ТЕМА НА ФЕЉТОНОТ - Образование за 21 век

   

👁 Прочитано: 676


ТЕМА НА ФЕЉТОНОТ - Образование за 21 век

Образованието има важна функција и претставува двигател на развојот на општеството. Влијанието на образованието и неговите последици се чувствуваат во економијата, културата, науката, технологијата и на државата во целина. Затоа, секоја држава се стреми кон квалитетно образование, а со тоа и кон квалитетен и реализиран поединец. Поради важноста, државата пред се, мора да има дефинирана стратегија за целите и насоките во кои ќе се движи образованието. Тоа значи унапредување на квалитетот на образовните услуги и создавање вработливи, оспособени и конкурентни кадри. Дефинирањето на стратегијата значи да се опфатат сите фактори кои влијаат на квалитетот на образованието и реализација на главните императиви.

 


Образованието да стане приоритет во следните 10 години.

ПРЕПОРАКИ

Листата на фактори кои влијаат на квалитетот на образованието е многу долга, но во Анализата која ја направи Стопанската комора на Македонија, а за која пишувавме во претходните изданија на овој Фељтон, укажавме на факторите, моделот на финансирање, процесот на менаџирање на образованието и на законската регулатива постојна и идна. Согласно констатираните слабости на секој од овие сегменти поединечно, дефиниравме препораки каде, како и во кои делови да се интервенира во областа на образованието:

Ø Зголемување на процентот од БДП за издвојување за образованието од 3,7% на 5%;

Ø Зголемување на инвестициите во образованието, посебно во делот на опремување со нагледни средства, опрема, алати, машини и опремување лаборатории;

Ø Анализа на бројот на ученици и вработени наставници и изработка на план за прием на нови кадри и прераспоредување на наставниците останати без часови;

Ø Менување на уписната политика;

Ø Рационализација на мрежата на стручните училишта според потребите на локалната самоуправа и регионот во целина;

Ø Развивање стратегија за привлекување на најдобрите наставници во професијата;

Ø Вреднување на наставниците и промена на системот на вреднување на работата на наставниците;

Ø Наградување на наставниците и вложување во нивниот кариерен развој;

Ø Развивање внатрешни механизми на самоевалуација за наградување на успешните наставници и мотивирање на неуспешните наставници;

Ø Реформа на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник преку модернизација на студиските програми, примена на нови техники на настава и обнова на академскиот кадар;

Ø Дизајнирање четиригодишни студиски програми за квалификацијата наставник, со вкупен број од 240 кредити, без исклучок;

Ø Измена во финансирањето на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник;

Ø Приемен испит на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник, со дефинирани специфични критериуми за упис;

Ø Воспоставување систем на доедукација и стручно оспособување на наставниците, заснован врз стабилни извори на финансирање;

Ø Лиценцирање на наставниците преку здруженијата на наставниците, по примерот на лекарската комора или комората на психолозите.

Ø Автономија на наставниците во креирање на наставниот процес и реализација на наставната програма и поттикнување на креативното мислење кај учениците;

Ø Намалување на бројот на предмети во наставниот план;

Ø Повеќе часови во Наставната програма за проверка на знаењата преку нивна применливост во различни ситуации;

Ø Наградување на учениците според применливоста на знаењето во различни ситуации, а не врз знаењето што го поседуваат;

Ø Зајакната соработка помеѓу училиштата и компаниите преку Стопанската комора на Македонија;

Ø Се риозен пристап во реализацијата на практичната настава;

Ø Сериозен пристап во професионалното советување на учениците од основното образование;

Ø Дефинирање на правата и обврските на родителите (преголема либерализација во односот родител-училиште доведува до намалување на квалитетот на образованието);

Ø Намалување на регулацијата со закони во областа на образованието;

Ø Хармонизирање на сите закони од секторот образование, а потоа хармонизирање со законите од останатите сектори;

Ø Промена на праксата на честото менување на личностите кои ја вршат функцијата министер;

Ø Функцијата Министер да ја врши личност со искуство за образовните процеси и била директно вклучена во нив и/или личност која поминала низ реалниот сектор и ги знае потребите на пазарот на труд.

Овие препораки бараат итно спроведување активности кои ќе доведат до извесно подобрување на квалитетот во образованието . Но сепак, С тратегијата за образованието треба да се стреми кон висок квалитет во образованието за 20% во наредните 10 години и создавање нов тип на ученик ,,Ученик на 21 век” кој ќе има високи когнитивни капацитети за стекнување знаења, одговорност за резултатите од учењето, самостојност во планирање на својата работа и своето време, способност за критичко и креативно размислување, развиено чувство за решавање проблеми, истрајност, способност за применливост на стекнатите знаења, но и за изнаоѓање на извори за нови знаења, способност за презентирање на знаењата, и способност за самооценување и самокритичност, одговорност, тимска работа, учење преку соработкa и претприемачки вештини.