ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
16.09.2019 👁 Прочитано: 255

ПОДДРШКА НА КОМОРИТЕ И ИНСТИТУЦИИТЕ ЗА ВМРЕЖУВАЊЕ НА КОМПАНИИТЕ ПРЕКУ ЕЕН - МРЕЖАТА


Стопанската комора на Србија беше домаќин на годинешната дводневна Регионална конференција на ЕЕН - Европската мрежа на мали и средни претпријатија (Enterprise Europe Network-EEN), на која учествуваа околу 80 претставници од 6 конзорциуми на ЕЕН - мрежата и тоа од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, како и официјални претставници од Извршната агенција за мали и средни претпријатија (ЕАСМЕ) од Брисел (11-12.9.2019 година).

-Целта на конференцијата беше да се зајакне соработката и да се зголеми размената на искуства на партнерите во конзорциумот со цел да се подобрат услугите што ги нуди оваа мрежа преку институциите (коморите, универзитетите, кластерите, истражувачките центри, итн.) за поддршка на малите и средните претпријатија во развојот на иновативни идеи, трансфер на технологија, како и пронаоѓање нови пазари и деловни партнери за соработка, посочи, проф. д-р Виктор Стојмановски, проект-менаџер на ЕЕН Македонија.   
  
Во текот на изминатите 11 години, голем број мали и средни претпријатија ги искористиле услугите на конзорциумите и во европски рамки опслужени се преку 3 милиони МСП од Европа од 2008 година до сега.

  • ЕЕН помогнала во создавање на 7.000 деловни партнерства.
  • Во просек 44% од клиентите директно го имаат зголемено годишниот  обрт поради соработката со Мрежата.
  • Тројца од четворица кои се обратиле до ЕЕН успеале да излезат на нови пазари.
  • 60% од технологиите успеале да најдат излез и примена на нови пазари.
  • Со поддршка од ЕЕН 40% од малите и средни бизниси почнале нов бизнис, а скоро 50% успеале да развијат нов производ, услуга или да имплементираат новитет во       работењето.
 
За постигнатите успеси и добрите искуства на конзорциумите во ЈИЕ, на Европската мрежа на претпријатија, исто така, разговараа и претставниците на Европската комисија, Џакомо Матино, шеф на Генералниот директорат за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво за мали и средни претпријатија на Европската комисија (DG Grow), како и претставниците на Извршната агенција за мали и средни претпријатија (ЕАСМЕ) - Наталија Мартинез Парамо, директор на КОСМЕ (COSME) и Мјуриел де Гранде, директор за мониторинг и евалуација.    
 
  • 86% од клиентите на Европската мрежа на бизнис претпријатија биле задоволни од добиените услуги;
  • 93% би ја препорачале Мрежата на други компании;
  • ЕЕН овозможила 2.400 компании да аплицираат за ЕУ-фондови. 
  • Со помош на ЕЕН-Мрежата се изработени над 100.000 прегледи за технологии, интелектуални сопствености и бизниси упатени према МСП, помагајќи им во лиценцирање или     пронаоѓање партнери за технологии.

Позитивна е состојбата и во останатите земји во регионот на ЈИЕ, со што се заклучи дека поддршката на малите и средни претпријатија преку конзорциумите на институциите треба да продолжи и со појак интензитет со цел да се зголеми извозот кај малите и средни претпријатија, да се создаваат нови работни места и компаниите да остварат поголем профит. Од особено значење е да се поддржат иновативните претпријатија во создавање проектни апликации со Програмата „Хоризонт 2020“.

Мрежните услуги на ЕЕН вклучуваат деловна соработка на ЕЕН за прекугранично вмрежување, учество на меѓународни деловни состаноци, помош со трансфер на технологија, заштита на интелектуална сопственост, развој на истражувачки проекти, помош со регулативите на ЕУ, како и обезбедување информации за употреба на фондовите на ЕУ.

Европската мрежа за претприемништво е проект спроведен во рамките на Програмата „КОСМЕ“. Вкупниот буџет на Програмата „КОСМЕ“ е 2,3 милијарди евра за периодот 2014-2020 година и има за цел поддршка и промовирање на претприемништвото.

Според статистичките податоци на Државниот завод за статистика на С. Македонија, вкупниот обем на стоковната размена со странство на Република С. Македонија, за периодот I-VII-2019 година изнесува 8,55 милијарди евра и е со пораст од 13,1% во однос на истиот период лани.

Вкупната вредност на извозот на стоки, во наведениот период, изнесува 3,72 милијарди евра со пораст од 14,6%. Вредноста на увезената стока изнесува 4,83 милијарди евра, со пораст од 12%. Трговскиот дефицит изнесува 1,11 милијарди евра и истиот е зголемен за 4,23% во однос на периодот I-VII-2018 година кога изнесувал 1,06 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз, за периодот I-VII-2019 година, изнесува 77% во евра, каде истиот е зголемен за 1,7 % наспроти истиот период лани. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење за возила, авиони или бродови, како и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).

Во увозот, најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.

Според економските групации на земјите, во трговската размена со земјите од ЕУ 28, остварен е раст на извозот за 13,1% и раст кај увозот за 11,5%  (остварен дефицит од 10,7 милиони евра); со земјите од Западен Балкан, извозот е зголемен за 20,5% и раст кај увозот за 16,4%, (остварен дефицит од 22,95 милиони евра).

Во вкупниот обем на трговската размена на РСМ со светот, во нејзината структура ЕУ-28 учествува со 71,53%, додека пак ЗБ-6 со 9,87%. Од вкупниот реализиран извоз 82,06% е насочен кон ЕУ-28, а кон ЗБ-6 со 11,03%;  63,42% од вкупниот увоз се реализира од земјите на ЕУ-28, додека пак увозот од ЗБ-6 структурно учествува со 8,97%.

Податоците за вкупната надворешно-трговската размена на Република С. Македонија со странство, во изминатите седум месеци од 2019 година, покажуваат позитивен тренд на остварувањата (со раст од 13,1%), што укажуваат на позитивна динамика кај активностите на македонското стопанство, што се потврдува и со растот на извозот - од 14,6% за анализираниот период.

Учеството на извозот во ЕУ-28 достигна 82,06%, со раст од 13,1%, а посебно е забележан раст во извозот кон Германија од 22%, со што е остварен суфицит во трговската размена за периодот I-VII-2019 година од 1,28 милијарди евра. Оттука, за наведениот кумулативен период, 49,1% или скоро половина од вкупниот македонски извоз е насочен кон Германија, каде гледано од аспект на надворешната трговска размена, претставува еден високо сконцентриран извозен пазар, при што и одредени помали девијации во нивната економија би можеле да имаат негативни реперкусии врз нашата земја, имајќи предвид дека сме мала и увозно зависна држава.

м-р Ирена Мојсовска

ПОДДРШКА НА КОМОРИТЕ И ИНСТИТУЦИИТЕ ЗА ВМРЕЖУВАЊЕ НА КОМПАНИИТЕ ПРЕКУ ЕЕН - МРЕЖАТА