ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија
   
10.08.2019 👁 Прочитано: 1372

ПЕШЕВ, АРБИТРАЖА, СУД НА ЧЕСТА...


Полека, но сигурно летните одмори како да им го отстапуваат просторот на политичките случувања, кои, пак, требаа оваа година да бидат во сенка на економските активности. Во последната моја порака до членството кажав дека Комората е кадровски и програмски подготвена да се соочи со сите предизвици. Како со тоа да ги предизвикав новите искушенија. Констатацијата дека нема економски реформи без „владеење на правото“ деновиве целосно се потврди на дело. Нацијата наместо со економските реформи е преокупирана со случајот „Рекет“, кој секојдневно потврдува колку се оштетени темелите на државата. Констатација – м-р Антони Пешев, претседавач со Собранието на СКМ, и понатаму останува единствениот владин функционер во последните 30 години што има поднесено оставка од морални причини. Ете го примерот што треба да се следи во оваа кризна ситуација.

Што се однесува до „владеењето на правото“, мислам дека работата е повеќе од јасна. Правосудниот систем мора да се соочи со „удар во чело“. Не реформирање, туку распуштање е тој одлучен чекор. Ги реформираме 30 години (добија самостоен буџет, посебен судски и обвинителен совет, своја академија, пристојни плати...) и повторно „дупло голо“. Затоа, или распуштање или крај на нашите идеали за градење современа држава. Тука има многу работа и за нас. Алтернативата на ваквиот правосуден систем мора да биде и арбитражниот суд при СКМ. Ова е момент кога компаниите мора да одговорат со силно прифаќање на арбитражната клаузула во своите договори, која како сериозна алатка, што им стои на располагање, не е доволно искористена. Ги повикувам сите компании во Македонија да ја прифаќаат арбитражата како алтернатива и како начин на оцена на состојбите во правосудството во овој момент.

Судот на честа при СКМ, „заспаната алатка“, мора да се разбуди. Во западните комори тој претставува многу сериозна институција. Рекетирани бизнисмени, инволвирани бизнисмени, дезориентирани бизнисмени – има еден куп во актуелните случувања. Мора да се разграничи кој е тука жртва, а кој активен чинител во кршењето на моралните норми на бизнисот. Но, исклучиво во функција на целите за кои егзистираат судовите на честа. Никако надвор од тоа. Конкретно, тоа значи дека определена компанија, наша членка, со своето однесување не смее да им прави штета на другите, рушејќи ја сопствената репутација и репутацијата на другите компании во рамките на Комората. Ваквата ситуација е идеална причина за уште поголемо наше ангажирање и ориентирање кон економијата. Совршено е јасно дека е тоа патот за излез. Ние како најголема и како најбројна бизнис-заедница сме повикани да бараме целосно ориентирање кон економијата. Одлучно, јасно и упорно. Тоа е единствено нешто што нѐ обединува. Сѐ друго „мириса“ на поделби и на конфликти.

П.С. Изминативе недели имав безброј јавувања од бизнисмените што го следат нашиот портал, со прашање зошто не се менуваат сликата и видеото на неделата. При толку настани во изминатиов месец, да не се достави нова слика и ново видео значи само неодговорност на луѓето што се задолжени за тоа и на оние што треба да ги контролираат.