ЗА ШТО ЗБОРУВАВМЕ ГОДИНАВА?

   

👁 Прочитано: 1029


ЗА ШТО ЗБОРУВАВМЕ ГОДИНАВА?
Биографија
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор
на Стопанската комора на Македонија
за економски прашања

Текстовите за рубриката „Неделен коментар“ на веб страницата на Стопанска комора на Македонија ги започнавме на средината од февруари. И така, на крајот од секоја недела, нов текст. Напишам многу, 42 неделни коментари заедно со овој, за различни теми. Некогаш супер актуелни, предизвикани од случувањата во дадениот момент, некогаш суштински важни, за прашања со долгорочни импликации. Заедничка карактеристика на темите - сите се важни!

Во текот на годината ги коментиравме статистичките податоци за економскиот раст на земјава. Посочивме дека некои работи беа добри и треба да продолжат ( целиот текст тука ). Но, исто така некои работи не беа добри ( целиот текст тука ) и треба да запрат. Пораката е дека колку и да се добри статистичките податоци за растот на македонската економија нема ниту малку простор за некаква еуфорија. Потребен е здрав разум и храброст за справување со долгорочните проблеми на земјава.

Понатаму, пишувавме за порастот на минималната плата, како тоа влијае на економијата ( целиот текст тука ). Заклучокот беше јасен. Порастот на минималната плата мора да оди рака под рака со зголемување на продуктивноста на трудот. Само така порастот на минималната плата може да биде одржлив на долг рок, во спротивно ја поткопува конкурентноста на економијата. Минатиот месец, за македонската економија истото го кажа висок претставник на ММФ.

Пишувавме за датумот за почеток на преговори со ЕУ, кога сé уште не се знаеше разврската и кога оттаму доаѓаа спротивставени гледишта. Земјата беше во грч и исчекување ( целиот текст тука ). Нашата порака беше дека меѓународната заедница работите ги гледа подолгорочно и дека одредени потези од пред неколку години (т.н. „Берлински процес“) индицираат одредена рамка и имплицитно ги позиционираат очекувањата за нашиот регион. Нашиот заклучок беше дека не треба да седиме во чекалната туку треба да бидеме активни и да не го губиме времето. Подоцна, кога веќе не го добивме датумот за преговори, го поставивме прашањето дали да се депримираме или да се мотивираме ( целиот текст тука ). Сосема е јасно, работите секогаш првенствено зависат од нас самите. Има многу работи што можеме да ги направиме, ако сакаме, никој не нé спречува во тоа. Тука уште еднаш да ја цитирам онаа прекрасна мисла на Софокле (ја има и во текстот): „Среќата никогаш не им се насмевнува на оние кои самите себеси не си помагаат“.

Пишувавме за буџетот, за клучните аспекти, за прашањата што треба да си ги поставиме кога разговараме на таа тема. На дискусијата за тоа каков е буџетот и’ пријдовме од гледна точка на долгорочна одржливост ( целиот текст тука ). Едно од клучните прашања на кое ургентно мора да добиеме одговор е зошто не се реализираат капиталните инвестиции? Патем, не ги поставивме само клучните прашања во врска со буџетот. Ги дадовме и некои од одговорите. Клучната порака е дека ние сме заглавени во краткорочните погледи на работите и таквиот приод секоја година има свој одраз во буџетот на државата ( целиот текст тука) .

Дадовме и конкретен предлог за тоа како треба да се менуваат даноците за да не бидат фирмите изненадени, ( целиот текст тука ) како што всушност беа при воведувањето на прогресивното оданочување. Нашиот предлог, т.н. „даночен календар“, е системско решение што долгорочно ги стабилизира работите и дава извесност. Даночниот календар беше и првата тема за која пишувавме уште во февруари годинава. На први ноември годинава Стопанската Комора на Македонија достави официјален предлог до Министерството за финансии, со разработено законско решение за правно вградување на даночниот календар. Го чекаме одговорот!

Пишувавме и за владеењето на правото во земјава, нешто што треба да претставува основен предуслов за правна сигурност, нови инвестиции, нови работни места и економски развој. Ги посочивме резултатите од релевантно меѓународно истражување ( целиот текст тука ). Интересни беа наодите на истражувањето дека земјава е најдобро рангирана (32 место) кај факторот „ред и безбедност“, кај факторот „правда во граѓанските спорови“ е на 52 место, според „примената на регулативата“ сме на 77 место, а најлошото рангирање земјава го има кај факторот „ограничување на моќта на државата“ (87 место). Во деталното оценување на елементите на овој фактор, најслаби се оценките кај тоа дали се санкционира недозволено однесување на претставници на властите и дали судството е независно и има моќ во пракса ефективно да ја ограничува моќта на властите.

Пишувавме и за многу други теми, за пописот како економска категорија, за извозниците на ветрометина, за претседателот на државата и економијата, за тоа дека доаѓаат потешки времиња за нееколошките бизниси....

Не знам дали креаторите на економските политики ги читаа текстовите и доколку ги читале како ги протолкувале. Но, знам дека текстовите беа напишани (и ќе бидат пишувани) со добра намера, објективно, неоптеретени од било каков политички контекст, со порака во која насока е добро да се размислува и што да се прави. Јас знам дека овие текстови помагаат сите ние да се доближиме до она што значи општ консензус за една долгорочна визија и здрав разум во водењето на економијата на земјава, само така ќе стигнеме до подобра живеачка. Ако сите ние заедно, граѓаните, го постигнеме тој консензус, тогаш поголемиот дел од работата сме го завршиле.