ОБРАЗОВАНИЕ ЗА 21 ВЕК

   

👁 Прочитано: 294


ОБРАЗОВАНИЕ ЗА 21 ВЕК

Образованието има важна функција и претставува двигател на развојот на општеството. Влијанието на образованието и неговите последици се чувствуваат во економијата, културата, науката, технологијата и на државата во целина. Затоа, секоја држава се стреми кон квалитетно образование, а со тоа и кон квалитетен и реализиран поединец. Поради важноста, државата пред се, мора да има дефинирана стратегија за целите и насоките во кои ќе се движи образованието. Тоа значи унапредување на квалитетот на образовните услуги и создавање вработливи, оспособени и конкурентни кадри. Дефинирањето на стратегијата значи да се опфатат сите фактори кои влијаат на квалитетот на образованието и реализација на главните императиви.

Во следните неколку недели преку презентирање на делови од анализираните состојби во образованието ќе го пренесеме ставот на Стопанската комора на Македонија како да се постигне филозофијата – Образование за 21 век...

Преку акцентирање на одредени фактори кои влијаат на Образованието се до прествување на препораките кои според Комората се суштината за да се постигне реформскиот процес во образовната политика на државата и земјата конечно да добие Ученик на 21 –от век...

I. СОСТОЈБИ

С тратегијата за образование треба да се стреми кон создавање нов тип на ученик , ,,Ученик на 21 век” со високи когнитивни капацитети за стекнување знаења, одговорност за резултатите од учењето, самостојност во планирање на својата работа и своето време, способност за критичко и креативно размислување, развиено чувство за решавање проблеми, истрајност, способност за применливост на стекнатите знаења, но и за изнаоѓање на извори за нови знаења, способност за презентирање на знаењата, и способност за самооценување и самокритичност, одговорност, тимска работа, учење преку соработкa и претприемачки вештини. Дебатите, следствено на тоа и анализите, што ги реализираше Стопанската комора на Македонија во изминатиот период покажуваат дека ваквите карактеристики нашите ученици може да ги постигнат со подигнување на квалитетот на образованието и тоа во просек за 20% во секоја од следните 10 години.

Во првиот дел ќе се задржиме на факторот финасирање како значаен за образовната реформа.

1. ФИНАСИРАЊЕ НА ОБРАЗОВАНИЕТО

За да се постигне реализација на стратегијата која би ја дефинирала државата потребно е да се обезбеди соодветно финансирање. Финансирањето, во суштина, е првиот фактор за квалитетно образование, затоа што вложувањето во образованието значи вложување во иднината.

1.1. Финасирање како дел од БДП

Според последните податоци од Државниот завод за статистика [1], нашата земја за образованието издвоила 3.7% од БДП, што е за 1,3 процентни поени пониско од просекот на земјите во ОЕЦД, кој изнесува 5.0% од БДП [2] . Посебно, во опаѓање е, во периодот од 2011 до 2016 година, кога трошоците за образование во нашата земја како процент од БДП, се намалиле од 4.6% на 3.7 %. Во оваа насока се движи и падот на процентот за трошоци што го издвојува Владата за образованието, од 13.3% во 2011 година, на 11.6% во 2016 година. Овој процент на трошоци кои се издвоени за образованието е под нивото според мерилото на Обединетите Нации, кое изнесува од 15-20% [3].

Графикон бр.1. Бруто домашен производ/Образование, по години

 

Извор:Државен завод за статистика

Според податоците од МФ, проекција за БДП за 2018 и 2019 година, за 2018 година нашата земја за образованието издвоила 3,66% од БДП, а за 2019 година 3,73% од БДП, што повторно е под просекот на земјите во ОЕЦД.

Графикон бр.2. Бруто домашен производ/Образование, по години

 

Извор:Државен завод за статистика и проекции на Министерството за финансии

Ако се направи споредба со Словенија, како земја со слична традиција на образование како нашето, и со Финска, позната како земја на знаења, во која долги години учениците постигнуваат врвни резултати во PISA тестирањата , Словенија како држава издвојува 4.3% од БДП [4], што е за 0,6 процентни поени повеќе од нашата земја, додека Финска издвојува 5.7% од БДП [5] што е за 2 процентни поени повеќе од нашата земја. Споредено со ОЕЦД просекот на БДП, Словенија се движи кон приближување до ОЕЦД просекот, додека издвојувањата за образованието во Финска, се движат над просекот на ОЕЦД.

Податоците покажуваат дека нашата земја одвојува за 25% помалку средства од овој просекот, а земјите пак кои имаат раст и успех во образовниот систем имаат поголеми одвојувања од Буџетот за таа намена. Словенија одвојува 4.3% од БДП или 14% помалку од просекот на ОЕЦД, а Финска пак 5,7 % од БДП или 35% повеќе, од одвојувањето што го прави нашата земја во однос на БДП. Тоа укажува дека образованието во нашата земја не претставува еден од главните приоритети. Образованието не смее да се третира како трошок, туку како инвестиција во иднината и затоа мора да се спречи намалувањето на процентот на издвојување за образование од БДП и да се настојува негово зголемување на 5%.

1.2. Финасирање (издвојување средства) по ученик

Според средствата што се издвојуваат за образованието, по ученик, споредено во трите земји, во нашата земја, според Буџетот за 2018 година [6], вкупните трошоци, по ученик, во основното образование изнесуваат 54.721 денари или 995 долари [7], во средното образование изнесуваат 74.503 денари или 1.355 долари, додека 65.867 денари или 1.198 долари во високото образование [8]. Споредено со ОЕЦД просекот, кој изнесува 8.500 долари за основно образование, 10.100 долари за средно образование и 15.500 долари по ученик за високото образование[9], излегува дека во Северна Македонија за основното образование се издвојува 7.505 долари помалку, за трошоци по ученик од просекот од ОЕЦД, односно отстапувањето од просекот од ОЕЦД е за 88,3%; за средното образование се издвојува 8.745 долари помалку, односно отстапувањето од просекот на ОЕЦД е за 86,6%; и за високото образование се издвојуваа 14.302 долари помалку, односно отстапувањето од просекот на ОЕЦД е за 92,2 %.

Во споредба со нашата земја, во Словенија, вкупните трошоци на образовните институции, по ученик, изнесуваат 8.500 долари во основното образование, 8.300 долари во средното образование и 10.208 долари во високото образование и во однос на вкупните трошоци по ученик во образованието, Словенија, се стреми да се доближи до просекот на ОЕЦД. Споредено со просекот на Словенија, излегува дека во Македонија за основното образование се издвојува 7.505 долари помалку, за трошоци по ученик, односно отстапувањето од просекот од Словенија е за 88,3%; за средното образование се издвојува 6.954 долари помалку, односно отстапувањето од просекот е за 83,6%; и за високото образование се издвојуваа 9.010 долари помалку, односно отстапувањето од просекот од Словенија е за 88,3 %.

Во Финска, вкупните трошоци на образовните институции, по ученик, изнесуваат 9.305 долари во основното образование, 10.482 долари средното образование и 10.391 долари во високото образование. Во однос со Финска, нашата земја, во основното образование издвојува 8.310 долари помалку, за трошоци по ученик, односно отстапувањето од просекот од Финска е за 89,3%; за средното образование издвојува 9.127 долари помалку, односно отстапувањето од просекот е за 87%; и за високото образование издвојува 9.193 долари помалку, односно отстапувањето од просекот на Финска е за 90%. Разликата е очигледна, што наведува на фактот дека не е случаен високиот квалитет во образованието.

Табела бр 1. Средства издвоени од Буџетот по ученик

Северна Македонија

Просек на земјите од ОЕЦД

МК отстапува од ОЕЦД просекот

Словенија

МК

отстапува од просекот од Словенија

Финска

МК

отстапува од просекот од Финска

Основно образование

995

САД $

8.500

САД $

- 88,3%

8.500

САД $

- 88,3%

9.305

САД $

- 89,3%

Средно образование

1.355

САД $

10.100 САД $

- 86,6%

8.300

САД $

- 83,6%

10.482 САД $

- 87 %

Високо образование

1.198

САД $

15.500 САД $

- 92,2 %

10.208 %

- 88,3%

10.391 САД $

- 90 %

Уште позначајната споредба изразена во реална вредност на вложување по ученик, покажува дека нашата земја многу малку вложува, односно инвестира во образованието по ученик.

Графикон бр 3. Споредба со ОЕЦД просекот за вкупните трошоци по ученик

 

И повторно, податоците за вкупните трошоци предвидени, по ученик, во споредба со ОЕЦД просекот и другите земји, укажуваат дека на образованието во нашата земја не се гледа како на еден од главните приоритети во општеството.

1.3. Нерационалното трошење на средствата во образованието

Недостатокот на финансиите со кои се соочува образованието не е последица само на намалување на процентот на издвојување за образованието од БДП. Поголема причина за недостиг на финансии во образованието преставува нерационалното трошење на ограничените финансиски ресурси во образованието. Постојат податоци за високата стапка[10] на ученик/наставник во негативна насока, односно има поголем број на наставници во едно училиште во однос на бројот на ученици, додека бројот на часови за наставниците и понатаму останува непроменет.

Бројот на ученици во основното образование е променлив. Гледано од учебната 2012/2013 година, кога бележи најголем број од 194.055 ученика, учебната 2015/2016 година бележи најголем пад на бројот на запишани ученици од 185.992 ученика . Повторно благо намалување на бројот од 192.448 ученици бележи учебната 2017/2018 година во однос на учебната 2016/2017 година кога повторно бил зголемен бројот на ученици и изнесувал 192.715 ученици.

Графикон бр. 4. Ученици во основни училишта

 

Извор: Државен завод за статистика

Но, состојбата со наставниците е спротивна. Бројот на наставници се зголемува, без да се внимава дали на бројот на ученици се намалува или зголемува. Во учебната 2012/2013 година бројот на наставници изнесувал 17.424, додека во учебната 2017/2018 година достигнал до 18.291 наставник, иако во учебната 2015/2016 година се бележи пад на бројот на ученици , што може да се воочи од графиконот бр. 4. Тоа значи односот наставник ученик е 1: 11, односно на еден наставник му припаѓаа 11 ученика, наместо бројката на ученици да биде над 15.

Графикон бр.5. Наставници во основни училишта

 

Извор: Државен завод за статистика

Уште поинтересна е состојбата во средното образование. Бројот на ученици е обратнопропорционален со бројот на наставници, што значи дека со намалување на бројот на ученици, се зголемува бројот на наставници во средните училишта . Споредено по учебни години, од учебната 2012/2013 година кога бројот на ученици изнесувал 88.582 ученици, се бележи континуирано опаѓање на бројот на ученици и во учебната 2017/2018 изнесува 71.458 ученици , што може да се воочи од графиконот.

Графикон бр. 6. Број на ученици во средните училишта

 

Извор:Државен завод за статистика

За разлика од бројот на ученици, бројот на наставници , од учебната 2015/2016 година, е во постојано зголемување и од вкупниот број на 7.341 наставник во учебната 2015/2016 година, во учебната 2017/2018 година, достигнал на 7.445 наставници . Тоа значи на еден наставник припаѓаат 10 ученика.

Графикон бр. 7. Наставници во средни училишта


 Извор:Државен завод за статистика

Ваквата појава придонесува за нерационално трошење на финансиите од образованието за исплата на плати, наместо, истите да се трошат, за инвестиции и нагледни средства, и укажува дека не постојат соодветни механизми за контрола на финансиите.

Овој индикатор наведува дека државата нема целосна слика за состојбата во образованието во односот на ученик/наставник. Потребно е да се изработи анализа на вкупниот број на ученици и број на вработени наставници и план за распоредување на наставниците кои се останати без часови или со помалку часови, пред да се направи прием на нови кадри.

1.4. Финасирање во образованието и процесот на децентрализацијата

Кога станува збор за финансирање во образованието како негативна страна треба да се спомене и процесот на децентрализација (2005) кога на општините им се пренесе надлежноста за финансирање и управување со училишта во соработка со централната власт. Праксата покажа дека градоначалниците се уште немаат високо развиена свест за улогата на образованието врз државата и нивните одлуки за финансирање се однесуваат на распределбата на средства која се сведува на исплата на плати на наставниците, и тоа 65%, и набавка на стоки и услуги 33,5%, а не во инвестирање средства во образованието .

Неправилната распределба, посебно на стручните училиштата, по региони, според релевантните потреби на локалната самоуправа и економијата во целост, е уште една причина за нерационалното трошење на финансиите во образованието. Се нудат квалификации кои се несоодветни на реалните потреби на локално ниво што предизвикува несоодветна реализација на практичната обука и стекнување практични вештини кај учениците. Тоа придонесува за незадоволство кај работодавачите од учени, но не оспособени стручни кадри и зголемување на невработеноста. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем интерес за упис, во учебната 2017/2018 година, има за квалификациите во секторот здравство, 24% од вкупниот процент запишани ученици во стручното образование, а веднаш по него следи секторот економија, право и трговија со вкупно 22%. Имајќи предвид, дека Република Северна Македонија е претежно земјоделска земја, за очекување е интересот за упис за стекнување квалификации да биде поголем во секторот земјоделство и ветеринарство, но податоците кажуваат дека процентот на запишани ученици изнесува 3% и 0,10% во секторот хемија и технологија, што не е некој голем процент во однос на процентот на запишани ученици во секторот здравство. Мал процент на запишани ученици има и во секторот туризам, 4% од вкупно запишаните ученици, имајќи во предвид дека нашата земја стана земја од интерес на странските туристи. Во нагорна линија, единствено, се движи бројката на запишани ученици, за квалификации во секторот електротехника, од 14%, и секторот машинство со 10%, што се должи на новите квалификации изработени според барањата на компаниите и зголемениот број на часови по практична обука на реално работно место во компанијата. Честопати се случува во некои квалификации во определени сектори да нема интерес за упис на ниту еден ученик.

Уште позагрижувачка е појавата на отворање на гимназиски паралелки во стручните училишта и образување кадри со општообразовни знаења и компетенции. Тоа значи дека реалните потреби за квалификации и уписната политика во училиштата не се во рамнотежа. Финансиите се трошат на продуцирање кадри кои не се релевантни на пазарот и тешко се вработуваат.

Графикон бр. 8 Број на запишани ученици по сектори

 

Извор: Државен завод за статистика

Затоа, за правилно искористување на финансиите во образованието и обезбедување оспособени лица со релевантни квалификации потребна е правилна уписна политика и рационализација на мрежата на стручните училишта според потребите на локалната самоуправа и регионот во целина.

ПРОДОЛЖУВА.....



[1] Државен завод за статистика на Република Северна Македонија, Бруто –домашен производ, 2016 година, http://www.stat.gov.mk/Publikacii/3.4.18.01.pdf (пристапено на 3 април 2019)

[2] World Bank, “Improving the Efficiency of Education Spending to Enhance Skills Development” и ОECD, Education at a Glance 2017: OECD Indicators

[3] Unesco, 2014 Global Education for All Meeting - Final Statement The Muscat Agreement Status of EFA , 27

[4] OECD, Education at a Glance: OECD Indicators, Slovenia,6

[5] OECD, Education at a Glance: OECD Indicators, Finland,7

[6] Изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година , Службен весник на Република Македонија бр. 207 од 14 ноември 2018 година, 297-314

[7] Валута на изразување во ОЕЦД, за споредба

[8] Податоците се без вклучување на науката која во нашата земја посебно се третира.

[9] OECD, Education at a Glance: OECD Indicators, Slovenia,6

[10] Државен завод за статистика на Северна Република Македонија http://www.stat.gov.mk/Publikacii/2.4.18.05.pdf (пристапено на 12 април 2019 година)