Запознајте ги членовите на нашиот Управен одбор - ВИКТОР МИЗО, „КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА”
➢ Актуелно (11.08.2020)
👁 Прочитано: 1248



Запознајте ги членовите на нашиот Управен одбор -  ВИКТОР МИЗО, „КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА”

 

Германски „Костал“ e светски позната компанија за производство на електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија, а својата успешна приказна ја започнува во 1912 година како семејна фирма. Со интернационализација на производството отпочнува во  седумдесеттите години од минатиот век отварајќи ја првата фабрика во Мексико, а во 1978 година започнува со производство на електроника за автомобили. Денес, компанијата е присутна на 5 континенти во 21 држава, а во Македонија го започна своето производство во 2016 година во индустриската зона Косел во Охрид, откако анализираше 5 различни земји во источна Европа во период од речиси 3 години.

Во моментов „Костал Македонија“ произведуваат делови за светски познати автомобилски компании: „BMW“, „Daimler“, „Porsche“, „Rolls Royce“  „Tesla“, „Аudi“, „Volkswagen“, „Seat“ и „Skoda“. Следејќи го светскиот тренд на  производство и побарувачка за електрични автомобили, фабриката на „Костал“ во Охрид  покрај софистицирани менувачи, прекинувачи и електронски контролори,  произведува и таканаречени "онборд чарџери" – брзи полначи за погон на струја. Целта на „Костал“е дел од компонентите – како металните, така и електрични и електронски делови кои се користат во "онборд чарџерите" да се купуваат од добавувачи во земјава.

Генерален директор на оваа странска компанија со технолошко напредно производство е г-дин Виктор Мизо, чија амбиција за позиционирање на нашата земја на економската карта на успешни приказни ја донесе токму и оваа инвестиција во Охрид. Неговото искуство и експертиза за економски развој како и водењето на организации за економски развој и слободни зони се само дел од неговaта експертиза.

Виктор Мизо е член на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија и член на Собранието на Стопанската комора на Македонија, за мандатниот период 2020 – 2025.

 

 

Служба за информирање при Комората