Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и НЛБ Банка Скопје потпишаа договор за финансиски пакет од 8 милиони ЕУР за зголемување на конкурентноста на компаниите и за подобрување на енергетската ефикасност во резиденцијалниот сектор
➢ Актуелно (16.09.2020)
👁 Прочитано: 825



Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и НЛБ Банка Скопје потпишаа договор за финансиски пакет од 8 милиони ЕУР за зголемување на конкурентноста на компаниите и за подобрување на енергетската ефикасност во резиденцијалниот сектор

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и НЛБ Банка Скопје, денес промовираа две нови кредитни линии во вкупен износ од 8 милиони евра наменети за зголемување на конкурентноста на компаниите и за подобрување на енергетската ефикасност во резиденцијалниот сектор.

Финансискиот пакет се состои од: 1. Кредитна линија од 5 милиони ЕУР од Програмата за поддршка на конкурентноста на локалните мали и средни претпријатија, за инвестиции за надградба на производните капацитети во насока на зголемена комплементарност со различните ЕУ Директиви во областа на заштита на човековата околина, безбедноста на работниците и квалитет на производите, како и сигурност во работењето. Оваа програма е поддржана од Европската Унија и НЛБ Банка ќе биде петтата македонска банка која ќе се приклучи на истата; и 2. Кредитна линија од 3 милиони ЕУР од Програмата за финансирање на зелена енергија за поддршка на инвестициите во зелени технологии, материјали и решенија во станбени згради и домови во приватна сопственост. НЛБ Банка ќе биде четвртата локална банка која ќе се приклучи на програмата поддржана од Европската Унија, Австрија и Инвестициската програма за Западен Балкан.

Анди Аранитаси, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија на денешниот настан изјави: Среќни сме што денеска НЛБ Банка стана дел од Програмата за поддршка на конкурентноста и Програмата за финансирање на зелена економија. Програмата за поддршка на конкурентноста е програма развиена од ЕБОР и ЕУ, преку која локалните мали и средни претпријатија се поддржани во достигнување на ЕУ стандардите во три клучни области: заштита на човековата околина, здравје и безбедност, како и квалитет на производи; области каде сакаме македонските претпријатија да се издигнат, бидејќи се стремат кон интеграција во регионалните и Европските пазари. Програмата за финансирање на зелената економија се фокусира на кредитирање на побарувачката за енергетска ефикасност од страна на граѓаните, која продолжува и воовие времиња на предизвици, но ние остануваме да им бидеме на располагање на клиентите во поддршка на зелената транзиција на Северна Македонија.”

Антонио Аргир, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка изјави: „Обезбедувањето на овој финансиски пакет е од особена важност за нашите клиенти затоа што ќе им се обезбеди полесен пристап до средства за финансирање на проекти за обновливи извори на енергија, остварување на енергетски заштеди и заштита на животната средина. Со новите кредитни линии ќе ја збогатиме понудата на Банката со нови кредитни продукти и силно веруваме дека истите ќе побудат интерес кај македонските компании и населението.  Склучувањето на овој договор е уште еден доказ за успешната соработка која низ годините ја градиме со ЕБОР и нашата заедничка мисија да обезбедиме континуирана поддршка на растот на македонската економија“.

Аргир додаде дека со оваа конкурентна кредитна понуда прилагодена на актуелните потреби на пазарот продолжува континуираната долгогодишна соработка меѓу ЕБОР и НЛБ Банка. Преку неа Банката успешно  ја потврдува својата позиција на промотор и поддржувач на растот на локалните бизниси и воопшто населението. Со овие продукти, клиентите истовремено ќе имаат помали трошоци заради енергетските заштеди, но и ќе добијат одреден процент на поврат на средства по успешно реализираната инвестиција.

ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над €2 милијарди во 134 проекти во земјата. ЕБОР одлучно одговори на пандемијата и сега е посветена на насочување на активностите во справување со економските последици од КОВИД-19, со вкупен пакет на поддршка од €21 милијарда, до крајот на 2021 година.

НЛБ Банка АД Скопје има значајно искуство во пласирање на кредити од ЕБОР, кои им помагаат на бизнисите и домаќинствата во подобрување на енергетската ефикасност и поттикнување на конкурентноста. НЛБ Банка АД Скопје е една од трите најголеми македонски банки, со мрежа од 52 експозитури на национално ниво, преку која ќе се пласираат средства од оваа кредитна линија.

НЛБ Банка АД Скопје е долгогодишна членка на Стопанската комора на Македонија и активно е вклучена во работата на органите и телата на Комората.

Служба за информирање при Комората