ПРЕКУ УЧЕЊЕ ОД ДАЛЕЧИНА ДО КАДАР ЗА БИЗНИСОТ
👁 Прочитано: 2055



ПРЕКУ УЧЕЊЕ ОД ДАЛЕЧИНА ДО КАДАР ЗА БИЗНИСОТ

Останува уште неполн месец до почетокот на учебната 2020/2021 година. Пандемијата со корона вирусот не стивнува, но тоа не значи дека не треба да се размислува за реализација и одржливост на образовниот процес. На стопанството ќе му биде потребен кадар и за справување со последиците од корона вирусот, но и развој на економијата по корона вирусот. Затоа мора сериозно да се размислува за реорганизирање на наставниот процес. Се нудат сценарија: од настава во училница, учење од далечина, па сè до комбинирано учење со лимитиран број на ученици. Се подготви Концепт за учење од далечина, но како сомнеж се јавува прашањето: Дали се направи планирање и сериозна организација во текот на овие месеци пред почетокот на новата учебна година?

За препораките, кон што треба да се насочиме за непречено реализирање на наставниот процес и ваквиот вид на учење за да се обезбеди квалитетен кадар, неопходен на стопанството, пишував во списанието ,,Економија и бизнис. Тоа бара примена на дигиталната технологија во наставата и нови техники и методи на учење, а следни чекори за успешна реализација се:

  • Анализа на потребите и ресурси (платформа, опрема, алатки и човечки капитал)  за учење од далечина, посебно анализата за потребите и можностите за реализација на учење од далечина во средното стручно образование, или техничките факултети во делот на практична настава. Токму тука е улогата на компаниите, кои треба со своите расположиви капацитети да бидат поддршка на училиштата.
  • Организирање тимови од наставници и претставници од компаниите за  подготовка и организација на учење од далечина.
  • Обезбедување потребна опрема и алатки  (паметен телефон, таблет, компјутер и пристап до Интернет од дома), што ќе им овозможи на учениците да учат и работаат од дома.
  • План и распоред за учење, правила кога и како да се реализира, начинот на набљудување и проценка на постигнатите знаења. Наставата ќе се одвива според распоредот на часови. Реализација на практична настава наједноставно може да се врши преку снимени секвенци од работниот процес и снимени вежби од страна на наставникот или менторот.
  • Обука на наставниците за реализација на ваков вид на учење: Стилот на работа на наставниците, ќе се менува и затоа се потребни дополнителни обуки за развивање вештини за ваков вид учење.
  • Обука на учениците за реализација на ваков вид на учење: За да се сфати сериозноста и посакуваниот ефект од ваков вид настава на почетокот на учебната година потребна е обука на учениците.
  • Систем на следење и за наставниците и за учениците - за наставниците и професорите колку редовно ги одржуваат часовите и за учениците дали присуствуваат на наставата.
  • Оценувањето на резултатите ќе се одвива преку активност на часот, изработки на домашни задачи, истражувања и проекти, тестови итн. Вештините од практична настава учениците ќе ги покажат во посебни термини во училишните лабаратории или работилници.(или во компании во близина на градот во кој живеат). Училиштето и компаниите однапред имаат договор за реализација на прктичната настава или пак само можност за проверка на практичните вештини од стручната област.
  • И се разбира не треба да се заборави на примената на Протоколите за однесување.

Можеби е голема бројката на чекори кои треба да се преземат, тоа не треба да не исплаши. Потребна е само повисока стапка на вклученост и посветеност на сите субјекти во образовниот процес, не искучувајќи ја улогата на компаниите во делот реализација на практична настава.

 

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија