ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА ЌЕ ИМААТ НЕГАТИВНИ ЕФЕКТИ ВРЗ БИЗНИСОТ

   

АКТУЕЛНО / 27.01.2020
👁 Прочитано: 302


ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА ЌЕ ИМААТ НЕГАТИВНИ ЕФЕКТИ ВРЗ БИЗНИСОТ

На редовната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, одржана на 27.01.2020 година, претседателот на Македонската асоцијација на рударството (МАР), Николајчо Николов, се осврна на ефектите врз бизнис-заедницата од предложените измени и дополнувања на Законот за минерални суровини, кои веќе се наоѓаат во собраниска процедура, по скратена постапка.

-Законот за минерални суровини е комплексен закон, за чии измени и дополнувања е потребна широка јавна расправа, а не нивно донесување во скратена постапка. Овој закон е еден од најчесто менуваните, поради што е неопходно измените да се донесуваат врз основа на јавна расправа во која ќе се вклучат претставници од бизнис заедницата, Министерството за економија, невладиниот сектор, научната јавност  и другите засегнати страни. Во конкретниот случај, станува збор за обемен законски текст, кој има вкупно 74 членови (особено ако се има предвид дека Законот за минерални суровини има вкупно 146 членови), кој, покрај усогласувањето со новиот Закон за прекршоците, предвидува  менување на повеќе одредби од суштинско значење за работењето на компаниите, - посочи претседателот на МАР, Николајчо Николов.

Николов посочи дека ниту МАР, ниту компаниите кои работат во овој сектор – концесионери за различните видови на минерални суровини, не беа вклучени на каков и да било  начин во процесот на изготвување на ова законско решение и немаа можност да се произнесат по содржината на предвидените законски измени, во однос на чија содржина имаат повеќе забелешки.

При тоа, Николов потенцираше дека повеќе одредби од предложениот текст на законот се нејасни и непрецизни и оставаат простор за субјективно и арбитрерно постапување на надлежните државни органи во постапките кои се спроведуваат согласно Законот за минерални суровини, што за компаниите кои работат во овој сектор создава правна несигурност. Ова особено се однесува на предложените измени во членот 51 од Законот за минерални суровини, кои ги доуредуваат основите за еднострано раскинување на договорот за концесија. Овие одредби се конфузни и недоречени, содржат повеќе непрецизности и оставаат премногу широки дискрециони овластувања за еднострано одлучување на концедентот да го раскине договорот за концесија. Така, на пример, не се предвидени никакви критериуми и не е пропишана постапка во која договорот би можел да се раскине според основот кој се предлага да биде додаден  - ако со вршењето на експлоатацијата на минералната суровина е нарушен јавниот интерес, безбедноста и здравјето на локалното население. При тоа, треба да се има предвид дека компаниите од овој сектор имаат интегрирани еколошки дозволи „А“ или „Б“, издадени од Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно кои континуирано се вршат контроли и проверки на ефектите од работењето на овие деловни субјекти врз животната средина. Компаниите кои работат во овој сектор во своето работење имплементираат највисоки светски стандарди, со што обезбедува ефикасност, заштита на животната средина и здравје и безбедност на своите вработени.

Поради наведеното, со оглед на комплексноста на предвидените одредби и можните ефекти врз работењето на компаниите од овој сектор, МАР повика веднаш да биде стопирана постапката на усвојување на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини и соодветно да биде спроведен процес на консултации со засегнатите страни пред да се пристапи кон измени на законскиот режим на концесиите во Република Северна Македонија.

д-р Татјана Штерјова