисот. Мора да сфатиме дека по секоја цена треба да се бориме за спас на економијата, таа да преживее, затоа што запирањето на циклусот во економијата ќе значи запирање на целокупниот „крвоток“ во земјава, затоа што без приливите во буџетот што ги обезбедува бизнисот нема да може да се финансира ниедна јавна и државна функција. Сметам дека Македонија како мала економија, може да биде флексибилна. Со брзи, ефикасни мерки и солидна помош кон приватниот сектор можеме да ја спасиме економијата и да ја направиме поефикасна во однос на другите. 

Притоа, поддршката треба да биде насочена кон секторите од домашната економија кои имаат потенцијал за раст и за зголемување на вредноста на извозот, како што се на пример земјоделството и прехранбената индустрија. Исто така, треба да се поддржат и поголемите компании кои ја влечат економијата напред и од кои може да се очекува да направат позначителни позитивни промени. Тоа се компании кои со својата работа врзуваат голем број други компании во синџирот на креирање на домашниот производ и се смета дека на одреден начин се двигатели на развојот. И релевантни светски извори велат дека е неопходно да се поддржат ваквите компании. 

Пандемијата ни покажа дека луѓето, кога се соочуваат со заедничка опасност, се исти. Ситуацијата во која се најде светот ја поттикна солидарноста помеѓу луѓето. Сведоци сме на многу инвентивни начини што ги споија луѓето, преку креативни идеи. Не се согласувам дека оваа криза заобиколи некого. Напротив. Сметам дека сите се погодени. Но, јас сум човек кој сака да гледа предизвик и можност во вакви кризни времиња и затоа најголемиот дел од моето време го поминав во проценка на новите потенцијали и извлекување на поуки. Сега на луѓето им треба оптимизам, а тоа можеме да го постигнеме со поттикнување на јавната потрошувачка и со раздвижување на економијата. Кризата не треба и не може да биде изговор за мерки кои нема да продуцираат резултати како што се очекува. Тоа е популизам, а економијата не се раздвижува со популизам.

Преземено од Фактор.мк